Најпознати суеверија поврзани со љубовта

Дали имате среќни обетки кои ги носите на прв состанок или важна средба? Дали чекате три дена пред да ù се јавите и да ја повикате на состанок личноста со која сте се запознале? Како за сè останато, така постојат суеверија за љубовта. Многумина не веруваат во нив, но сепак ги прават смеејќи се самите на себе. Верувањата во вакви суеверија ни помагаат кога сме исплашени и несигурни, ни даваат чувство дека имаме некаква контрола над нашата судбина. Кои се најпознатите суеверија поврзани со љубовта и од каде влечат корени?

Најпознати суеверија поврзани со љубовта

Ме сака, не ме сака – Сигурно макар еднаш сте зеле цвеќе и сте почнале да му ги кинете листовите велејќи: „Ме сака, не ме сака“. Тоа е како цвеќето да ви го дава одговорот кој го очекувате, а доколку не ви се допаѓа одговорот, секогаш можете да скинете друго цвеќе. Верувале или не, ова суеверие влече корени уште од средновековна Франција, каде се играла играта наречена effeuiller la marguerite, што во превод би значело кинење маргаритка. Во денешно време, најчесто тоа го прават девојките, но не само маргаритката, туку и кое било друго цвеќе може да ви заврши работа. Исто така, слично на ова е играта со јаболкото, кое го вртите држејќи го за дршката и изговарајќи ги имињата на симпатиите. Оној на чие име ќе се откине дршката е вистинскиот за вас.

Фрлање паричка во бунар – Освен што се извор на вода, бунарите се места каде се замислуваат желби. Во минатото жените фрлале паричка во бунар и си замислувале желба, најчесто посакувајќи сопруг или деца. Ако после тоа си го виделе сопствениот одраз во бунарот, тоа е знак дека желбата ќе се исполни. Во денешно време сè уште постојат вакви и слични верувања, некогаш луѓето фрлаат паричка иако и самите се свесни дека не е логично исполнувањето на нивната желба да зависи од тоа.

Најпознати суеверија поврзани со љубовта

Чекај три дена пред да ја побараш – Ова најчесто го гледаме во филмовите, но некои од момците навистина преферираат да чекаат неколку дена пред да ја побараат девојката со цел да не остават впечаток дека се очајни. Оваа теорија, добро ја „разработи“ Барни од серијата „Како ја запознав мајка ви“, поврзувајќи ја дури со Исус кој чекал три дена за да воскресне. Сепак, на вас останува колку дена ќе чекате и дали воопшто ќе ја употребите во пракса оваа теорија на Барни.

Ставање бонбонче под перница – Сигурно сте чуле дека свадбеното бонбонче кое ви го дала невестата треба да го ставите под перница за да го сонувате вашиот иден сопруг. Друга варијанта е ставање дел од свадбената торта под перница со истата намера – на сон да ви се појави оној вистинскиот. Ваквите верувања за првпат се појавуваат во Англија во 17-ти век.

Најпознати суеверија поврзани со љубовта

Фрлање ориз над младоженците – Ваквата традиција потекнува од старите хебрејски, асирски и египетски култури и верувања, каде оризот бил симбол на плодност и добра среќа. Во Кина се верувало дека оризот ќе им го одвлече вниманието на злите духови со цел да не ги чепкаат младоженците. Во зависност од различните обичаи, во денешно време кај нас по младоженците се фрла со ориз, ситни парички или бонбони.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Katie Reply

    A kako bi izgledalo toa torta da se stavi pod pernica :O

    • Jackie Reply

      И јас се чудам, хаха!!!

Остави коментар