Како да изгледате убаво и без шминка?

Автор: Горана Коневска

Голема благодарност до оној кој ја измислил шминката, бидејќи со неа секоја девојка може да изгледа свежо и одморено, дури и кога тоа не е така. Но, понекогаш едноставно сакате да го одморите вашето лице и да не користите никаква козметика, барем еден ден. За да може да успеете во истото, треба секојдневно да се грижите за своето лице и за квалитетот на вашата кожа. Се разбира, постојат случаи кога едноставно мора да носите шминка, но доколку „маните“ не се толку големи, можете со мали трикови да ѝ овозможите малку одмор на кожата на лицето, а истовремено и да ја пуштите својата природна убавина на виделина.

Како да изгледате убаво и без шминка

Отспијте се убаво

Иако ова е премногу зборувано и за истото е навистина премногу пишувано, сепак една од најважните работи за вашето тело и вашиот дух, е да им овозможите доволен и добар сон и одмор. Од истото ќе видите ефекти веднаш. На пример, за време на викендите кога спиете повеќе од вообичаено нели веднаш забележувате дека немате подочници, тенот ви е порумен и едноставно немате уморен поглед во очите?

Како да изгледате убаво и без шминка

Мијте го лицето со студена вода

Миењето на лицето со студена вода, како и користењето студени облоги помагаат да се забрза циркулацијата, истовремено давајќи ѝ свежина на кожата и убава природна боја.

Чистете и навлажнувајте ја кожата

Следно, но не помалку важно е да ја чистите и навлажнувате кожата доволно често. Со помош на специјална вода во форма на спреј за освежување, која можете да ја носите во чантата и многу други разни тоници и слични продукти, можете да постигнете долгорочни ефекти на кожа без пори, црнки и дури да спречите појава на акни. Запомнете само да користите лосион или млеко за лице откако ќе ѝ направите пилинг на кожата, за сосема да ги остраните мртвите клетки, инаку може да се соочите со поголеми проблеми т.е. порите да ви се наполнат со нечистотија и слично.

Пијте доволно течности

Секојдневното пиење течности овозможува баланс на телото, го забрзува метаболизмот, чисти од нечистотии и секако влијае и врз еластичноста на кожата.

Како да изгледате убаво и без шминка

Заштитете ја својата кожа од сончевите зраци

Користете производи кои содржат фактор за заштита од Сонце. Добри се и за летно и за зимско време.

Како да изгледате убаво и без шминка

Грижете се за веѓите

За да можете слободно да се лишите од шминката на некое време, задолжително треба да се грижите за веѓите и тоа секојдневно. Исто така, обидете се да го користите виткачот за трепки самостојно без притоа да ставате маскара. Ова ќе ви помогне да добиете помоќен изглед на вашите очи и поиздолжен изглед на трепките.

Како да изгледате убаво и без шминка

Не заборавајте на косата

Косата е исто така од големо значење. Мрсната и неизмиена коса веднаш се забележува и ќе придонесе за ваш неатрактивен изглед. Затоа, одвојте малку време и посветете ѝ внимание на косата.

Користете многу малку сјај или балсам за усни

Малку сјај за усни или балсам нема воопшто да ви штети. Напротив, ако е со заштитен фактор ќе биде добро да го нанесете.

Како да изгледате убаво и без шминка

Носете очила за сонце

Очилата за Сонце ќе ги сокријат малите мани, како подочници или слично, а и ќе го оттргнат вниманието од другите мали недостатоци на вашето лице.

Како да изгледате убаво и без шминка

Што да прават оние кои не можат да излезат без шминка?

Доколку не можете да излезете без да нанесете шминка на лицето, а сепак сакате да изгледате природно, потребна ви е шминка во природни нијанси.

Земете коректор и покријте сѐ што ви пречи на вашата кожа, како што се црвените дамки, флеките, темните подочници, црвенилото и слично. Врз тоа нанесете посветла течна пудра (онаа нијанса која ќе делува природно на вашиот тен). Земете светла сенка (светла беж или светло розова), нанесете ја од внатрешниот аголот на окото и повлечете под веѓата по целата нејзина должина. Овие сенки се добра подлога за шминка. Потоа можете да додадете малку светкава сенка од средината до крајот т.е. до надворешниот агол на окото.

Дополнително:
  • Исчешлајте ги веѓите со специјална четка
  • Ставете кафена или црна маскара (можете и да ги подвиткате трепките)
  • Земете руменило со боја на праска или бледо розова боја и нанесете на образите
  • Врз руменилото нанесете пудра во прав
  • Нанесете балсам, кармин или сјај за усни

Најважното што треба да го запомните кога се шминкате

Крајниот ефект не смее да биде маска на лицето, туку лесна шминка која ќе има ефект, но истовремено нема да се познава дека ја носите.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар