Кога е време да се откажете?

Како што растеме, така сѐ повеќе и повеќе учиме кога треба да продолжиме со нашите долгогодишни цели, а кога е време да почнеме да размислуваме за откажување. Можеби би помислиле дека доволно би било едноставно да прекинете со гонење на едни цели за да почнете со нови. Но, според Пег Стрип, авторот на книгата „Совладување на уметноста на откажувањето: Што е тоа што вреди во животот, љубовта и работата“ и коавторот Алан Бернстеин, од Универзитетот во Њујорк, работите се малку покомплицирани отколку што изгледаат. Знаењето кога и како да се откажете вклучува низа чекори кои се дел од процесот кој се нарекува откажување од целите.

Кога е време да се откажете?

Една од идеите на Стрип и Бернстеин која може да ви биде од голема помош е разбирањето и препознавањето на испрекинатото поттикнување. Овој таканаречен антиоткажувачки мотиватор се појавува кога вашиот труд за некоја далечна цел одвреме-навреме ви се исплати. Големи се шансите дека ќе продолжите да ја „бркате“ оваа цел доколку понекогаш од неа добивате позитивен фидбек, дури и ако општата добивка од вашиот напредок е очигледно негативна. Одвојте малку време за да направите еден чекор наназад со цел да ја погледнете оваа ваша шема на однесување и со тоа да не дозволите да бидете погрешно насочувани од повремените позитивни поткрепувања.

Од друга страна пак, можеби веќе сте запознаени со психолошкиот феномен кој се однесува на лажната претстава за вредноста. Тоа се случува кога вие продолжувате со одредено однесување кое води кон одредени цели само поради нелогичната причина дека веќе сте вложиле премногу труд, време и енергија во нив. На пример, можеби останувате во лоша врска само затоа што сте посветиле многу време на неа или пак, трошите повеќе пари за поправка на вашиот стар автомобил кој бил покрај вас долго време, а реалноста е дека поевтино би ви било да купите нов.

Според Стрип и Бернстеин:

„Понекогаш откажувањето бара огромна верба – поглед кон сѐ уште нереализираната иднина – и волја да се земе предвид можноста за неуспех и емоционалните последици кои доаѓаат со тоа. Бидејќи упорноста и отпорот кон промени се основни нешта во човековото однесување, успешното откажување од целите може да биде од голема корист кога станува збор за афективните, когнитивните, мотивациските области, како и областите во однесувањето. Имајте на ум дека и откажувањето од одредена цел како и поставувањето на нова цел се есенцијално креативни активности кои бараат од вас да бидете флексибилни во вашиот пристап.“

Една од главните идеи на совладувањето на уметноста на откажувањето, која е многу очигледна, но сепак занемарена, е фактот дека доколку се откажете од нешто (особено ако е нешто што долго време ве прави несреќни) ќе ви отвори пат кон свежи и позитивни можности во животот кои претходно не сте можеле да ги видите. Размислете.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар