Како вашата облека подолго да трае?

Како вашата облека подолго да трае?

Убавиот пар фармерки ви избледи, омилената кошулата ја искапавте со црвено вино, а чевлите кои ги купивте пред неколку месеци веќе изгледаат старо? За да не ги посетувате бутиците почесто од потребно и за да не ја испразните вашата кредитна картичка, научете ги овие неколку трикови, со кои можете да ѝ го продолжите векот на вашата гардероба.

Како вашата облека подолго да трае?

Спречете го избелувањето на фармерките

Колку пати ви се случило да си купите одличен пар фармерки и после само неколку перења, да им избледи бојата? Наместо да се разочарувате, употребете еден трик при перењето кој ќе направи вашите фармерки да траат со години.

Како вашата облека подолго да трае?

Пред првото перење на фармерките, потопете ги во леген со иста количина на студена вода и бел оцет, за да ја фиксирате бојата. Пред второто перење, повторно потопете ги фармерките во послаб раствор од вода и бел оцет, половина час пред да ги перете во машина, за да ја одржите свежината на бојата. Во 3 литри ладна вода, ставете 3 децилитри бел оцет или повеќе доколку забележите дека водата сè уште се обојува. Најважно од сè, е никогаш да не заборавате да го превртувате џинсот наопаку пред да го перете во машина. Овој едноставен чекор, може да значи одржување на квалитетот на бојата, во наредните неколку години.

Зачувајте ја облеката која има интензивна боја

Зачувајте ја облеката со силна боја, така што ќе ја перете во студена вода и ќе додадете 80 мл бел оцет во последното плакнење. Не грижете се дека облеката ќе ви мириса на оцет. Додека да се исуши, нема воопшто да се чувствува мирисот, а боите ќе заблескаат.

Како вашата облека подолго да трае?

Отстранете ги тврдокорните дамки

Речиси секоја дамка може да биде отстранета доколку реагирате веднаш. Употребете газирана вода или микс од сапун и топла вода, веднаш кога ќе се потурите со нешто. Освен ако не станува збор за некоја ептен лоша дамка, со овие трикови би требало веднаш да ја исчистите. Неколку капки шпирт врз тврдокорна дамка од мастило или трева, ќе направат чудо. За дамки од џус од портокал или црвено вино, пробајте со микс од неколку супени лажици сода бикарбона и малку вода, за да се формира паста. Тријте ја дамката со пастата и почекајте да се исуши на ткаенината пред да ја перете.

Како вашата облека подолго да трае?

Доколку дамката е веќе фиксирана, сепак не фрлајте ја облеката во контејнер. Наместо тоа, купете боја за бојадисување и следејќи ги упатствата на пакувањето, бојадисајте го вашето оштетено парче облека во потемна боја. Тоа ќе изгледа како ново и би требало да ја покрие непослушната дамка.

Освежете ја црната облека со кафе или чај

Забележувате како вашиот убав црн фустан почнува да избелува? Додадете една шолја со силно кафе или темен чај во плакнењето. Можеби звучи необично, но делува.

Како вашата облека подолго да трае?

Продолжете им го векот на градниците

Градниците е најубаво да се перат на рака во легенче со ладна вода и течен прашок за алишта, бидејќи се нежни. Доколку сепак се одлучите да ги перете во машина, купете специјална мрежа за перење градници или едноставно ставете ги во навлака за перница. Со овој начин на перење, тантелата на градниците нема да стане како корка и нема да се искине, ниту прерамките ќе се растегнат. За да не ги оштетите градниците, избегнувајте да ги сушите во сушилница во која поради брзото вртење и топлината ќе се оштети нежниот материјал.

6-kako-vashata-obleka-podolgo-da-trae-www.kafepauza

Одржете го изгледот на вашите чевли

После секое носење на чевлите, поминете ги со влажна крпа. Можеби ова звучи премногу познато, но редовното отстранување на прашината од чевлите е основен чекор, за спречување на појава на бори и пукнатини, кои потоа не можат да се поправат. За да го одржите правилниот облик на патиките и потпетиците, отстапете им доволно простор на полицата за чевли за да не се гмечат и вметнете стуткан весник внатре. Кожните чевли се склони кон сушење, поради тоа редовно чистете ги со влажна крпа, полирајте ги со боја за чевли и често премачкувајте ги со бебешко млеко за тело, за да ја одржите влажноста. Со добра грижа, вашите чевли секогаш ќе изгледаат како нови.

Како вашата облека подолго да трае?

Селектирајте ја облеката и според типот на материјалот

Сигурно ги селектирате вашите прачиња облека пред перење на бели, темни и шарени. Но, имајте на ум дека повеќе ќе ѝ го зголемите векот на вашата гардероба, доколку ја селектирате и според материјали. Парчињата облека кои сте ги ставиле во машината за перење многупати меѓусебно се преплетуваат и тркалаат заедно, па најверојатно не сакате вашата нежна и тенка кошула за на работа да се искине од патентот на дебелиот џемпер или да поприми влакна од некој материјал којшто испушта. Селектирајте ја гардеробата на нежна облека за на работа и излегување, памучни маици, панталони и чаршави и дебела облека како дуксери и фармерки. Не заборавајте да ги закопчате копчињата и патентите пред да ја ставите облета во машина, за да спречите тие да искинат некое друго парче, при вртењето.

Како вашата облека подолго да трае?

Чувајте ја паметно облеката во плакарите

Доколку парчињата облека во вашиот гардеробер, честопати имаат тенденција да го губат својот облик, тоа значи дека не се чувани добро. За да го решите овој проблем, треба да знаете кои парчиња треба да се здиплат, а кои да се чуваат на закачалка. Џемперите, дуксерите и маиците повеќе го задржуваат природниот облик доколку се чуваат здиплени, бидејќи закачалките можат да го растегнат материјалот околу рамената. Закачете ги на закачалка фустаните, кошулите, пантолоните и свилените блузи, за да го спречите збрчкувањето и губењето на обликот.

Како вашата облека подолго да трае?

Тешките одела и јакни чувајте ги на поцврсти закачалки, бидејќи тежината ќе ги искриви нежните закачалки, што може да доведе до губење на обликот околу рамената на оваа ваша скапа облека. Облеката за другите сезони, спакувајте ја во платнени торби со патент и во пластични кеси кои се вакуумираат, за да спречите навлегување прашина во внатрешноста на материјалот, појава на мувла и дупки од молци.

Други важни совети околу перењето и сушењето

Можете многу да им го продолжите животот на вашите парчиња облека, перејќи ги во ладна вода. Со тоа не само што ќе заштедите енергија, туку и ќе ја зачувате бојата, формата и големината на облеката.

Преполнувањето на машината за перење може исто така да ја оштети облеката, така што поделете го големиот куп на два дела, на две машински перења. Секогаш кога можете, сушете ја облеката на природен начин, а не во сушилница, за да избегнете избелување на бојата, нагризување на материјалот и набирање и смалување на облеката.

Како вашата облека подолго да трае?

Последно, но не и неважно, е дека секогаш треба да внимавате на количеството детергент и омекнувач кое го употребувате. Не ставајте повеќе од препорачаната доза, бидејќи тоа не само што нема подобро да ги исчисти вашите алишта, туку ќе направи да изгледаат млитаво и круто.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар