Незаборавен викенд со пријателките

Автор: Бојана Мандевска

Летото е време за опуштање и уживање. Земете го телефонот, јавете им се на најблските пријателки и договорете заеднички викенд. Не мора да го напуштате градот или да одите некаде надвор од државата. Соберете се во нечиј стан или куќа и забавувајте се.

Незаборавен викенд со пријателките

Секојдневната рутина и обврски оставете ги настрана и дозволете си дводневна оддишка.

Договорете се дружбата да ја започнете во петок во 17 часот. Викендот нека ви започне со освежителни коктели. Експериментирајте и тестирајте ги своите барменски способности. Коктелите ќе ве опуштат уште на самиот почеток од забавата и ќе ве зближат. За вечера нарачајте си пица, јадете со раце исто како кога бевте деца и бар за момент заборавете на приборот за јадење. Верувајте ќе ви биде забавно и смешно. Потоа вечерта продолжете ја со играње некоја друштвена игра, јамб, карти, монопол, вистина или предизвик. Изборот е ваш. На ред е филмскиот маратон. Одберете 3 филма. Акција, драма или романса и на крај комедија.

Незаборавен викенд со пријателките

Време е за спиење или подобро речено време е за „пижама парти“. Уживајте во удобноста на пижамите и благодетите на сонот, утре ве чека „напорен“ – екстра забавен ден. Доколку не сте уморни, добро ќе ви дојде и мала борба со перници.

Незаборавен викенд со пријателките

Време е за будење. Откако ќе го испиете утринското кафе, читајќи го дневниот хороскоп и толкувајќи ги синоќешните соништа, време е да се подготвите за „мал“ шопинг по локалните продавници. Нема ништо поинтересно од неколку откачени женски кои пазарат заедно. Потоа следува саботниот ручек со пријателките во омилениот ресторан – бесценет момент.

Откако ќе си ја повратите енергијата и ќе се одморите од шопингот одете на масажа, во сауна или пак на фризер. Ќе се вратите дома среќни и задоволни и подготвени за саботна журка. Спремете си вкусно кафе или сладолед и раскажете си ги впечатоците од шопингот или дозволете си мало „трачарење“. На ред е мала модна ревија и заедничка мејкап-сесија. Супер. Спремни сте за вечерната забава во локалните кафулиња, клубови или дискотеки. Може да одите и во казино доколку сте љубителки на ризикот.

Одберете неколку ноќни локали кои имаат различна забавна музичка содржина. Шетајте и уживајте во ноќната забава на вашиот град. Доколку заглавите ноќта, не легнувајте си, чекајте го изгрејсонцето во друштвото на вашите најблиски пријателки – вашите сестри по душа.

Незаборавен викенд со пријателките

Легнете и поспијте само неколку часа. Откако ќе се разбудите појадувајте заедно, напијте се кафе и раскажете ги интересните моменти од претходната вечер. Мало опуштање одлично ќе ви дојде. Може и да ги разгледате старите албуми, споменари, алманахот од средно училиште, да се навратите на минатите денови и за момент да ги заживеете старите спомени. Дозволени ви се и водени лудории, дали тоа ќе биде капење во базен или пак езеро, прскање со пиштоли на вода, одлучете сами.

Незаборавен викенд со пријателките

Потоа засукајте ги ракавите и подгответе си вкусен ручек. Со здружен труд ќе завршите побрзо, а и позабавно е. Пред ручекот може да направите и дегустација на неколку видови вино. Ако куќата во која сте сместени има голем двор или пак станот има голема тераса можете ручекот да го послужите таму.

Еден вака добар викенд не смее да заврши без караоке-забава. Пуштете ги вашите омилени песни и пејте, танцувајте и уживајте во моментот. Завршете го викендот со песна. Одберете си своја заедничка песна која ќе биде ваш хит сè до следниот женски викенд.

И за крај, совет плус – не заборавајте го фотоапаратот. Овековечете го секој момент од овој прекрасен викенд, одберете си ја омилената фотографија и врамете ја.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар