Како да патувате за малку пари? - Евтин престој

Како да патувате за малку пари? – Евтин престој

Планирањето на трошоците за патување, покрај за транспортот, секогаш се врзуваат за цените на хотелите и рестораните. Секогаш изгледаат скапо и одвраќаат многумина од намерата да патуваат некаде. Сепак, суштината на патувањето не е во купувањето комфор, туку во доживувањето на новата средина која ја посетувате. Тоа е она што носи возбуда и што остава спомени. Не се тоа преценетите хотели и ресторани кои својата услуга ја наплатуваат според пазарната логика, а не според она што вистински го нудат. Факт е и тоа дека ручек во традиционален ресторан може да му додаде вредност на доживувањето, но не мора сите оброци да ви бидат такви.

Во продолжение ви претставуваме неколку алатки со чија помош можете вашиот престој во странство да го направите евтин.

Како да патувате за малку пари? - Евтин престој

1. Краток престој

Каучсурфинг

Веќе пишувавме за каучсурфингот, веб-сервис кој го смени начинот на патување во светот. Доколку не сте запознаени со тоа, се работи за можност да престојувате како гостин кај некого кој може да ви го понуди своето гостопримство преку својот кауч и времето кое може да го помине со вас покажувајќи ви го градот. Тоа најчесто не е комфорен начин на патување. За него потребен ви е малку авантуристички дух, отвореност и желба за запознавање на нови луѓе и култури. Имајте предвид дека каучсурфингот не е само можност за бесплатен престој, туку начин на запознавање на нови луѓе и култури, така што не би требало да го злоупотребувате ако не ви е дојдено до дружба со вашите гостопримливи домаќини.

Прочитајте поопширно за каучсурфингот.

Couchsurfing.com е најпопуларниот светски сервис за размена на гостопримство, но не и единствен. Покрај него можете да ги проверите и HospitalityClub.org и BeWelcome.org. Тие имаат помалку членови, но ако не успеете да најдете ништо на Каучсурфинг, можете да се обидете и таму. Доколку сте велосипедист кој ужива во долги велосипедски тури, користете го Warmshowers.org. Тоа е сервис во кој велосипедистите на долги патеки меѓусебно си помагаат на начин што на своите колеги им го нудат својот кауч и дом, или само топол туш додека се на поминување.

Како да патувате за малку пари? - Евтин престој

ЕрБнБ

ЕрБнБ овозможува да изнајмите соба или цел апартман за помалку пари од вообичаеното. Не ги изнајмувате од какви било агенции, туку од обични луѓе. Кога некој има вишок соба или цел стан и сака да го издаде на туристи, тој тоа може да го огласи на ЕрБнБ со цел да дојде во контакт со оние на кои им е потребно сместување. Препорачливо е да го користите овој метод кога патувате барем двајца или пак во поголема група, затоа што цената секогаш е фиксна за собата или станот, така што трошоците се делат. Некои од сопствениците одлучуваат дека својот простор ќе го издаваат за одреден број луѓе и наплатуваат за секој дополнителен човек, додека пак други не ги интересира колкумина престојуваат внатре сѐ додека го добиваат својот фиксен надомест.

Цените многу варираат во зависност од квалитетот што го добивате. Сепак, возможно е да се најде цел стан за двајца за околу 30 евра за една ноќ во Прага, што би било 15 евра по човек и е поевтино од хостел. Во центарот на Париз може да најдете сместување за 250 евра неделно, што поделено на двајца излегува по помалку од 20 евра за еден човек, додека нема шанси да добиете таква цена во хостел во истиот град.

Како да патувате за малку пари? - Евтин престој

Хостел

Доколку немате друг избор, а имате и нешто повеќе пари за трошење, хостелите се доста добра опција, иако не се и најевтината. Можете да одберете соба за еден или за двајца, но ако сакате да поминете поевтино тогаш препорачливо е да одберете кревет во една од оние големи спални во кои престојуваат и по повеќе од десет луѓе. Двата најдобри пребарувачи на хостели во светот се hostelworld.com и hostels.com.

Кампување

Ако цел за вашето следно патување е некој преубав дел од природата, размислете за кампување. Кампувањето на диво надвор од означените кампови речиси секаде е илегално, но се толерира. Доколку сакате да бидете сигурни можете да одите во камп, но ќе треба да издвоите некоја сосема мала сума пари која се определува по ноќевање. Дури и во поскапите западноевропски земји тие цени често пати се под 10 евра за една вечер.

Како да патувате за малку пари? - Евтин престој


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар