Љубов ко на филм

Љубов ко на филм

Филм како филм, измислица, фантазија направена со цел некој да си го наполни џебот, а ние да си го пополниме слободното време. Најчесто, барем во оние плитките филмови те гаѓаат со љубовни финти, па се разнежнуваш, дури пушташ и по некоја солза. Само што имаме проблем со сфаќањето дека тоа е филмска љубов и е поразлична од онаа реалната. Реалното не е совршено и вистинските проблеми и нивните решенија се каде каде поразлични од оние режираните. Размислував и се прашувам, зошто толку тежнееме кон филмската љубов? Зошто посакуваме љубов ко на филм?

Можеби нашата перцепција за вистинска љубов е погрешна, можеби сме дозволиле сите тие романтични комедии да ни го исперат мозокот. Дали љубовните филмови создаваат фантазија која може да ни ја уништи шансата да доживееме реална романса?Љубов ко на филмКакви ликови најчесто среќаваме во овие филмски љубовни страсти и авантури?

Господинот „Романтичен“ е секогаш нежен, полн со разбирање и најважно од сè,  тој е вистински џентлмен. Ѝ готви вечера на љубената, секое утро ја буди со кафе и појадок, кисне на дождот без чадор и со цвеќе во рака (не дека нема чадор, или дека не бил информиран за временските услови, едноставно вака е потрогателно). Секогаш тој е оној кој има трепение за сè и сешто и секогаш тој е оној кој се извинува.

Слатката совршено-трапава девојка. Имам забележано дека обидот со некоја улога да се дојде до реалната верзија на една девојка е најчесто смешен и претерано филмуван. Тоа се оние женски ликови кои често се сопнуваат, препнуваат, паѓаат, заврнува дожд баш тогаш кога не носат чадор, постојано се брукаат, се кријат од оној кој им се допаѓа бидејќи косата им е вистински ужас… Трагедии, ама сепак, таа режирана трапавост не е баш слатка, барем мене ме иритира.

Лошото момче кое има почит само кон неа е всушност она по кое копнеат многу девојки. Дечко со имиџ на лошо момче кое пред неа клекнува на коленици. Драги мои, освестете се, такво нешто може да имате, ама секако само на филм… или во сништата. Јаки моторџии, тепачи, силни момци со кожни јакни не се претвораат преку ноќ во нежни џентлмени кои ќе имаат неизмерна почит кон вас.

Онаа совршената е секогаш средена, секогаш убаво нашминкана, може слободно да се појави на реклама за гел или лак за коса бидејќи косата не ù се помрднува од место ни на ветер ниту на дожд. Може да среди фризура и шминка во рок од 5 минути и тоа додека се вози во такси, а изгледа како да ја средувале 5 шминкери и уште толку фризери… па всушност баш толку луѓе се погрижиле за нејзиниот изглед. Секогаш таму каде треба да биде, секогаш подготвена да дојде со вас таму каде вие одите, никогаш не е уморна и секогаш е расположена за секс. Сон на секое момче… уште да не можеше да зборува, туку само да клима со главата, ќе беше уште посовршена…

Најчесто настаните во филмовите се движат по оваа стандардна шема:

  • Момчето и девојката се запознаваат.
  • Тој се вљубува во неа.
  • Некаков проблем или предизвик се појавува на патот.
  • Момчето ја губи девојката.
  • Во меѓувреме се „плеткаат“ со други.
  • Пресврт, расветлување на работите.
  • Драма, брканици по аеродроми и автобуски станици.
  • И така тие среќно си живееја.

Всушност, многу често е слично како во бајките. Дали Снежана и нејзиниот принц на бел коњ уште од мали години во нашите глави креирале погрешна претстава за вистинската љубов?

Во вистинскиот свет, девојките нема да трчаат по вас на дожд, со мокра коса, размачкана шминка и уништени чевли додека во позадина оди „Crazy in love“, како што тоа го направи Бриџит Џонс. Ниту пак на момците ќе им текне да постават не знам колку светилки на покрив на зграда и да ви донесат виолинисти, ама доброто кај нашиве момци е тоа што се реални, постојат. Мора да престанеме да живееме во таа илузија која ни е наметната од модерниот свет. Можеби тој нема да ве брка до аеродром за да ви каже дека ве сака, и нема да цитира познати поети, но тоа не значи дека не чувствува љубов кон вас. Вистинската љубов не е како онаа која ја гледаме на екраните и не очекувајте да биде како онаа на Кери и Мистер Биг. Некогаш сме толку понесени од желбата да доживееме филмска љубов, што забораваме дека онаа вистинската напати знае да биде исполнета со толку добри моменти на кои и актерите би завиделе.

Реалните луѓе не се совршени, тие грешат. Знаеме да изгубиме трпение и нерви, знаеме многу работи да направиме погрешно, намерно или не да повредиме некого, некогаш забораваме на нечии потреби и интереси и далеку сме од филмската љубов. Ама сепак, на крајот на краиштата ние сме само луѓе. Совршени не сте – совршени не барајте. Уживајте во реалната, нефилмувана љубов и најважно од сè несовршена, послатка е и пореална.

Филмовите се забавни, но не очекувајте дека ќе ве подготват за вистинската љубов.

До следното читање,

Вашата Ели.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар