Моќта на инспирацијата

Дали постојано сте во потрага по нови начини како да живеете исполнет живот, правејќи го она што вистински ве прави среќни? Дали сакате да бидете најдобри во она што го работите и сте во потрага по она што ќе ве инспирира да се усовршите?

Иако поимите се блиски, постои разлика меѓу она што претставува инспирација и мотивација. Мотивацијата доаѓа однадвор, нечија постапка ќе ве поттикне или мотивира да бидете уште подобри и да дадете сè од себе. Тоа може да биде пофалба од вашиот професор или унапредување од страна на вашиот работодавач.

За инспирацијата сте одговорни самите вие и ваша е задачата да ја пронајдете. Инспирацијата доаѓа однатре и значи да се пронајде страста и да се поттикне желбата за нешто ново, нешто повеќе, за некоја значајна промена.Моќта на инспирацијата

Оние кои се инспирирани прават големи работи!

Кога луѓето се инспирирани лесно ги преминуваат границите, доживуваат нови искуства и прават необични и големи работи. Земете ги сликарите за пример. Нивната инспирација ја поттикнува уметничката свест, провоцира нови идеи и може да резултира со вистинско ремек-дело. Тоа е кога ќе го погледнете уметничкото дело и гледате дека авторот буквално се внел во него, со срце и со душа. Тоа е инспирација!

Помислете на Стив Џобс. Знаејќи ја моќта на инспирацијата, тој секогаш наоѓаше начини, не само да ги инспирира купувачите да ги купуваат производите, туку и работниците да го вложат максимумот во она што го работат. Неговата свест дека инспирацијата е најголемата движечка сила која носи до успех, го поттикна да донесе голема промена во светот.

Како да бидете инспирирани?

Што е она што го разгорува вашиот креативен пламен? Што е она што најмногу ве интересира? Што е она што сакате да го видите променето на подобро?Моќта на инспирацијатаНајлесен начин да ја пронајдете инспирацијата е да се вратите назад во времето. Што е она што вистински сте уживале правејќи го, можеби уште како деца? Што и да е, можете да го приспособите, усовршите и повторите.

Медитацијата и другите начини на опуштање на телото и умот секогаш помагаат. Кога ќе ги ослободите мислите од сите фрустрации, негативности и нервози, просторот е чист за нови, свежи идеи и промени. Ви дозволува да „погледнете“ во својата душа и да ја најдете страста.

Држете ги очите отворени!

Инспирацијата речиси секогаш се наоѓа во најнеочекуваните и најчудните нешта. Затоа треба да ги држите очите ширум отворени. Да бидете свесни за светот кој ве опкружува, да знаете како вистински да ги почувствувате допирите, мирисите и светлината. Да ги разбудите вашите сетила и да бидете подготвени за нови искуства.Моќта на инспирацијатаДа го земеме за пример виножитото. Тоа е вистинско ремек-дело на природата, доказ дека нешто толку убаво може да настане после дождот. Но тоа нема да се случи кога вие сакате или очекувате. Може да гледате во небото колку сакате, но виножитото ќе се појави кога ќе дојде вистинското време.

Убави и мотивирачки работи се случуваат постојано. Вие сте оние кои треба да бидат отворени за нови искуства, надвор од четирите ѕида на сопствениот свет. Бидете креативни, размислувајте „надвор од кутијата“, бидете подготвени за нови искуства.

Информирајте се што другите направиле за да ја пронајдат својата инспирација. Книгите се непресушен извор на нови, генијални идеи. Никој не се родил со вродени знаења за сè што треба да биде информиран. Доколку трагате по сопствената инспирација, посегнете по изворот на сите мудрости – книгата.

Ослободете се од стравот

Ништо не е невозможно. Зарем мислите дека на оние кои донеле големи промени во светот, никој никогаш не им рекол дека многу фантазираат и дека се стремат кон невозможното? Ослободете се од стравовите и пробајте. Секако дека ќе има луѓе кои ќе ви упатат негативни критики, но нели е подобро да се направи нешто што може да се критикува отколку да не се направи ништо? Критикувани се луѓето кои прават нешто со себеси и со својот талент, другите пак, немаат зошто да бидат ни пофалени ни негативно искритикувани.Моќта на инспирацијатаСекогаш е страшно кога се впуштате во нови искуства, но исто така е возбудливо. Проширете ги своите видици и ќе забележите колкав е светот и колку нешта може да направите надвор од вашиот затворен простор. Можностите се бескрајни, а вие имате можност да ги искусите. Кога ќе излезете од својата „безбедна зона“ ќе се изложите себеси на ризик, но и на безброј работи кои ќе ве инспирираат.

За крај, не заборавајте дека инспирацијата е заразна. Вие ќе бидете поттикнати од работата на инспирираните луѓе, но истовремено ќе им дадете мотив на другите. Кога ќе забележите човек кој своите дела ги прави со огромно задоволство, човек кој е инспириран, кој внесува сè од себе во она што го прави, посакувате и вие да го направите истото.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар