Моќта на малите ритуали во секојдневниот живот

Ритуалот е какво било значајно или симболично однесување за кое веруваме дека некако ќе ни помогне да се соочиме со одредена ситуација или да надминеме некоја пречка. Нашите животи секојдневно се преполни со мали ритуали од кои веруваме дека имаме некаква корист.

На пример, ја облекувате вашата „среќна кошула“ секогаш пред важен состанок, се охрабрувате себеси во огледало пред интервју за работа, или пак визуелизирате како давате кош пред да го фрлите баскетот. И покрај тоа што овие ритуали често изгледаат како ирационални и суеверни, истражувањата покажале дека тие всушност може да имаат и позитивна функција.

Моќта на малите ритуали во секојдневниот живот

Во една студија објавена во „Psychological Science“ истражувачите откриле дека ваквите суеверни однесувања (како прекрстувањето на вашите прсти, поседувањето на среќен предмет или изјавата „скрши нога“) всушност можат да ги подобрат вашите перформанси при извршувањето различни видови задачи. Причината поради која ова успева не е некоја натприродна сила, туку бидејќи овие мали и значајни однесувања ви даваат моментална самодоверба и истовремено ја намалуваат анксиозноста која настанала од самата задача што е пред вас, притоа овозможувајќи ви да настапите многу подобро. Малите ритуали можат да отворат нешто во нас, нешто над кое обично немаме влијание.

Сте гледале ли некогаш филм или ТВ серија каде што некој од ликовите наоѓа среќен предмет? Потоа, најчесто во нивниот живот се случува позитивен пресврт и целиот свој успех го префрлаат на тој среќен предмет. На крајот, тие се соочуваат со огромна пречка и сфаќаат дека ја поминале без тој предмет и дека всушност моќта цело време била внатре во нив.

Сите ритуали функционираат на истиот начин, самите зборови, однесувања или предмети не се оние кои ни даваат сила, туку нашата перцепција на самиот ритуал. И покрај тоа што моќта на овие ритуали всушност доаѓа од самите нас, сепак потребна е физичка примена на истите за да ја поттикнат таа позитивна промена во нас.

Многу често можеме да забележиме како некои од најуспешните луѓе во своите области, без разлика на тоа дали станува збор за спортисти, бизнисмени, музичари или пак, актери наоѓаат некакво значење во своите ритуали и на тој начин си помагаат при надминување на секојдневните пречки.

Создадете свој мал ритуал

Создадете сопствен ритуал кој ќе подобри одредени ситуации во вашиот живот. Еве неколку примери кои би можеле да ви помогнат:

Идентификувајте специфична ситуација во вашиот живот која би сакале да ја подобрите, како на пример, да ги подобрите своите оцени, да бидете посамоуверени за време на состанок или пак, да бидете подобри во одреден спорт.

1. Најдете нешто што е значајно за вас и што може да ви помогне во некои вакви ситуации. На пример:

  • Носете со себе среќен предмет кој има посебно значење за вас.
  • Рецитирајте си инспиративни цитати околу 5-10 минути.
  • Создадете шема од однесувања, како удирање 5 пати со рацете пред да започнете со активноста.

2. Обидете се да внесете и некој вид симболи во вашиот живот кои веќе на некој начин ви значат, можеби нешто поврзано со религијата, спиритуалноста или некоја уметност која ви се допаѓа.

3. За каков ритуал и да се одлучите, најважно е тој да има значење за вас. Ритуалите се нешто лично, не можете едноставно да позајмите од некој друг и да очекувате дека ќе успее.

4. Вежбајте го ритуалот. Колку повеќе го вежбате, толку позначаен ќе ви биде. Погрижете се да стане дел од вашата секојдневна рутина и со тек на време ќе стане и дел од вас.

Создавањето мали ритуали како овие доведува до еден вид плацебо ефект, каде што едноставните сугестии кои ги носат во себе овие ритуали ќе ви помогнат навистина да успеете. Лесно е да бидете скептични за моќта на ритуалите, бидејќи тие се еден вид суеверија, но ви препорачуваме да се обидете. Без разлика на нивната ирационалност, тие навистина можат да ви послужат како многу позитивна и практична алатка за подобрување на вашиот живот.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар