Како да престанете да зборувате само за себе?

Дали навистина знаете како да ги слушате другите луѓе додека зборуваат или размислувате на следната работа која вие сакате да ја кажете? Кога имаме некое ново или возбудливо случување во нашите животи, сакаме нашите пријатели постојано да имаат желба да нè слушаат што имаме да им кажеме ново. Тоа не значи дека одеднаш престанал да нè интересира животот на нашите пријатели, туку едноставно не можеме да престанеме да зборуваме за себеси. Земете предвид дека кога не престанувате да зборувате за една иста работа, вашите пријатели најверојатно не сакаат да ги чујат ни половина од деталите кои ги споделувате со нив, бидејќи се измориле слушајќи и никогаш не стигнале на ред да ви кажат што има ново во нивните животи.

Како да престанете да зборувате само за себе?

1. Вежбајте како да слушате

Слушањето е потешко отколку што мислите дека е, дури и кога станува збор за времетраење од само половина час. Најчесто, нашата верзија на поимот слушање подразбира процесирање на зборовите на нашиот соговорник и размислување што да му реплицираме на тоа. Навистина е реткост, кога можеме само да седиме и да слушаме, без да чувствуваме обврзаност или намера да вратиме на секоја реченица на соговорникот, со некој наш коментар.

Ако никогаш не сте искусиле ситуација во која некој само седел до вас и ве слушал што му зборувате, без да очекува двонасочна комуникација, можете само да фантазирате колку таквиот разговор има смирувачки ефект. Започнете го процесот на учење како да ги слушате другите додека зборуваат, така што ќе прашате некој ваш пријател каков му бил денот, како поминал на работа, како му е семејството, па дури и миленичето и слушнете го неговиот одговор, без да размислувате што да кажете за вашиот ден. Покажете искрен интерес за она што пријателот го споделува со вас. Ако ви постави прашање, избегнувајте долги одговори и веднаш вратете го фокусот на неговиот муабет, пред да е прекасно да се навратите на него и после 15 минути да сфатите дека сте „заглавиле“ раскажувајќи некоја ваша приказна.

2. Поставувајте прашања кои имаат долг одговор

Ако ги знаете интересите и хобијата на вашиот соговорник, поставете некое прашање од нивната област. Вовлечете ги во разговор, така што ќе поставувате промислени прашања во низа. Со ваквиот тип разговори, вашиот соговорник ќе се почувствува почитувано и благодарно што се интересирате за неговиот живот, а вие ќе имате можност да научите нешто ново за него или за неговата област на експертиза.

3. Крајот на вашиот одговор нека завршува со ново прашање

За да постои рамноправна застапеност на двајцата учесници во разговорот, обидете се во вашите одговори да вметнете и кусо прашање, кое ќе ги инволвира и нив во разговорот. Ако зборувате на тема која на обајцата ви е позната и сакате да зборувате за тоа, можете да кажете нешто како на пример: „Да, ми се допаѓа целиот музички албум! Која ти е омилена песна?“ Дадете му на вашиот соговорник време да ви одговори без вие веднаш да „скокнете“ во неговиот одговор, кажувајќи му ги насловите на сите 12 песни по ред. Бидете сигурни дека сте го слушнале туѓото размислување, пред да го изнесете вашето.

Како да престанете да зборувате само за себе?

4. Почесто помислувајте на другите луѓе

Ова е тешка задача. Навикнати сме да мислиме на она што треба да го сториме подоцна, каде треба да бидеме утре или како да ги завршиме сите обврски до крајот на денот, поради што понекогаш забораваме да помислиме на другите. Почнете да си создавате навика  да помислите дали вашиот другар ужива на неговото патување во Америка или како испаднала  манџата која ја приготвила мајка ви за денешниот ручек. На тој начин, кога мајка ви ќе дојде дома или кога ќе се слушнете со пријателот преку Скајп, ќе можете да започнете разговор за нешто што таа/тој го направил/а, пред да почнете да кукате за вашиот глупав ден на работа, строгиот шеф или чудните колеги. Обидете се да ги започнувате вашите мисли со нешто друго освен со „јас“ или „мене“. Кога еднаш ќе успеете да си створите навика да помислувате на животите на други луѓе, ќе станете и поспособни да ја држите вашата уста затворена додека некој друг зборува и да слушнете што вашето семејство или пријателите имаат да ви кажат.

5. Запомнете ја целта на разговорот

Секој разговор почнува со некаква цел која некој од соговорниците се труди да ја постигне. Но, во секојдневието честопати, ако не и редовно, се случува во еден разговор соговорниците петнаесетина пати да „прерипаат“ од една на друга тема, така што кога ќе се разделат, забораваат за што воопшто разговарале и ќе констатираат дека не ги добиле одговорите кои сакале да ги чујат, ниту ги споделиле новостите од својот живот.

Максимално трудете се да се задржувате на темата на која разговарате. Секако, тоа не значи дека треба 3 часа да зборувате само за една иста работа, но темите треба да ги завршувате со некаква поента и да заокружите една целина, пред да преминете на некоја нова тема. Никој не сака да слуша 20-минутно дрдорење напразно и споделување информации, кои се неважни и досадни. Затоа, обидете се да го задржите фокусот на започнатата тема на разговор и бидете фер соговорник.

Зошто треба да се потрудите да слушате повеќе, кога никој не ве слуша вас?

Зборувањето за вашиот живот е природна човекова тенденција. Но, учејќи како да ја зауздите таа склоност и повеќе да ги слушате другите луѓе додека зборуваат, оставате простор за поквалитетна двонасочна комуникација, а воедно ќе станете човек, со кој секој ќе ужива да поразговара. Плус, ако вие сте покултурни и им оставате простор на луѓето да зборуваат подолго за нивниот живот, поверојатно е дека со тек на време, ќе сфатат дека и тие треба да ви го овозможат вам истото.

И на крајот, ако сиве овие совети не ви беа доволни, прочитајте ги 12-те златни правила за пријатен разговор.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Љубопитна новинарка со истражувачки дух, во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, без испеана песна и без малку возбуда не треба да ѝ помине ниту еден ден. Се релаксира со фина музика, длабок филм или прошетка во природа во добро друштво. Верува дека добриот совет и астрологијата ѝ помагаат да се разбере себеси и светот околу неа. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар