Мрчала vs. среќни луѓе

Мрчала vs. среќни луѓе

Пред извесно време гледав стенд ап комедијант, кој меѓу другото, го кажа следново: „Знам премногу за животот за да бидам оптимист“. Потоа кажа пример, како луѓето не гледаат реално на работите. Кога таткото ќе донесе кученце дома, децата се радуваат, но наместо да се радуваат треба да сфатат дека за некое време ќе останат без кученцето, зашто со сигурност нешто ќе му се случи. Всушност таткото не им донел радост, туку причина за плачење. „Видете деца, за неколку години сите ќе плачеме кога ќе го изгази кола или кога комшијата ќе стави отров во неговата храна“. ОК, се насмеав, поради начинот на кој го кажа тоа. Но потоа размислив подобро и цврсто одлучив дека не е во право. Тогаш сфатив дека луѓето не се делат на оптимисти, песимисти и реалисти, туку поделбата е многу посложена.Мрчала vs. среќни луѓеКако прво, според мене не постојат реалисти. Секој оној кој е убеден дека гледа реално на работите, се обложувам дека не е во право, туку само си мисли дека е. Веќе никој не знае што е реално, што е правилно, а и тие што се декларираат како реалисти знаат да си фантазираат. Потоа, не постојат само позитивни и негативни, зашто од негативен до друг уште понегативен човек има голема разлика. Едно е да си свесен дека не е сè така розово, а сосема друго е секогаш да помислуваш на најлошото.

Да бидам искрена, и мене ме нервираат оние „хронични“ оптимисти, напорни ми се, толку лебдат, што кога ќе сфатат дека реалноста не е таква, ќе им биде многу тешко да се приберат. Знаете, некои ставови од типот „сè е толку прекрасно“, знаат да бидат навистина иритирачки.

Но, од друга страна, на што личи ставот „кога-тогаш на сите ќе ни дојде крајот“? Па ако постојано размислуваш за крајот и за смртта, зошто живееш? Зошто се трудиш да работиш, да направиш, да успееш во нешто? Чекај си го крајот, кога веќе постојано мислиш на тоа! Ајде да не излегуваме на прошетка, можеби сега времето е убаво, ама кај и да е ќе се расипе, така што, ајде да си седиме дома!

Можеби е вистина дека ако очекуваш и се надеваш премногу, поголема е веројатноста да бидеш разочаран, но ако немаш апсолутно никаква амбиција или план? Треба да живеам, колку онака да ми помине времето за да не бидам разочарана? ОК, во 3 од 5 случаеви можеби ќе ми се трефне да не ми се оствари очекуваното, но животот е борба, ако не тоа, нешто друго добро ќе исплива на површина. Како да не е повеќе во мода да бидеш оптимист.

Можеби не обрнуваме доволно внимание, но сите ние сме опкружени со мрчала и среќни луѓе. Оние на кои ништо не им одговара и оние кои знаат да уживаат во животот. Тоа е случајот кога на едната страна од улицата го слушате муабетот на двајца пензионери, кои зборуваат како сè било подобро во нивно време, а од спротивната страна се движи среќно детенце кое ужива во сладоледот како да е вистинско богатство и ти се насмевнува како да сака да ти каже: „Погледни колку сум среќен“. Не станува збор за генерации, незадоволството не познава години. И мрчалата и среќните луѓе, ги има од сите возрасти.

Кога сосетките се собираат наутро за кафе-муабет, како да се натпреваруваат која повеќе ќе „мрчи“. Децата не биле послушни, мажот не ги почитувал, на работното место не биле ценети… Абе ако треба и ќе измислат нешто или ќе го преувеличат, само за нивното да звучи пострашно. Бог да чува! Наместо тоа, да кажевте за нешто добро што ви се случило? Како црна хроника во движење се луѓево! „Добро утро, слушна дека комшијата го ограбиле, а некој во тоа и тоа село се обесил?“. ОК, сериозно? Со сиот памет ми посака добро утро на почеток од твојата реченица?

Можеби, кога станува збор за оптимизам и песимизам, постојат повеќе нивоа и видови оптимисти и песимисти, но кога зборуваме за среќата и задоволството, постојат само две страни. Негативните, кои константно „мрчат“ за сè и сешто, и среќните луѓе кои го впиваат секое задоволство што им го нуди животот. Од вас зависи во која група ќе бидете.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар