Како да знаете кога станува збор за вистинска љубов?

Сподели

„Не можам да живеам без тебе“, „ти си воздухот кој го дишам“, „ти си сè што ми треба, јас и ти сме едно“… Ова се дел од најчестите фрази кои луѓето ги користат со цел да ја искажат својата љубов. Но, доколку љубовта навистина постои, тогаш секоја од овие фрази и многу слични на нив, би биле кажани сосема поинаку.

Како да знаете кога станува збор за вистинска љубов?

Можам да живеам без тебе

За да бидете способни во иднина да доживеете стабилна и силна врска, тогаш мора да знаете самите да се грижите за себе и за своите потреби. Факт е дека би преживеале без кој било, вашиот партнер не е клучниот фактор кој ве одржува во живот. Сè додека користиме вакви излитени и невистинити фрази со цел да ја искажеме нашата љубов, таа всушност не е онаа вистинската. Ако некој ве чекал вас цел живот за да почне вистински да живее, ако му требате исто колку што му е потребен кислородот или во состојба е да се убие доколку му раскинете, не залажувајте се, не се тоа симптоми на љубов туку на опседнатост.

Мојата љубов за тебе ќе се промени

Вродена карактеристика на секој човек е да сака промени, само што некој ја поседува во помали, а друг во поголеми количини. Како и да е, секој се менува. Во текот на животот  созреваме, ги менуваме нашите интереси, почнуваме да сакаме различни работи, се дебелееме, слабееме, ја менуваме бојата на косата, менуваме имиџ… Исто како што луѓето се менуваат, така се менува и љубовта. Кога некој ќе ви рече дека љубовта која ја има за вас никогаш нема да се промени, лаже! Некогаш љубовта е послаба, некогаш поинтензивна, некогаш поинаку ја чувствуваме… но едно нешто е факт, кога станува збор за вистинска љубов, да, таа се менува, како што изминуваат годините љубовта е поцврста, позрела, поиздржлива.

Ти не си сè што ми треба

Некогаш навистина би се запрашале колку партнерите кои се постојано заедно и еден во друг наоѓаат апсолутно сè што им е потребно, навистина се сакаат или пак станува збор за навика и зависност. Луѓето се „дизајнирани“ да работат во групи, да се надградуваат себеси, да имаат повеќе личности околу себе. Да речете дека вашиот партнер е сè што ви треба во животот е исто како да сте рекле дека бананата ги содржи сите витамини кои ви се потребни. Нам, покрај љубовниците, потребни ни се и пријатели, роднини, родители, колеги… Ако љубовта е вистинска нема да чувствувате дека само вашиот партнер ви е неопходен, туку дека тој совршено исполнува еден дел од вашиот живот.

Нема секогаш да сум блиску до тебе

Луѓето кои тврдат дека секогаш ќе бидат блиску до вас, ве сакаат исто како што пајаците ги сакаат инсектите – ги ловат, ги врзуваат во мрежа без да ги оспособат слободно да се движат. Да, тој кој ве љуби ќе сака да биде близу до вас, но не 24/7, туку ќе ви ја даде слободата која ви е потребна. Тогаш ќе знаете дека е вистинска љубов.

Ти и јас не сме едно

На никаков начин не е возможно двајцата да сте едно. Вие не сте камелеон кој се претвора во она што му е во близина. Вие сте своја личност, со сопствени ставови и мислења и оној кој ве сака ќе ужива во вашите разлики и во начинот на кој се надополнувате еден со друг. Вистинските вљубени се со два различни идентитети, нив не ги гледате постојано заедно, тие некогаш имаат различни мислења и различни цели. Тоа што сте вљубени, не значи дека треба да го изгубите вашиот идентитет и да станете едно со некој друг, туку да најдете личност која ќе ве сака и покрај сите разлики меѓу вас.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Вљубеник во розовата боја и убавите мисли. Најмногу ги вреднува искрените пријателства, а слободното време милува да го помине со добра книга и вкусно кафе. Омилен дел од денот - раните утра полни со неизвесност и надеж за претстојниот ден. Обожува да биде опкружена со креативни луѓе кои гледаат „надвор од кутијата“, бидејќи и самата се смета за таква. Перфекционист опседнат со организираност.

Поврзани содржини

Остави коментар