Како психолошки да се оддалечите од вашето минато?

Многу луѓе имаат проблем да го остават минатото зад себе. Тие го носат постојано со себе, размислуваат константно за него и дозволуваат тоа да има огромно влијание врз нивниот живот денес.

Како психолошки да се оддалечите од вашето минато?

Секако, минатото постојано ќе биде нешто што ќе влијае врз вас до одреден степен. Голем дел од она што сте вие денес и она што сте го научиле во животот е кулминација од искуствата од вашата лична историја. Но, и покрај тоа што минатото може да влијае врз вашата иднина, тоа не мора да значи дека мора и да ја диктира. И најважно од сè, не мора да биде нешто кое постојано ве демне зад грб.

Токму затоа треба да создадете простор помеѓу вас и вашето минато за да можете да си дозволите да растете и да се развивате на нови начини. Ова можете да го направите така што ќе создадете еден вид психолошка оддалеченост, што претставува субјективна перцепција за тоа колку всушност сте оддалечени од нешто во вашата сегашна реалност. Погледнете ги наредните неколку чекори за формирање на психолошка оддалеченост помеѓу вас и вашето минато.

Гледајте на вашето минато од надворешна перспектива

Еден многу добар начин на создавање психолошка оддалеченост е да се замислите себеси како гледате на одреден настан од надворешна перспектива. Потсетете се на некое ваше лошо искуство. Сега замислете како седите во кино и како го гледате тој настан на платното. Можете дури и да си поиграте со него – премотајте го нанапред или наназад, гледајте го обратно – од крај до почеток или пак, гледајте го забрзано или забавено. Замислете како јадете пуканки додека гледате во проекцијата. Како што ќе поминува настанот, ќе забележувате дека можете да се насмеете на вашата претерана реакција или можеби, ако повеќе не ви се гледа, без никаков проблем ќе станете и ќе си отидете од кино салата.

Правејќи го ова вие се оддалечувате од искуството и на тој начин му овозможувате на ова сеќавање да биде помалку интензивно и помалку поврзано со вашиот личен идентитет.

Како психолошки да се оддалечите од вашето минато

Променете ја вашата околина

Започнете со некое место кое најмногу ве потсетува на вашето минато – вашата спална соба, дневната просторија или пак, канцеларијата. Откако ќе го одберете вашето место, почнете да размислувате како би можеле да го промените. На пример, додадете нови декорации, нови фотографии, преместете го мебелот, обојте ги ѕидовите во различна боја…

Друг начин на кој можете да ја промените вашата околина е музиката која секојдневно ја слушате. Често се случува да се поврземе со некој бенд, песна или албум во одреден период од нашиот живот. И секој пат кога ќе ја слушнеме таа музика, ние инстантно се навраќаме во тој период. Освежете ја вашата плејлиста со нова музика и на тој начин многу едноставно и брзо ќе направите психолошка оддалеченост.

Како психолошки да се оддалечите од вашето минато

Барајте нови искуства

Активната потрага по нови искуства е одличен начин за создавање на психолошка оддалеченост. Една работа која придонесува цврсто да се држиме за минатото е непробувањето нови нешта. Одлучуваме да останеме дома, ги посетуваме истите места и ја следиме истата рутина. Ова нè одржува заробени во истите шеми кои нè потсетуваат на нашето минато. Токму затоа почнете да одите на нови места, создавајте нови пријателства и бидете отворени за нови активности. Фокусирајте се на градење нови сеќавања за иднината, наместо да се концентрирате само на оние кои веќе ги имате.

Како психолошки да се оддалечите од вашето минато

Потсетете се на нештата кои сте ги промениле

Поголемиот дел од промените во нашиот живот се бавни и постепени. Всушност не ги ни забележуваме сè додека не застанеме и не погледнеме 5-10 години во минатото. Дури тогаш ќе забележиме колку нашиот живот се сменил. Токму поради тоа, психолозите сметаат дека е многу важно да се потсетувате себеси на оние нешта кои се променети. Колку посвесни станувате за далечината која сте ја поминале, толку повеќе можете и психолошки да се оддалечите од вашето минато.

Одвојте 5 минути од вашето време денес и напишете 3 за вас значајни начини на кои вашиот живот се променил во последниве 5 години. Размислете каков ви бил животот во минатото и каков ви е сега, во сегашноста.

Постои една изрека која вели, „Не размислувајте за тоа колку далеку треба да одите, туку колку далеку сте стигнале.“ Ова е краток и сладок начин да создадете психолошка оддалеченост помеѓу вас и вашето минато.

Како психолошки да се оддалечите од вашето минато

Замислете се себеси како поминувате низ психолошка врата

Секој пат кога сакате да направите директна промена во вашиот ум, најчесто е многу корисно да користите симболи и метафори. Еден од тие симболи при создавањето на психолошка оддалеченост помеѓу вас и вашето минато може да биде „поминувањето низ нова врата“. На пример, да претпоставиме дека сакате да се оддалечите од вашата мината врска. Замислете се себеси како стоите до вашиот поранешен партнер, а потоа замислете како го оставате таму и како вие поминувате низ една врата кон сосема нов свет. Со неколку повторувања на оваа вежба, би требало да почувствувате поголема оддалеченост помеѓу вас и таа врска.

Како психолошки да се оддалечите од вашето минато

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар