Кои се придобивките од чување домашно милениче?

Кои се придобивките од чување домашно милениче?

Да се чува домашно милениче не е мала обврска. Ако имате недостиг од пари, треба да имате на ум дека храната, ветеринарските прегледи, креветчињата и играчките, ќе ви донесат дополнителни трошоци од вообичаените. Животните, помалку или повеќе, имаат потреба од секојдневно внимание: јадење, пиење вода, шетање, трчање, галење, играње, водење сметка за хигиена… Тие знаат да бидат и немирни, на пример да ви го уништат мебелот или да ви ги изгризaт чевлите. Но, деструктивното однесување најчесто се појавува кај оние животни, кои имаат поголеми потреби од оние кои им ги овозможува нивниот сопственик. Тоа значи дека ако имате немирно милениче, треба да одвоите време за добар тренинг.

Кои се придобивките од чување домашно милениче?

Кај љубителите на животни, грижењето за милениче има одличен смирувачки ефект врз нив и може да им го подобри менталното и физичкото здравје и социјалниот живот. Ако никогаш не сте ги сакале животните, нема да ги почувствувате ни љубовта ни нивниот смирувачки ефект. А доколку отсекогаш сте ги обожавале, а сѐ уште не сте чувале, прочитајте зошто уште денес треба да појдете во некој пет шоп.

1. Миленичето претставува одлично друштво

Експертите од оваа област велат дека вообичаените домашни животинки како маче, куче, зајче, па дури и риба, имаат терапевтско дејство врз луѓето. Тие можат да го намалат чувството на осаменост, да го редуцираат стресот, да охрабрат физичка активност кај нивниот сопственик, да го развеселат и да му пружат неизмерна љубов и внимание. Секако, одгледувањето милениче претставува и секојдневна обврска, која не треба да се сфати несериозно. За да ги почувствувате терапевтските придобивки од конекцијата помеѓу вас и вашето милениче, треба да одберете животно, чии потреби ќе бидат во согласност со вашиот животен стил.

Кои се придобивките од чување домашно милениче?

2. Миленичето ви помага да запознаете нови луѓе

Сигурно сте забележале дека на луѓето помалку им е незгодно да ги погледнат или да им се обратат на оние туѓинци кои шетаат низ паркот со куче до нив, отколку на оние кои пешачат сами. Има нешто во животните, кое им помага на луѓето полесно да го скршат мразот и да започнат конверзација. Чувањето милениче ја поттикнува социјалната интеракција, која пак го подобрува вашето емоционално здравје. Многу сопственици на животни сакаат да раскажуваат разни ситуации кои ги доживеале со нивното милениче и притоа несвесно да почнат да зборуваат и за себеси, па затоа животното може да послужи и како повод за започнување тема на разговор со случаен минувач, пријател или роднина.

3. Милениците имаат терапевтски ефект

Домашните животни имаат смирувачки ефект врз луѓето и ја намалуваат нервозата. Играњето со милениче може да го покачи нивото на невротрансмитерите серотонин и допамин, кои ја поттикнуваат релаксацијата. Љубовта и нежноста која ќе ја почувствувате од вашето милениче, инстантно го подобрува вашето расположение. Дури и пливањето на една рипка во аквариум, делува терапевтски врз човекот. Според едно истражување спроведено во Медицинскиот универзитет во Небраска, САД, милениците имаат смирувачки ефект и врз постари лица кои имаат проблеми со меморијата и честопати демонстрираат агресија и вознемиреност.

Кои се придобивките од чување домашно милениче?

4. Животните му даваат смисла на вашиот живот

Доколку живеете сами или поголемиот дел од денот се чувствувате осамено и празно, чувањето милениче може да ви донесе задоволство во животот и да го покрене вашиот морал и оптимизам. Дури и кога ќе се чувствувате тажно и депресивно, потребите на вашето животинче ќе ве тераат да станете од креветот за да му дадете да јаде, да го прошетате низ паркот или да го искапете. Тие обврски ќе ве одржуваат активни, ќе ви дадат енергија и ќе му дадат континуитет на вашиот живот.

Кои се придобивките од чување домашно милениче?

5. Миленичето ви помага да бидете физички активни

Многу животни, особено кучињата имаат потреба од секојдневно пешачење и трчање. Па доколку чувате животно кое сака да шета надвор и вие ќе имате причина плус да излезете на воздух и да потрошите некоја калорија, без разлика дали ве мрзи, немате време или немате желба. Бркањето на мачката низ дворот, обидот да го вратите хрчакот или папагалот во кафез, се исто така здрави начини на забава, кои физички ќе ве активираат. Животните ве поттикнуваат да се однесувате палаво, да се смеете и да се активирате, што од своја страна ќе ви го зајакне имунитетот и ќе ви го зголеми степенот на енергија, особено доколку вашата работа е постојано врзана за работното биро.

Кои се придобивките од чување домашно милениче?

6. Миленичето создава семејна атмосфера

Чувањето домашно милениче, без разлика дали е тоа куче, мачка, зајче, папагал или морско прасе, му дава топлина и љубов на вашиот дом. Всушност, повеќето луѓе се чувствуваат добредојдени кај некој на гости, кога на вратата ќе ги пречека семејното куче, маче… Ако некој ден останете сами во вашиот дом, миленичето ќе ви прави друштво, ќе ве забавува и ќе ви влее чувство на сигурност и безбедност.

Кои се придобивките од чување домашно милениче?

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар