Магијата во воздухот

Магијата во воздухот

Кога ќе ми речат дека не постоел Дедо Мраз навистина сакам остро да се спротивставам. Сакајте дефинирајте го како дел од божиќната магија, како збир од добри дела, како награда за послушните деца, како мотив да се стремите кон остварување на желбите, сеедно, сепак постои. Ако не веруваме во нешто што е убаво, добро, позитивно, тогаш која е целта? Нема време за солзи и мачни теми на размислување, ниту преоптоварување за она што било или за она што не ни се случило, а и мрчаторите веќе не се во мода. Тоа е она што се вика божиќна магија и ниедно зло, ниедна лоша мисла не смее да ја наруши.Магијата во воздухотРазмислував за тоа колку ги остваруваме и колку сме доследни на новогодишните одлуки. Повеќе ќе учам, секој испит ќе го полагам на време, ќе станувам рано и денот од самиот старт ќе ми биде продуктивен, ќе почнам да се занимавам со спорт (ХА, ХА, ХА), ќе створам добра навика, ќе престанам да пушам… Секако дека не, речиси никогаш. Секогаш кога ни претстои некаков нов почеток, нова година, нов семестар, нова учебна година, промена на работно место, секогаш носиме одлуки за поголема продуктивност – никогаш не ги исполнуваме. Но, од друга страна, кога навистина ќе почувствуваш дека ти е потребна промена во животот, таква одлука можеш да си донесеш во кое било време и со цврстина во карактерот да ја исполниш.

Друга работа, покрај одлуките, празниците служат да се накачат неколку килца плус. И ништо страшно, како шо викат Мачето, „Нова година, прва вечер, втора вечер, трета вечер, после неколку дена детоксикација, Божиќ, па еден ден детоксикација, на гости по роднини, па три дена детоксикација….“ и немаш гајле, само се детоксицираш. А под таа „детоксикација“ во никој случај не спаѓа пиење зелен чај или нешто слично, туку едноставно тие денови не се прејадуваш до препукување. Не сум здебелена, нели гледаш колку сум наоблечена?!? А замислете Божиќ да се паѓаше во лето?

Како да знаете дека годината ви тргнала со убаво? Еве мене, на пример, за првпат не ме здрма струја додека украсував со сијалички, па си велам, тоа мора да биде некаков знак. Тие знаци многу лесно би ги пронашле, доколу сакаме. Сам да си се увериш дека нештото од самиот старт ти тргнало убаво. Значи за Божиќ ќе треба да си направам нешто убаво, за да ми тргне годината. Колку понесебично толку подобро. Ок, ќе го направам за други. Ете за моето потесно семејство. Значи, би им подготвила… само што си најдов рецепт за Егног. Не ми изгледа страшно и комплицирано. Ок, јајца, млеко, слатка павлака, шеќер, коњак (нема гајле, сите ќе сме повесели од самиот старт на денот)… Сеедно, дури и ништо да не излезе на крај, секогаш би можела да измислам свој пијалак, топло кафе со млеко, млечна пена одозгора, поросено со цимет, и ова е божиќна напивка „Ала Ели“. Кој ќе знае што всушност содржи? Битна е намерата.

Како до одличен старт на оваа година и доживување на божиќната магија? Едноставно е, не мрчете, не се карајте, заборавете што и кому треба да му докажете, ослободете ги мислите и препуштете се на магијата во воздухот. Магија… тоа е кога гледаш украсени куќи, накитени елки и светкави улици. Кога знаеш дека можеби ништо не е совршено, но забораваш на сè што те мачи, а она што те радува го множиш со триста. Тоа е лицето на среќното девојче кое се шета со својот дедо или на двајцата вљубени кои се бакнуваат под уличната светилка. И нема време за кавги или за неслога и љубомора. Секако дека постојат, но не им е времето сега, не за Божиќ, не на вакви денови и празници. Ова се денови кога ви текнуваат милиони верзии за среќни краеви на приказните како „Девојчето со кибритчиња“.

Мојата порака и честитка до вас денес е многу кратка, впијте ја сета божиќна магија. Бидете со најблиските, и вистински уживајте. Па ова се денови кога и најголемите непријатели би ги изгушкала онака, од срце, зашто сепак утре е Божиќ, а вакви празници ни требаат почесто во текот на една година.

До следното читање,

Вашата Ели.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар