Носете одлуки поради кои нема да се каете

Сакале или не, секоја одлука во даден момент носи со себе ризик дека не е вистинската. Но ретко кога можеме да го пресметаме тоа со мала веројатност на грешка, па се случува и да погрешиме. Но она што е важно е да не се каеме за одлуката која ќе ја донесеме, односно тоа да биде одлуката која би ја носеле повторно и повторно кога би се нашле во истиот тој даден момент. Еве како да го правите тоа.

(1)-nosete-odluki-poradi-koi-nema-da-se-kaete-kafepauza.mk

1. Преспијте пред да одлучите

Во ек на возбуда, луѓето тежнеат кон носење на избрзани и, често, погрешни одлуки. Затоа не избрзувајте. Преспијте и почекајте да видите дали утрото ќе ви донесе нова перспектива. Па ако и утре го имате истиот став и размислување, донесете ја одлуката.

2. Оставете си време за размислување

Повторно, не избрзувајте, особено ако не сте 100% сигурни во тоа што сакате да го направите. Дајте си го себеси потребното време да ја донесете вистинската одлука. Тоа може да бидат часови, денови или месеци. Она што е важно е одлуката која ќе ја донесете да биде таква што дури и кога би се вратиле назад во времето, вие пак би го одлучиле истото.

3. Ставете ги фактите ЗА и ПРОТИВ на вага

Некогаш сте на крстопат бидејќи не знаете кое решение е попаметно. Сакате да направите едно, па по некое време се премислувате и се решавате за друго. Во такви ситуации, најдобро е да ги напишете сите ЗА и ПРОТИВ на лист хартија и да видите што всушност тие ќе ви кажат. Согледајте што добивате и што губите доколку донесете една или друга одлука и ќе знаете што треба да правите.

4. Побарајте совет

Свежа перспектива не е никогаш на одмет. Мислите дека знаете сѐ и дека сте го согледале проблемот од секоја можна гледна точка, но веројатноста за тоа е многу мала. Мислењето од страна може да ви понуди перспектива која не ви ни паднала на памет, а која може да влијае многу на вашето мислење. Совет од пријател, член на семејството или колега некогаш знае навистина да помогне.

5. Размислете како одлуката ќе ви влијае понатаму

Секогаш земајте ги предвид последиците. Што и да одлучите и колку и да е банална проблематиката за која станува збор, одлуката секогаш носи некакви последици со себе. Луѓето често забораваат на овој фактор при носење на важни одлуки, па оттука и каењето после донесувањето. Влијанието на последиците врз вас и вашите блиски игра голема улога во носењето на самата одлука, па како такво не треба никогаш да го испуштите.

Секој прави грешки. Сите ние сме се нашле во ситуација кога посакуваме да сме избрале поинаку. Некогаш имаме шанса да го направиме тоа, некогаш не. Факт е дека живееме со одлуките кои ги носиме и на патот кој сме го избрале. Но исто така е и факт дека можеме да влијаеме на тоа да носиме подобри одлуки, па ако ништо друго, барем малку да си го поедноставиме животот.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар