Како да поедноставите комплицирана одлука?

Како да поедноставите комплицирана одлука?

Секој од нас секојдневно донесува многу одлуки од различен карактер. Дали да го преместиме алармот да ѕвони покасно или да станеме веднаш? Дали да пиеме кафе или коњак? Да јадеме овошје или пица? Одлуката за ситните работи можеби е лесна, но што се случува кога ќе се соочиме со оние потешките?

Дали да бидеме во љубовна врска која води кон брак или безгрижно да го живееме животот сами со себе додека не се појави „вистинскиот“ партнер за нас? Да отвориме фирма или да работиме за просечна плата?

Зошто кога имаме толку многу искуство во донесувањето одлуки, кога ќе се соочиме со некоја потешка умствено се „заглавуваме“, длабоко анализирајќи кој е вистинскиот пат кон кој треба да се насочиме?

Како да поедноставите комплицирана одлука?

– Најверојатно бидејќи донесувањето комплицирана одлука е тешка задача. Не постојат примероци на однесување и реагирање во таквите ситуации. Или ќе размислуваме повеќе од потребно и на крај ќе ја донесеме одлуката која може да биде и погрешната или ќе застанеме на нозе, ќе се соочиме со проблемот и ќе го решиме – онака како што најдобро знаеме и умееме.

Најдобрите решенија не се донесуваат со премногу размислување, туку со следење на инстинктот кој секојдневно го употребуваме за донесување на оние ситни одлуки. Вие знаете што е најдобро за вас и за вашите најблиски и кога еднаш ќе решите да поверувате во тоа, ќе започнете побрзо да ги донесувате и покомплицираните одлуки.

1. Немојте да се задолжувате со пари

Парите ќе играат голема улога во повеќето од големите одлуки кои ги правите, а парите секогаш ќе ви создаваат главоболки. Во секој случај, подобро е да работите со свои, а не со туѓи, позајмени пари, бидејќи ако немате долгови ќе можете да ставите помал акцент на финансискиот елемент на вашата одлука.

2. Не прашувајте ги сите околу вас како треба да постапите

Доколку прашате пет луѓе да ви го кажат нивното мислење за вашиот проблем, многу е веројатно дека ќе добиете и пет различни одговори, а таквиот резултат ќе направи сè повеќе да се запрашувате која е вистинската одлука, а тоа ќе ве направи позбунети. Консултирајте ги само луѓето кои ќе бидат директно засегнати од вашата одлука, а сите останати само известете ги што сте решиле да сторите и направете го тоа со самодоверба.

3. Добро „измерете“ ги последиците

Која е најдобрата, а која најлошата работа која може да се случи ако се решите за првата или втората опција? Дали она што сакате да го направите вреди доволно, за отпосле да ги трпите негативните последици од таквата постапка?

4. Слушајте што ви вели срцето

Можеби ви треба повеќе време за фактички да ја донесете најдобрата можна одлука, но кога веќе сте соочени со изборот, не заборавајте дека вашата смелост/срце/интуиција или што и да е она кое ве води низ животот, веднаш ќе ви го даде одговорот на прашањето. Запишете го првото нешто кое ќе помислите дека е она вистинското. Тој запишан одговор може да е клучот за вашата победа.

5. Бидете благодарни за можноста која сте ја добиле

Ако вашите опции ги доживувате како тегоба, а не како животен предизвик, најверојатно ќе ја донесете погрешната одлука. Кога ќе сфатите дека во суштина сте многу среќни што можете да изберете помеѓу повеќе опции, ќе можете да реагирате соодветно.

6. Ќе имате ли излез од евентуалната погрешна одлука?

Што ќе се случи ако отпосле сфатите дека не ви се допаѓа одлуката која сте ја донеле? Ќе можете ли да се вратите назад? Препознавањето дали нешто може да биде вратено назад или не, го прави одлучувањето попрецизно во вашата глава.

7. Ослободете се од притисокот

Постојат големи шанси дека изборот кој што ќе го направите нема ниту да го спаси, ниту да го уништи светот. Ослободете се од драмата и земете ги предвид фактите. Верувајте си на себе. Ако не можете да го направите изборот, вратете се на точка 4.

8. Размислете дали имате трета опција

Честопати се ставаме во позиција да избираме помеѓу опција А и опција Б. Немојте да се плашите да размислите за трета опција. Работите не се секогаш црно-бели.

9. Потсетете се на последната одлука

Присетете се на последната одлична одлука која ја донесовте во вашиот живот и дозволете им на позитивните вибрации да ве одведат повторно на вистинското место.

10. Верувајте во вашата одлука

Кога веќе сте ја донеле одлуката, верувајте во неа. Бидете убедени дека сте ја донеле вистинската одлука во моментот кога сте морале да ја донесете и потоа, продолжете понатаму со животот. Не оптоварувајте се со мисли од типот „што ќе беше, доколку беше“ и извлечете го најдоброто од вашата нова животна можност.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар