Која е супстанцијата во Кока-кола и Пепси што предизвикува рак?

Гостински пост: М-р А. Митов dr.med

Последниве денови светот слушна за 4 метил имидазол, супстанцијата заради која Кока-кола и Пепси објавија дека ќе ја променат формулата на производство.Која е супстанцијата во Кока-кола и Пепси што предизвикува рак?Сепак, научниците се запознаени со оваа супстанција малку поодамна:

  • Во 1956 година е докажано дека животните изложени на високи дози 4 метил имидазол добиваат конвулзивни напади, немир, пенење од устата и парализа.
  • Во 1969, 1986 и 1987 други научни студии ја покажале истата конвулзивна активност на 4 метил имидазолот  со генерализирани грчеви на телото.
  • Во 1993 исти ефекти биле утврдени и кај кози и глувци. Со тоа невролошките несакани ефекти на 4 метил имидазолот биле потврдени кај поголем број животински видови.
  • Во 2006 година било испитувано евентуалното мутагено дејство на супстанцијата кај бактериски видови и експериментите дале негативни резултати.
  • Во 2008, Националната програма за токсикологија во САД објави резултати според кои јасно се покажало дека 4 метил имидазол предизвикува рак кај глувци и стаорци.

Не очекувајте слични студии кои ќе покажат канцерогеност на 4 метил имидазол кај луѓе од една едноставна причина: никој не би дозволил таков експеримент со потенцијално канцерогена супстанција бидејќи таквата студија би била неетичка.

Зошто воопшто се користи таа супстанција? 4 метил имидазолот всушност ја дава „бојата на карамела“ на Кока-кола, Пепси и други производи. Нема никаква нутритивна или презервативна вредност и се додава исклучиво заради козметички причини. Во почетокот на ‘90-тите, Пепси и Кока-кола создале безбојни „диетални“ верзии на своите производи, бистри и проѕирни како вода, но со ист вкус како и нивните вообичаени пијалаци. Таквите производи веројатно не се продавале добро („вода“ со вкус на Кока-кола или Пепси), па набргу се напуштени. Значи, тие пијалаци може да се произведат и без оваа боја, а со потполно ист вкус.

Кога се во прашање токсични супстанции веројатно ќе помислите која е дозволената дневна доза која не би имала никакви ефекти. Меѓутоа, ова правило не важи за канцерогените супстанции – за нив практично нема дозволен праг или теоретски се поставуваат извонредно ниски дози како максимално дозволени дневни дози со цел да се заштити популацијата. Дозволената дневна доза за 4 метил имидазол, според државата Калифорнија, само во една лименка од Кока-кола или Пепси е надмината за 5 пати!

Сепак, државата Калифорнија не ја забранува употребата на 4 метил имидазолот, туку ги обврзува производителите да стават јасна налепница на амбалажата која вели: „Производот може да предизвика рак“. Кока-кола и Пепси за да ја избегнат оваа обврска ќе ја сменат формулата, но само во Калифорнија! Компаниите планираат истата промена да ја направат и во останатите држави од САД за неколку години, но не и во Европа. Можеме да претпоставиме што ќе се случи со пијалаците произведени во Македонија.

Постојат многу начини на кои индустријата се обидува да ја релативизира целата ситуација.

Прво, тврдат дека не е точно дека 4 метил имидазолот е канцероген. Сепак, ако тоа не беше така, замислете какви тужби ќе беа покренати во САД против оние кои ги „клеветат“ нивните производи за наводно предизвикување рак! Ако не е точно, едноставно зошто не ги тужат?

Второ, се обидуваат да направат забуна околу самата супстанција, па наместо со цело име 4 метил имидазол, ја нарекуваат „4 МЕИ“, „карамела“ или „карамелно обојување“. Да, 4 метил имидазолот е боја и се користи за да се добие изглед на карамела, но тој нема никаква врска со природната карамела. 4 метил имидазолот не е природна супстанција и не се добива во природата. 4 метил имидазолот не е карамела. 4 метил имидазолот е боја.

Трето, велат дека супстанцијата не ја употребуваат само тие и дека ја има и во други прехранбени производи. Манипулацијата овде е јасна:  „еве, насекаде го има 4 метил имидазолот, сите го користат, па ништо не е страшно“. Точно е дека го има и во други храни, вештачки додаден. Затоа би требало, не само на Кока-кола и Пепси да пишува „Содржи супстанција која предизвикува рак!“. Таа налепница треба да стои на сите такви производи, или уште подобро, употребата на 4 метил имидазолот треба да се забрани целосно во храната, а не да се тешиме со тоа дека многу го има. И други штетни супстанции се присутни насекаде и многу луѓе ги користат, но тоа не ги прави помалку опасни. Таквите супстанции со право се забрануваат.

Како лекар, не можам да го опишам мојот првичен шок кога дознав какви сè супстанции се користат во процесите на производство на храна, супстанции за кои е повеќе од јасно дека предизвикуваат болести и дека се смртоносни. Кај споменативе пијалаци 4 метил имидазолот е само еден дел од приказната. Можеби многу поопасен е фактот дека во една чаша Кока-кола има 10 лажички шеќер. Или пак, фактот дека овие пијалаци изобилуваат со фосфати и дека предизвикуваат остеопороза и ослабување на коските. Впрочем листата на потенцијално опасни супстанции во тие пијалаци е долга: аспартам, содиум бензоат, БПА… Нема една здравствена (или здраворазумна) причина која би оправдала консумација на таков пијалак.

Секој од нас е одговорен за личното здравје. Можеби некој очекува дека сопствениците на огромните компании или законодавците ќе се грижат повеќе за неговото здравје и здравјето на неговите деца отколку тој самиот. Јас не. Не очекувам дека некој ќе признае дека неговите пијалаци предизвикуваат рак. Светов е таков каков што е, и единствено ни преостанува самите да се заштитиме сè додека не дојдат некои подобри времиња и не завладее етиката во бизнисот. Нашата генерација најверојатно нема да го дочека тој ден.

Авторот е доктор по медицина и има две магистратури за влијанијата на животната средина врз здравјето, стекнати на Кембриџ и Харвард.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Sase Antic Reply

    Корисно инфо.
    Размислете дали пак ќе отворите шише Кока-Кола!

  2. Goce Reply

    Како потрошувач би сакал да им верувам на надлежните светски институции. Еве што тие велат….

    Изјава на Унијата на европски асоцијации на производители на пијалаци (UNESDA): Потрошувачите треба да бидат сигурни дека бојата на карамела е безбедна

    Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) ја потврди безбедноста врз основа на научни сознанија. Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) ја потврди безбедноста на бојата на карамела уште во март 2011 откако беше направен сеопфатен преглед на научната литература. Беше истакнато дека присуството на 4-MEI во бојата на карамелата не го загрозува здравјето. Водечки регулаторни тела низ целиот свет исто така ја оценија бојата на карамела за безбедна за употреба во храна и пијалаци. Во ноември 2011 “Health Canada” изјави дека 4-MEI, вклучувајќи го и оној кој се наоѓа во одредени бои на карамела, „не претставува ризик“ за потрошувачите, а и Американската администрација за храна и лекови (FDA) ја има одобрено бојата на карамела како адитив за боја и ја вбројува во состојките на храната кои се „генерално признаени за безбедни“. Коментирајќи го истражувањето на CSPI кое ја поврзува бојата на карамела со појавата на рак кај глодачите, пoртпаролот на FDA истакна дека „потрошувач би морал да испие повеќе од 1000 лименки дневно за да ги достигне дозите кои се користени во истражувањето,“ и тоа во континуитет во текот на целиот живот.

  3. Станка Reply

    Дали после ваква студиозна анализа може да се коментира?

  4. Авторот Reply

    @Goce,

    коментарот го започнувате со „би сакал да им верувам”. Токму така, денес секој верува во што сака. Сепак, науката не е религија, и покрај слободниот избор кој во што сака да верува – вистината си останува таква каква е.

    Од тој аспект, мојата цел не е да убедувам никого во ништо. Јас како човек кој ги знае овие работи во детаљи, се чувствувам повикан и должен да кажам дека има и една друга, научна страна од приказната, различна од таа што ја презентираат производителите. Јас ги презентирам научните факти, а секој сам си избира кому ќе му верува.

    Впрочем, Гоце, за твоето здравје си одговорен ти.

  5. RedDevilGirl Reply

    Не се живее без Кока Кола 😀

Остави коментар