Краток живот, долги спомени…

Краток живот, долги спомени…

Автор: Маринко
(поднесено преку „Предложи содржина“)

Краток живот, долги спомени...Од самиот миг кога пристигнуваш на овој свет, здогледувајќи ги нејасните и непознати нешта што се вртат околу тебе, земајќи го првиот здив, знаеш дека си жив, дека тоа е твоето неоделиво право. Додека и наједноставните нешта те засмејуваат, а најмалите шумови те заплашуваат, го слушаш ритамот на твоето срце обидувајќи се да ја минеш најголемата пречка, првите чекори, со кои ги оставаш своите стапки во песокот на времето.

Посегнуваш по највисокото место, работ на масата, обидувајќи се да откриеш, да ја смириш таа љубопитност што те боцка постојано да бараш одговори на непоставени прашања. Се создаваат првите пријателства кои ќе траат вечно или можат да згаснат по неколку години кои ќе пројдат како миг. Ти си феникс кој гори во пламенот на растењето, се провлекуваат и горат многу нешта меѓу пламенот на созревањето, чувството на одговорност, чувството на самоконтрола, самодоверба, на реалност, замаеноста на првата симпатија, експлозијата на првиот бакнеж.

Стануваш човек. Твојот пат е пробиен на овој свет, сега ти го градиш натаму. Сите твои успеси и падови, сите луѓе кои ги запознаваш се циглите од кои е изградена твојата патека на судбината. Овде-онде ќе се најде некоја пукнатина или празнина, но ќе биде поправена, кога ќе се сретне таа посебна личност која со еден поглед ќе те исфрли од тактот по кој одиш и целосно ќе ги испреврти сите цигли.

Полека ја губиш силата на младешката замаеност и непобедливост, но затоа си ја имаш мудроста и искуството, со кои полека се утешуваш додека останувате сами во гнездото кое некогаш било дом на вашето потомство, а сега остануваат празни гранчиња, сведоци за некогашната детска радост и смеа, солзи и плачки, штрби насмевки и нежни лица полни со мозолчиња.

Денот доаѓа до крај, па така и овој пат кој го нарекуваме живот.

Осуден си да останеш сам како утка, кога таа посебна личност не ќе е повеќе овде за да ги пополни пукнатините кои стануваат се поголеми. Но можеби поради некои конци кои ги влече судбината или пак чисто поради нејзина забава и љубопитност, ти си тој што оставаш пукнатини и празнини во туѓи животи…

Што е животот ? Секој би ти дал различни поими и дефиниции, но тоа се нивни мисли и идеи, не твои. Јас би ти ја кажал мојата:
.

„Животот е како цртеж без гума. Постојано цртаме со моливот на судбината, засенчувајќи со спомените на веќе заборавените времиња, боејќи со боите на заминатите денови и четките на годините. И тогаш, пред самиот крај, во тој миг на совршенство, ги здогледуваш твоите подеми и падови, твоите среќи и тажалки, твоите љубени и изгубени, ја здогледуваш сликата на твојот живот, на тоа што си бил, на тоа што си и тоа што засекогаш ќе останеш во екот на времето што изминува.“

Тоа си ти, совршен со твоите недостатоци, уникатен и единствен со своите доблести. Тоа си ти, ти, еден и единствен…

Сакате и вашиот текст да биде објавен на Кафе паузаПишете ни.

———————————————————————————————————————————————————————

Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. taylorswift03 Reply

    Прекрасно! 🙂

Остави коментар