Најдобро чуваната тајна за успешна љубовна врска

Според Адам Грант, најпопуларниот и најмладиот професор на факултетот Вортон и автор на книгата „Give and Take: A Revolutionary Approach to Success“, луѓето можат да се поделат во 3 одделни категории: оние кои даваат, оние кои балансираат и оние кои земаат. И покрај тоа што книгата на Грант е напишана во областа на бизнисот, неговите теории овозможуваат исклучителен поглед на романтичните врски. Вашата категорија може да го детерминира успехот и среќата на вашата врска.

Најдобро чуваната тајна за успешна љубовна врска

На пример, дали сте имале романтична врска која ве натерала да се чувствувате како да не сте доволно добри? Дали некогаш сте биле искористени од страна на романтичниот партнер? Дали сметате дека некогаш сте дале сè што сте имале на една личност и потоа сте се чувствувале како да сте останале без ништо? Доколку се пронаоѓате во овие прашања, тогаш можеби спаѓате во категорија на романтични партнери кои даваат.

За да можете да дознаете во која категорија спаѓате и според тоа да одредите кој е најдобриот начин да ја водите вашата врска, продолжете со читање…

3 видови романтични партнери

Примарната мотивација на давателите е да се грижат за другите, да се осигураат дека сите се добро и да придонесуваат во животот на луѓето како и во општеството. Во врската, овие луѓе секогаш размислуваат како да го изненадат својот партнер со подароци, постојано ги земаат предвид неговите/нејзините интереси и секогаш прашуваат „Што друго можам да направам за тебе?“

Грант во својата книга вели дека секој би сакал покрај себе да има личност која дава бидејќи тие се постојано подготвени да помагаат. Давателите на врската гледаат како на можност да дадат нешто и да се грижат за некого. Личностите кои даваат најчесто мислат дека нешто не е во ред со нив кога се несреќни во врската. Тоа се оние личности кои сметаат дека не се доволно добри затоа што преземаат лична одговорност за неуспехот на врската, наместо да го бараат делот од вината и кај својот партнер. Тие најчесто завршуваат изморени и истрошени од константното жртвување за врската во која не добиваат доволно поддршка од својот партнер.

Балансерите имаат тенденција да одржуваат рамнотежа во врската. Кога тие нешто даваат тоа го прават со очекување дека ќе добијат нешто за возврат. Додека пак, кога нешто добиваат тие чувствуваат дека треба и тие нешто да дадат. Оние кои балансираат се онаков вид луѓе кои постојано помнат кој што направил и гледаат на врската како на комерцијална трансакција. Тие најчесто би кажале нешто како на пример, „Јас го направив ова за тебе, но ти не го направи истото за мене.“ Или пак, „Ти плати за тоа, така што сега јас ќе платам за ова.“

Земателите се… па, оние кои едноставно земаат. Тие најчесто добро ги третираат луѓето само доколку можат некако да им помогнат во постигнувањето на своите цели. Интересно е тоа што Грант посочува дека тие најчесто на прв поглед се перципираат како најшармантните и најхаризматичните луѓе. Оние кои земаат знаат точно како да се однесуваат со луѓето и како да ги заведат, но длабоко под површината тие всушност се мотивирани од личниот интерес.

Овие луѓе многу лесно можат да се препознаат – тоа се оние кои многу лошо ги третираат личностите од кои не гледаат никаква корист. Доколку сте во врска со земател, има големи шанси вие постојано да се чувствувате „исцедени“ (без разлика дали станува збор за пари, чувства, време…). Откако тие ќе земат сè што им е потребно од вас, многу брзо ќе ве потиснат во „неважната“ сфера од својот живот. Примарниот фокус на земателите е кон себеси.

Најдобро чуваната тајна за успешна љубовна врска

Па, кој е најуспешен, а кој најмалку успешен во љубовните врски?

Грант вели дека давателите се оние кои се најсреќни и најуспешни во љубовните врски. Но, тогаш кои би биле најмалку успешни? Грант повторно вели давателите. Би се запрашале зошто? Оние кои даваат успешно учат како да го контролираат светот кој е составен од балансери и зематели. Сите ги сакаат оние кои даваат, им веруваат и ги подржуваат во сè. Но, некои даватели едноставно не успеале да научат како да се снаоѓаат во овој свет и како последица на тоа најчесто завршуваат искористени. Адам Грант вели:

„Во најуспешните врски, и двајцата партнери се даватели. Со други зборови, доколку една романтична врска функционира, балансерите и земателите се фокусирани на давањето. Можеби партнерите го прават тоа на различен начин, но и двајцата се подготвени да се поддржуваат меѓусебно без да чекаат ништо за возврат. Но, кога работите ќе излезат надвор од контрола, мислам дека сите ние стануваме балансери.“

Замислете љубовна врска во која и двајцата партнери постојано се грижат за нивните меѓусебни потреби. И кога ќе настане караница, и двајцата веднаш велат „Извини, јас бев виновен/на“, и потоа разговараат смирено за проблемот притоа внимавајќи да не го повредат другиот. Со други зборови, доколку најдете личност која навистина ви значи, тогаш без разлика на тоа дали некогаш сте биле зематели или балансери, вие ќе почнете да се борите за вашата врска така што ќе станете даватели. Доколку и вашиот партнер го чувствува истото за вас, тогаш и тој/таа ќе ви возврати на истиот начин.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар