Не оценувај ја книгата според кориците

Не можеш да кажеш такво нешто во свет каде корицата е сè. Еве на пример, неодамна прочитав за некој познат дизајнер на вагини (да, добро прочитавте), кој прво ја „скоцкал“ неговата пациентка, и откако ја направил „совршена“ ја побарал за жена. Самите велат дека тоа било љубов на прв поглед. Ха! Сериозно? Речиси ништо на неа не е природно, од глава до пети е „поправена“, а плус како капак на сè внимавал на нејзината тежина за да остане „совршена“.

Мислам да, баш супер изгледаат заедно, ги видов и на слика. Ама нашите баби и прабаби раѓале во просек по 4 деца, а нивните мажи не пробале да ги разубават или „поправат“ бидејќи телата не им биле цврсти и тонирани. Има нешто што се вика вистинска љубов, и тоа постои, но како што минува времето, ми се чини дека е сè поретка и сè попогрешно дефинирана.Не ја оценувај книгата според корицитеДа не се разбереме погрешно. Убаво е да обрнуваш внимание на својот надворешен изглед. И нема некој кој не се труди да биде среден и убав, кој повеќе, кој помалку. Да не се лажеме, ако не ти беше воопшто гајле, ќе се шеташе по пижами, а и тоа не чини. Ја слушам сестра ми како вежба водена од инструкциите на некој онлајн тренер, и нерви ми кине, ама ѝ се восхитувам на вложениот труд и на издржливоста. Сепак, грижата за изгледот и сопственото здравје лесно можат да преминат во опсесија. Е тоа не е во ред. Граница постои и мора да ја повлечете.

Ќе иташ кон тоа глупаво совршенство сè додека не изгубиш допирна точка со твојот природен изглед. Била позната и убава водителка, ама сакала да биде уште поубава па сега е анорексична и изгледа како жив скелет. Зошто би си го направиле тоа себеси? Убавината е во нас и во начинот на кој зборуваме, се движиме, јадеме, го искусуваме животот чекор по чекор. Не можеш цел живот да го поминеш затворен во твојот мал свет каде ќе бидеш опседнат со изгледот и со тоа дали изгледаш подобро од оние околу тебе, наместо слободно да излезеш, да го покажеш своето јас, просто да уживаш во животот, колку и да звучи како клише.

Пред една година ми рекоа дека морам да носам наочари. Јас ги носев ретко. Зошто? Мислев дека не ми стојат добро. Сега ми е дијагностицирано влошување на видот. По купувањето на новите наочари се погледнав во огледало и си плеснав едно најискрено – ГЛУПАЧКА. Да си упропастиш вид бидејќи не ти стоеле наочарите добро. Имаш ли ти пилешки мозок?

Без разлика на моделот, наочарите нема да ти стојат добро ако ти не се гледаш со поинакви очи. Сè што мислите дека претставува некаква маана во вашиот изглед, носете го како да е ваша најголема предност. Така се гради сопствен стил. Така ќе се ослободите од глупавите мисли кои ве влечат назад и ви кажуваат дека, во светот на сите совршени лица од насловните страни, вие не сте убави. Вие сте дупло поубави од сите нив… помножени по двесте. Бидејќи така се чувствувате и тоа го мислат за вас оние најблиските, всушност оние чие мислење се важи.

Ели



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар