На успешните луѓе им треба еден ден да го постигнат она што другите го постигнуваат за цела недела

Сите познаваме некој кој работи со полно работно време, волонтира, има успешен блог и некако успева да најде време и за да пазари, да готви вкусни и здрави оброци, да негува успешна љубовна врска, да го шета своето совршено куче и да тренира за полу маратон. Овие преамбициозни луѓе имаат исто толку часови во текот на денот колку и сите ние, но секогаш успеваат да направат повеќе работи од нас. Како го постигнуваат тоа? Ова се карактеристиките што ги издвојуваат од „обичните“ луѓе…

На успешните луѓе им треба еден ден да го постигнат она што другите го постигнуваат за цела недела

Целосно се посветуваат

Што и да правите во моментов, внесете се целосно во работата. Посветете се. Кога ќе ги видите спортистите на Олимпијада како прескокнуваат пречки со натчовечки способности, дали тие ви делуваат деконцентрирано? Не, тие се 100% посветени на моменталната задача. И како што можете да забележите од нивниот успех, посветеноста води кон совршенство.

Па, што да направите кога ќе забележите дека вашите мисли почнуваат да лутаат наоколу? Џош Паис, тренер на актери, јавни говорители и претприемачи, советува гласно да извикате „Се вратив!“ секогаш кога вниманието ќе ви биде одвлечено. Можеби ќе добиете неколку чудни погледи од луѓето околу вас, но оваа техника навистина ќе ви помогне да си го вратите фокусот.

Не прават повеќе работи одеднаш

Во моментов, веројатно го имате отворено вашиот имејл, Инстаграм, Фејсбук, тоа урнебесно видео со мачката и вашиот омилен веб-сајт, додека истовремено се обидувате да го завршите проектот за на работа. Ова не е ништо невообичаено. Во денешно време сосема нормално е да се извршуваат повеќе работи одеднаш. Но, човечкиот ум не е способен за завршување повеќе задачи истовремено. Истражувањата покажале дека ние луѓето сме ужасни во тоа.

Кога правите повеќе работи одеднаш, губите концентрација и поголема е веројатноста дека ќе згрешите нешто. Освен тоа, ќе ви треба повеќе време да ги завршите обврските. За да можете целосно да се фокусирате, ослободете се од сите работи што ви го одвлекуваат вниманието. Тоа значи дека можеби ќе треба да го заклучите мобилниот телефон во фиока додека работите. Ви се чини екстремно? Можеби, но вреди да се обидете!

На успешните луѓе им треба еден ден да го постигнат она што другите го постигнуваат за цела недела

Ги забрануваат сите „пријателски“ прекинувања по секоја цена

Работите на некој проект, целосно сте внесени и напредувате со брзината на светлината. Тогаш, доаѓа вашиот колега и ве замолува да фрлите поглед на некој извештај. Вие го погледнувате извештајот и го давате вашето мислење. Тоа не ви одзема повеќе од 60 секунди. Ништо страшно, се согласувате? За жал, ова мало прекинување штотуку значително ја намали вашата концентрација. Ќе ви требаат околу 23 минути за да се внесете повторно во она што го правите.

Преамбициозните луѓе знаат дека прекинувањата се „убијци“ на продуктивноста и ги одбегнуваат по секоја цена. Токму затоа, многу успешни поединци работат во приватни канцеларии. Доколку работното место не ви овозможува да работите во одделен работен простор, обидете се да најдете тивко место каде што никој нема да ви додева и исклучете го звукот на телефонот.

Се дружат со други амбициозни луѓе

Сигурно сте ја чуле изреката „Ако сте најпаметниот човек во просторијата, тогаш се наоѓате во погрешната просторија“. Истото важи и за достигнувањата и продуктивноста. Постои причина зошто Бијонсе се дружи со луѓе како Опра и Обама. Кога ќе се опкружите себеси со истомисленици и со позитивна енергија, ќе можете да се издигнете на нивно ниво, но и вие да послужите како нивна инспирација.

Обидете се да го „исчистите“ вашиот професионален живот од луѓето, колегите, па дури и пријателите кои не ви ја даваат потребната енергија. Тоа не значи дека не треба да се видите со тие луѓе никогаш повторно или дека треба целосно да ги отфрлите од животот. Но, внимателно одбирајте со кого ќе го поминувате поголемиот дел од времето. Гледајте да бидете во друштво на амбициозни луѓе што е можно почесто.

На успешните луѓе им треба еден ден да го постигнат она што другите го постигнуваат за цела недела

Не ги потиснуваат емоциите

Ако им дозволите на негативните емоции како што се фрустрацијата, лутината, разочарувањето и самосожалувањето да се натрупаат во вас, лесно можете да тргнете по патот на самоуништувањето. Порано или подоцна сите тие потиснати емоции ќе избијат на површина во форма на прекумерно јадење чипс по полноќ и гледање серии по 14 часа дневно. Наместо тоа, и самите знаете дека би требало да се справите со итните крајни рокови. Ова не е воопшто добро за продуктивноста.

Амбициозните луѓе знаат како да се справат со нивните емоции на ефективен начин. Повеќето од нив имаат некаква техника што им помага да воспостават контрола врз емоциите како што е медитација или вежбање. Најдете некое хоби кое ќе ви помогне да се ослободите од товарот што го носите и ќе направи да се чувствувате полесно и послободно.

Не заборавајте дека амбициозните луѓе на кои им се восхитувате се обични луѓе со свои недостатоци и стравови. Сите ние сме човечки суштества кои се обидуваат да работат, да преживеат и да патуваат низ животот со помош на алатките и вештините кои ни се на располагање. Наместо да целите кон совршенство, стремете се кон тоа да го извлечете најдоброто од себе и успехот никогаш нема да изостане.

Доколку навистина сакате да постигнете личен напредок, погледнете кои се разликите меѓу успешните и неуспешните луѓе.


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар