Како да препознаете хипохондрик?

Секој има барем еден пријател кој е загрижен за својата здравствена состојба повеќе отколку за што било друго, а можеби и токму вие сте таа личност. Во повеќето случаи овие луѓе посетуваат теретана, се хранат здраво и зборуваат дека ги слушаат своите тела. Но, карактеристично за хипохондриците е тоа што тие слушаат на поинаков начин, односно, сметаат дека секоја мала болка е почеток на некоја посериозна болест. Најпрво, треба да се спомене дека хипохондријата е термин кој повеќе не го користи медицинската заедница, затоа што тоа е комбинација на два слични, но различни услови. Едниот е наречен нарушување на анксиозноста, односно кога една личност ќе стане опседната со тоа дека е или ќе стане болна, најчесто без да постојат какви било симптоми. Ова е малку поинакво од состојбата што вклучува телесни нарушувања. Всушност, луѓето кои спаѓаат во оваа категорија имаат одредени симптоми, но медицинските тестови не нудат објаснување за тоа. Иако секој поединец кој го има ова нарушување е малку поразличен од другите, постојат начини да им се каже на овие личности дека премногу се грижат за своето здравје. Погледнете ги следниве знаци и препознајте дали вие или некој ваш близок се соочува со хипохондријата.

6 знаци кои покажуваат дека една личност е хипохондрик

1. Постојано закажување лекарски прегледи и медицински тестови

Во природата на некои луѓе е постојано да бидат загрижени за нешто, а тоа преминува во хипохондрија кога тие ќе почнат да ги планираат лекарските состаноци. Нивното верување дека нешто навистина не е во ред, ги поттикнува повторно да прават одредени медицински тестирања, дури и кога нивниот лекар тврди дека сѐ е во ред. Според психолозите, заедничко за овие лица што тие посетуваат повеќе лекари за да добијат второ, трето или повеќе мислења, затоа што сметаат дека првиот лекар пропуштил нешто.

6 знаци кои покажуваат дека една личност е хипохондрик

2. Претпоставуваат дека секоја мала болка е симптом на нешто посериозно

Иако многу од хипохондриците нема да почувствуваат каков било симптом, секој има главоболка или болка во стомакот одвреме-навреме. Наместо да чекаат да помине, како што прават и повеќето луѓе, тие премногу се вознемируваат и веднаш го претпоставуваат најлошото. Њујорк Тајмс го нагласува примерот со некоја жена која била премногу загрижена за отчукувањето на нејзиното срце. Според приказната, таа била убедена дека ѝ претстои срцев удар. За хипохондриците главоболката никогаш не е само главоболка, ниту пак кашлицата е само кашлица.

6 знаци кои покажуваат дека една личност е хипохондрик

3. Со часови го пребаруваат значењето на своите симптоми на Интернет

Многу реномирани медицински веб-сајтови нудат сеопфатни информации за повеќе болести. Иако може да биде корисно во некои случаи, сепак, тоа исто така може да доведе до прекумерна загриженост. Бидејќи има премногу информации, хипохондриците може да поминат цел ден на Интернет, во потрага по симптоми и така да дојдат до своја дијагноза. Покрај ова, онлајн може да се најдат и многу информации кои не се веродостојни. Само затоа што еден блогер тврди дека знае сѐ, не мора да значи дека тоа е навистина така.

6 знаци кои покажуваат дека една личност е хипохондрик

4. Се изолираат од останатиот свет

Без разлика дали е намерно или не, хипохондријата честопати доведува до намалување на социјалниот живот. Некои луѓе премногу се загрижени за бактериите или какви било болести, при што ова ќе биде причина тие да престанат да излегуваат. Вашингтон Пост споделува една приказна за некој маж кој премногу се плашел од заразување со ХИВ или СИДА од валкана ограда или пак допирање луѓе, при што тој станал многу повлечен.

6 знаци кои покажуваат дека една личност е хипохондрик

5. Редовно го проверуваат крвниот притисок

Дури и со премногу честите посети на лекарите, многу хипохондрици не се задоволни од тоа како тие ги вршат испитувањата. Според Центарот за опсесивно компулсивно растројство во Лос Анџелес, поседувањето сопствен уред за мерење на крвниот притисок и слична медицинска опрема, е знак за хипохондрија. Овие личности може да имаат сокриено и некакви медицински книги. Мерењето на крвниот притисок може да биде особено проблематично. Докторите објаснуваат дека вознемиреноста ослободува адреналин, кој ги зголемува отчукувањата на срцето и крвниот притисок. Ако некој е претерано загрижен секогаш кога се тестира, тој или таа ќе сфатат дека нивниот крвен притисок не е во најдобар ред, а ова само дополнително ќе направи да веруваат дека со нив се случува нешто ужасно.

6 знаци кои покажуваат дека една личност е хипохондрик

6. Избегнуваат посета на лекар по секоја цена

Ова е спротивно на првиот знак што го споменавме, но, подеднакво е проблематично. Некои хипохондрици се убедени дека ќе добијат лоша дијагноза од нивниот лекар, па одбиваат да го посетат. На некој начин овие луѓе ја избегнуваат грижата за себе, при што никогаш нема да дознаат дали нешто навистина не е во ред со нив.

6 знаци кои покажуваат дека една личност е хипохондрик


За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар