Како да си ја вратите својата внатрешна сила?

Поминувате низ период кога се чувствувате целосно исцрпено и без волја? Мислите дека не сте способни да се справите со некоја ситуација и вербата дека поседувате способност да излезете на крај со што било, згаснала во вас? Тоа е само период кој треба да го пребродите. Ова се 6 работи кои ќе ви помогнат повторно да се чувствувате храбри и да ја победите несигурноста.

Како да си ја вратите својата внатрешна сила?

Погледнете во минатото

Во период кога сте изгубиле волја и верба во себе многу полесно би набројале многу работи кои некогаш ви тргнале наопаку или многу нешта за кои мислите дека не ве бива. Но најдете начин да се потсетите на сите оние работи кои сте ги направиле правилно, сетете се на некој период кога сте биле горди на себе, кога сте успеале иако никој не го очекувал тоа од вас, на тежок период кој сте го пребродиле како вистински херои.

Тоа може да биде финансиска криза од минатото, загубата на некој близок, раѓањето на вашето дете, губењето на вашето работно место… Сте пребродиле и потешки периоди извлекувајќи „жива глава“. Кој ви вели дека сега не сте толку силни?

Не губете верба

Верба, надеж, љубов. Што би биле без овие три основни чувства? Потпрете се на вашата верба во религијата или во општата верба дека нештата се случуваат со причина која најверојатно ќе ви биде јасна на крај.

Она што нема да ве убие ве прави посилни. Тешките периоди во животот ни служат за да зајакнеме како личности, да стекнеме искуство и сила. Нештата на крај ќе си дојдат на свое место. Не преоптоварувајте се бидејќи тоа што имате лош период не значи дека имате лош живот.

Сè ќе биде во ред. На крај ќе испадне и подобро отколку што сте очекувале.

Како да си ја вратите својата внатрешна сила?

Престанете да се споредувате со другите

Често знаеме да се поистоветуваме со нечиј друг живот, да се споредуваме со личност која според нас подобро се снаоѓа во животот. Споредувајќи се со некого, уште повеќе се уверувате себеси дека не сте ни малку совршени.

Успехот во животот зависи од внатрешната сила на еден човек, а внатрешната сила зависи од самиот човек, а не од некој друг со кого би се споредувал. Да, постојат личности кои полесно ќе излезат на крај со некаква ситуација од вас. Не заборавајте дека важи и обратното. Постојат многу ситуации во кои вие би биле подобри од нив. На крајот на краиштата никој не може со сигурност да каже како му е на некој друг.

Не мерете си ги сопствените способности споредувајќи се со некој друг. Сите сме различни, живееме во различни средини со различни услови и искуства. Како некој друг се снаоѓа или што тој прави не е мерка за вашата способност и квалитет, туку е само различна ситуација од вашата.

Како да си ја вратите својата внатрешна сила?

Кои се вашите силни страни?

Да, имате негативности, но што е тоа што можете да го направите до совршенство? Можеби сте лоши во комуникација со личности кои прв пат ги среќавате, но дали умеете да сослушате и да дадете добар совет? Сите ние сме различни личности со свои предности и маани. А на светот му е потребна таа разноликост. Доколку ви помага, слободно напишете ги вашите добри страни на лист хартија. Кога ќе подзаборавите на нив, погледнете во листата со позитивности.

Соочете се со вашиот страв

Најдобар начин да се справите со нешто кое ве плаши е директно да се соочите со тоа. Имате страв од јавен говор? Пријавете се за некаков облик на јавно излагање. Се плашите од тешкотијата и обемноста на некој проект? Пријавете се да го изработите или барем да помогнете во изработката. Ништо не е невозможно. Можеби ќе ви треба повеќе време или труд но не значи дека нема да го направите. Кога сè ќе заврши ќе бидете горди на себе бидејќи сте се соочиле со стравот и ќе видите дека не било толку опасно. Дури и да не биде сè совршено на почетокот, веќе имате искуство и знаете како понатака.

Запаметете, многумина ја „утнале“ работата пред да ја изработат до перфекција. Нема некој кој не се плаши од нешто, но работата е да умеете да се соочите со вашите стравови и да ги направите да изгледаат помали.

Како да си ја вратите својата внатрешна сила?

Листа со нештата кои ви штетат

Направете листа со работи кои ви штетат на каков било начин, ментално или физички. Почнете со нештата во вашата соба. Дали имате навика да оставате храна на бирото или да спиете со вклучен телевизор? Запишете го тоа. Продолжете фокусирајќи се на целото ваше живеалиште, па на работното место, кругот на пријатели и сл. Дали останувате до доцна гледајќи филмови што ви прави потешкотии за да се разбудите порано и да ги завршите обврските? Дали имате навика да бегате од вашите обврски? Дали имате „штетни“ и негативни пријатели кои ве уназадуваат?

Од ден на ден погледнувајќи го списокот фокусирајте се на нештата кои треба да ги оттргнете, исфрлите од вашиот живот или на областите во кои треба да се подобрите. Како што ќе се подобрувате пречкртувајте ја секоја точка во листата. По секое пречкртување ќе се ослободувате себеси и ќе чувствувате дека сте сè поблиску до зајакнување и успех.

Одберете да бидете победници наместо губитници

Во животот многу работи зависат од нас. Секој е задолжен за сопствената благосостојба. Вие самите одбирате дали ќе станете порано и дали ќе ги завршите предвидените обврски. Вие одлучувате дали ќе продолжите да се борите или ќе се предадете. Вие одлучувате дали ќе се стремите кон подобрување или ќе кренете раце од себе префрлајќи ја вината на некој друг.

Вие одлучете да бидете победници. Да се оддалечите од луѓето кои ви штетат, да ги исфрлите нештата кои влијаат негативно на вас, да промените многу лоши навики кои ги имате.

Секој живее според дадени услови и нигде не е сјајно, дури и ако навидум ви изгледа така. Ваша задача е според условите кои ги имате да бидете најдобри што можете и да ги срушите бариерите. Одберете да бидете што подобра верзија од себеси.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Anonymous Reply

    like

Остави коментар