Карирани кошули и фармерки до глужд: Најголемите трендови за оваа сезона!

Карирани кошули и фармерки до глужд: Најголемите трендови за оваа сезона!

Додека останатите high street брендови се задржуваат на бохо трендот од 70-тите, популарниот шпански бренд Манго се врати две децении наназад и нѐ врати во раните 90-ти. Колекцијата на Манго е времеплов низ времето на Нирвана, Курт Кобејн, Прл Џем, пирсинзите и појавата на гранџ стилот.

1-karirani-koshuli-i-farmerki-do-nad-gluzhd-najgolemite-trendovi-za-ovaa-sezona-kafepauza.mk

Назад во 90-тите

Со бунтовни мотиви, колекцијата есен/зима 2015-2016 содржи повеќе видови карирани кошули кои се must have парче ако сакате да го инкорпорирате гранџ стилот во вашиот изглед. Овој пат кошулите доаѓаат во помеки тонови комбинирани со маички или врзани околу половината, а преовладуваат и големите џемпери, јакните и кошулите во војнички стил, цветните фустанчиња и секако незаборавните тексас шорцеви и фармерки со трегери. За најдобро да го доловите овој стил, комбинирајте со мартинки или рамни чизми до глужд.

2-karirani-koshuli-i-farmerki-do-nad-gluzhd-najgolemite-trendovi-za-ovaa-sezona-kafepauza.mk

Фармерки до глужд

Тие никогаш не излегуваат од мода. Без разлика дали станува збор за тесен модел, бојфренд крој или со трегери, фармерките имаат неверојатна моќ за трансформација и одговараат на секаква пригода. Оваа година сѐ се врти околу враќање кон минатото. Па така, после ѕвонарките и шорцевите со висок струк во пролетните колекции, како совршена есенска алтернатива се појавуваат фармерките со пократки ногавици. Иако овој тренд го лансираа Твиги и Џин Себерг – икони од 60-тите, благодарение на Изабел Маран тие повторно се враќаат на модната сцена.

3-karirani-koshuli-i-farmerki-do-nad-gluzhd-najgolemite-trendovi-za-ovaa-sezona-kafepauza.mk

Благодарение на овие фармерки можете да ја истакнете негуваната кожа на глуждовите и стапалата, а со тоа да го привлечете вниманието со помош на некој интересен пар чевли. Плус е што постојат разни можности и разни модели кои ќе го задоволат изборот и на најпребирливите девојки.

Ако сакате да ги истакнете витките нозе, одберете пократки тесни фармерки кои со високи потпетици можат да изгледаат навистина елегантно, а со балетанки да наликуваат на стилот на Одри Хепберн. Ако сте обожавателка на секојдневниот изглед, тогаш најдобар избор за вас е бојфренд моделот – синоним за модерна удобност и лежерност, кој во зависност од расположението и пригодата лесно можете да го комбинирате со патики и блуза или со сако и елегантни сандали.

4-karirani-koshuli-i-farmerki-do-nad-gluzhd-najgolemite-trendovi-za-ovaa-sezona-kafepauza.mk

За целосен бохо изглед изберете проѕирна кошула, впечатливи обетки и пократка верзија на ѕвонарки. Или едноставно, завиткајте ги своите стари избледени фармерки, комбинирајте ги со кратки чизмички и спремни сте да го прошетате главниот есенски тренд за оваа сезона.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Живее за добра книга и дише преку пишаниот збор. Кога би можела, цел живот би патувала, би читала и би гледала филмови. Вљубеник во фотографијата и класиката. Оптимист и поборник за љубов. Модата е нејзиниот начин да го изрази своето мислење и став. Животот за неа е уметност, филозофија и добра храна.

Поврзани содржини

Остави коментар