Некогаш… и сега

Некогаш многу одамна, момите излегувале на сред село, да наполнат вода во бардето, и така си се бендисувале со момчињата (исто како во приказните). Убавини. Селски носии, марама околу главата и цвет над увото. Природа. Само лицето ѝ го гледа и се заљубува. Ете ваква една идила ми поминува низ глава секогаш кога ќе го видам девојчето во селска носија на опаковката на наше, македонско млекце или јогуртче. Или пак, сликата од мојот охридски крај, момите перат облека во езерските води, а момчињата поминуваат со кајче и ги задеваат (морам така малку филмски да го опишам од мерак). Ах леле. Веднаш ме потсетува на оние убави звуци на староградските песни. Билјана платно белеше на охридските извори… Толку си ги сакам приказните и легендите за Билјана, што не пропуштам да им ги раскажам на дојденците во нашата убава Македонија.

Некогаш... и сегаАма Билјанчето од 21-ви век не се малтретира да пере алишта. Денешната Билјана си отвара профил на Фејсбук, си става слика облечена во кратко здолниште или тесни фармерки и се допишува со јакиот тип со слика од теретана. Сега, и јас нејќам да мрчам. Фала Богу, времињата си се менуваат. Да останеме во 19-ти век па и тоа не го бива. Арно ама, и многу работи од денешницата не ги бива.

Дали мајката на тоа 14-годишно девојче знае дека ќерка ѝ има слика каде е облечена во минич и високи потпетици? Кога јас имав 14 години, уште си ги немав купено првите штикли, со другарките дома не се прибиравме за време на летниот распуст, одевме пешки до плажа, пешки назад, а вечерта шетавме покрај езеро и зборувавме за тие што ни се свиѓаа… Денешните 14-годишни веќе се возат во џиповите на своите постари дечковци. Што спомени ќе имаат тие од детството или раното тинејџерство? Чекај, па кое детство?

Јас само се прашувам дали тие имаат родителски надзор? Постојат 2 опции, или нивните родители абер немаат дека ќерка им е Фејсбук-лепотица, или уште пострашно, знаат и се гордеат. „Убава таа на мајка, најубо си ми испадната, лепотиче моеее!“ Абе не за бадијала старите рекле дека ќотекот од рајот е излезен. Ама ќотек велам за родителите во овој случај, децата за ништо не се криви. На крајот на краиштата, таа е уште дете.

Колкав дел од родителите се свесни дека нивните ќерки ги даруваат манијаците со нови фотографии најмалку петпати неделно? Или дека се допишуваат со некој кој демек е Бојан и има 16 години, а може и да биде Смиљан и да има 50. Страшно ви звучи? Ич да не се тревожите за ова, реалноста е многу пострашна.

До следното читање,

Вашата Ели.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар