Лагите кои дозволуваме да нè дефинираат

Ние луѓето сме навистина големи лажговци. Не само што умееме да ги лажеме другите, неретко се залажуваме самите себе. Кои се лагите што најчесто си ги кажуваме себеси и кои често нè водат до неуспех?

„Нема да успеам да…“

Си велите дека нема да стигнете да ја завршите работата до 6 часот? Лага. Нема да успеете да научите за претстојните испити? Лага. Нема да одработите доволно за да добиете унапредување на работното место? Лага. Доста се лажете, сето тоа е код зад кој се крие вистинското значење нема да се потрудам доволно. Нема нешто што е невозможно ако имате желба да го постигнете. Можеби не се трудите или ви е мака да вложите напор, но во никој случај не е невозможно.

Лагите кои дозволуваме да нè дефинираат

„Сè можам да направам сам/а“

Всушност, ова значи сè мора да направам сам/а, или уште поточно, никој не би ми помогнал. Колку пати сте помислиле дека целиот товар мора да биде на ваши рамена бидејќи никој не би одвоил време за да ви помогне? Или, колку пати сте помислиле дека треба некому да му докажете дека можете сè сами, па се форсирате до изнемоштеност?

Без разлика дали станува збор за реновирање или чистење на станот или одење на свадба кај бившото момче, односно бившата девојка, на сите ни се потребни пријатели. Оваа лага ве спречува да побарате помош и да постигнете повеќе. Можеби вие сте им секогаш на располагање на другите, но се плашите да побарате помош кога вие имате потреба. Нема некој кој може сам да направи сè, на сите ни е потребна нечија помош.

„Тој/таа е тотален идиот“

Не дозволувајте предвреме да ги осудите луѓето со кои сте во контакт. Ако вашиот колега ви изгледа како бубалица без социјален живот, можеби не сте го запознале за време на викенд. Можеби вашата нова колешка која ви остава впечаток на себична и нарцисоидна личност, е првата која ќе потрча напомош кога најмногу ќе ви треба. Поентата е, не осудувајте, не етикетирајте некого како „тотален идиот“ и не ги пречкртувајте веднаш од вашата листа на пријатели. Дајте им шанса на луѓето да ги запознаете подобро. Не дозволувајте ваквата лага да ве ограничи во склопувањето нови пријателства и остварувањето контакти.

„Престар/а сум за…“

Оваа лага ќе нè спречи да започнеме со часови по танц или да се запишеме на некаков курс, само поради помислата дека нашето време поминало. Без разлика на годините, секогаш мора да ги зачуваме детските амбиции. Митот дека сте престари за да направите нешто, сепак останува само мит и ништо повеќе. На 40 години може да се запишете на факултет, на часови по танц, или да почнете да практикувате планинарење. Ништо не ве ограничува, освен секако, вие самите.

Лагите кои дозволуваме да нè дефинираат

„Во ред е. Сите прават шеги на нечија сметка“

Не е во ред. Особено ако тие шеги повредуваат некого. Кога гледате како некој од вашите пријатели или семејство му се потсмеваат некому поради големиот нос или кусиот раст, ставете се на негово/нејзино место. Дури и личноста да не покажува, таквите зборови болат. Зошто би молчеле? Зошто да станете дел од оние кои исмејуваат?

Ставете им крај на болните шеги кажувајќи го вашиот став дека не се смешни и дека не е во ред да се исмеваат нечии маани. Уште поважно, не е во ред да дозволите некој да ве исмева вам доколку тоа ве повредува. Кажувајќи си себеси дека секој е исмеван поради нешто, е типично залажување. Имате глас, употребете го.

„Не ми е грижа што мислат другите“

Не ви е грижа за сосетката која сака да озборува? Супер, не ми е ни мене. Не ви е грижа што мислат вашите родители? Стоп, преиспитајте си ги вашите ставови.

Точно, има луѓе чие мислење не треба да нè засега, чии зборови не би требало да дозволиме да допрат до нас. Но има и такви на кои треба вистински да внимаваме да не ги повредиме. Тоа се зборовите на оние кои се грижат за нас, нашата иднина и нашата благосостојба. Ве озборуваат бидејќи сте со некој кој ним им изгледа како лошо момче? Небитни личности. Но, вашите родители и пријатели ви кажуваат дека врската со него ќе ви наштети? Во тој случај погледајте ги работите трезвено.

Лагите кои дозволуваме да нè дефинираат

„Ќе зборам упорно и ќе му/ѝ ги променам ставовите“

Толку често се залажуваме мислејќи дека би промениле нечие мислење, што не сфаќаме дека тоа е бесполезно губење време. Некој што не сака мачки, веројатно и после вашите презентирани факти и аргументи ќе остане на истиот став, оној што се определил за една политичка страна, нема да се премисли зашто вие поддржувате друга, а нерелигиозните луѓе нема да ги убедите да почнат да веруваат во Бога преку ноќ.

Луѓето се различни, со различни мисли и ставови, а доколку поминете значителен период од животот трудејќи се сите да мислат како вас, што сте постигнале? Кога гледате дека тоа што го кажувате едноставно не допира до личноста, повлечете се.

„Не се плашам“

Самодовербата е прекрасна работа, но никој ја нема во толкава количина за никогаш да не му се затресат нозете од страв. Без разлика дали станува збор за страв од голем пајак или страв од презентирање на дипломската работа, во ред е да чувствувате страв. Сите се плашат од нешто и тоа е сосем нормално, бидејќи не сме митолошки суштества, туку сме смртници, обични луѓе со стравови и несигурности. Наместо упорно удирање на главата од ѕид и залажување себеси дека не ви е страв, речете си „ок, се плашам, само не толку за стравот да ме спречи да го постигнам тоа“.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар