Кажете им „стоп“ на негативните гласови во вашата глава

Дали гласовите во вашата глава ве поттикнуваат и охрабруваат за повеќе, ви влеваат сигурност и верба во себеси или повеќе наликуваат на гласови на вашите најголеми непријатели и противници кои пробуваат да ве омаловажат и обесхрабрат?

Ако внатрешниот глас во вас ви вели дека не сте доволно добри, убави, храбри и способни, вие најверојатно ќе се откажете и нема ни да пробате да направите нешто. Еве една интересна вистина – тие внатрешни гласови сме самите ние. Токму поради тоа, најчесто самите на себе сме си најголеми непријатели и соперници.

Кажете им „стоп“ на негативните гласови во вашата глава

Ако живеете во близина на бучна улица или аеродром, толку сте навикнати на буката што веќе не ја забележувате и не ве вознемирува. Исто е со внатрешниот глас во секој од нас. Го слушаме почесто отколку што мислиме, само не му обрнуваме внимание.

Прво и основно, сфатете дека постојат и дека влијаат на вашите постапки. Се случува кога, на пример, наутро ви е удобно во кревет, па ќе останете во постела наместо да одите по предвидениот план за тој ден, бидејќи нешто во вас ви вели дека тука сте на удобно и сигурно.

Или нема да заминете на интервју за работа, бидејќи во последен момент ќе помислите дека не сте доволно подготвени, не изгледате убаво и дека нема да се покажете во најдобро светло. Погодете што? Тоа е вашиот внатрешен глас. Прв чекор за контрола над него, е да станете свесни дека постои и да се обидете да разберете кога се јавува и како влијае на вашите одлуки.

Што би направиле ако некој ви пријде на улица и ви рече дека не сте убави и привлечни, дека не сте паметни, дека не вредите и не сте добри личности? Ќе се одбраните ли себеси? Токму тоа е она што треба да го направите со внатрешниот глас во вас. Нема да му верувате и ќе го докажете спротивното. Ако ваш непријател ве нападне вие би се бранеле, тогаш зошто да не се одбраните од себеси и негативните мисли кои ве спречуваат да го дадете најдоброто од себе? Како и многу луѓе во нашиот живот, само затоа што ни зборува не значи дека треба да го слушаме.

Кажете им „стоп“ на негативните гласови во вашата глава

Замислете дека имате далечински управувач и моќ да го стишите негативниот глас кој ве влече назад. При секоја негативна мисла која би можела да ве онерасположи, вие ставете акцент на некоја позитивна.

Кога ќе помислите дека сте неодговорни, сетете се на проектот кој го завршивте навремено и беспрекорно и дека ништо не ве спречува истото да го направите пак. Кога ќе помислите дека не сте доволно убави и привлечни, сетете се на момчето кое изгубило глава по вас или на девојката која се вљубила во вас до уши. Кога ќе помислите дека не сте сакани, сетете се на членовите на вашето семејство и за тоа колку тие ве сакаат и штитат. Кога ќе ви падне на ум дека не би успеале во нешто, заменете ја таа мисла со спротивната, дека ќе успеете бидејќи ништо не ве спречува.

Имајте на ум дека не сте готово дело, туку дело „во изработка“. Никој не е скроен по совршена мера. Ние растеме, созреваме, се надградуваме себеси, менуваме наши ставови и верувања. Добро е да се биде самокритичен, но во одредена мера. Всушност, колку повеќе сте критични кон себеси, толку помалку ги забележувате туѓите недостатоци, бидејќи сите ви изгледаат совршено добри освен вие самите.

Стишете го тој глас кој постојано ве критикува. Само затоа што не сте совршени, не значи дека не сте добри, само поради неколку грешки не значи дека никогаш нема да направите добар избор.

Вие заслужувате самодоверба која ќе ве води низ животот, а не здодевни негативни гласови кои ќе ве тераат да помислите дека не сте доволно способни за нешто.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. . Reply

    nice one :) keep it up

Остави коментар