Како да го преживеете Денот на вљубените ако сте сингл?

Звучи тажно, меѓутоа факт е дека многу луѓе се без партнер на Св. Валентин, а денот знае да биде многу депресивен без некој специјален во вашата прегратка. Наместо да тагувате што овој Ден на вљубените треба да го поминете сами, прочитајте како да го преживеете без многу мака и со главата горе.

Како да го преживеете Денот на вљубените ако сте сингл?

1. Помислете дека овој ден е измислен за пари

Помислете дека Денот на вљубените е всушност една голема фарса од празник, чија цел е да се спечалат многу пари од сите тие рози и чоколади кои луѓето ги купуваат за нивните љубени. Плус, Св. Валентин и не е наш празник, така што размислувајте во оваа насока и гордо излезете и прославете си го нашиот Св. Трифун, без да се чувствувате осамено.

2. Не сте само вие

Околу 60 милиони луѓе во светот ќе го поминат овој ден без партнер. Запомнете и дека да се биде сингл на Валентин, не е ништо поразлично од тоа да се биде сингл во кој било друг ден од годината.

3. Повикајте пријател или семеен член

Денот на вљубените баш и не мора да го поминете со партнер. Па кој може баш секогаш да темпира да биде во љубовна врска токму на 14 февруари?! Јавете ѝ/му се на најдобриот пријател или пријателка или на некој член од семејството и излезете некаде на прошетка со жешко „coffee to go“ во рака. Воедно, можете да се појавите со црвена роза, чисто онака, за да го обележите и вие празникот симболично и да ѝ покажете на личноста која ве удостоила со своето присуство, дека ја почитувате.

4. Избегнувајте луѓе кои се фалат „колку се заљубени“

Денес тргнете се настрана од пријателите кои постојано се фалат со тоа колку нивниот љубовен партнер е најсовршен во цел свет, бидејќи ќе ве растажат. Наместо со пријателите кои се во врска, овој ден поминете го со некои кои се сингл, за да можат да сфатат како се чувствувате.

Како да го преживеете Денот на вљубените ако сте сингл?

5. Не ни помислувајте да му/ѝ се јавите на бившиот/ата

Денес, како што се вели, љубовта е во воздухот и изгледа како сите да се во пар, па вам сосема природно може да ви падне на ум да му/ѝ свртите на бившиот/ата, особено доколку неодамна сте раскинале. Колку и да не можете да му одолеете на искушението, имајте на ум дека доколку ве одбие и ви го скрши срцето, тоа нема да ви го подобри, туку уште толку ќе ви го уништи денот. Јавете се само кај пријателите, не кај бившите.

6. Спуштете ги „розовите очила“

Лесно е да ве фати љубомора кон сите оние кои се галат и гушкаат пред ваши очи на Св. Валентин. Но, важно е да останете реалистични и да сфатите дека ниедна врска во светот не е совршена и дека романтиката која ја гледате на 14 февруари, не го репрезентира секојдневието на оние кои се во пар. Наместо да им завидувате, потсетете се кои работи не ви недостигаат од врските и помислете на сите предности и искуства коишто можете да ги стекнете како сингл цура/дечко.

Како да го преживеете Денот на вљубените ако сте сингл?

Уште неколку екстра совети:
  • Забавувајте се денес! Само затоа што низ цел град се продаваат срциња и плишани мечиња, не значи дека вие треба да се заклучите дома и да плачете во аголот од собата. Договорете се со вашите сингл пријатели и журкајте се најдобро што можете, и оп: ќе заборавите дека воопшто е некаков си таканаречен „Ден на вљубените“.
  • Доколку пак, ви се укаже прилика да „ќарите“ некој/а на овој ден, не значи дека треба да ја испуштите приликата. Но, не ризикувајте да се „изгорите“, ако гледате дека флертот и не резултира баш најдобро…
  • Ако нема кој да ви купи, тогаш сами купете си чоколатца или рози. Па има ли поубаво чувство од самостојноста во тоа да си се почестите со нешто што знаете дека сигурно ќе ви се допадне?! (за разлика од подарокот кој би го добиле од замислениот партнер, кој може и да не е баш според ваш ќеф.)
  • Поминете време со некое мило животинче. Животните не се скржави, тие ја шират љубовта и секогаш ќе ви покажат дека ве сакаат.

Како да го преживеете Денот на вљубените ако сте сингл?

  • Ако немате никој во моментов, не значи и дека ама баш никој во светот не ве сака. Голема е веројатноста дека имате таен обожавател кој помислува на вас многу често, и особено денес.
  • Само затоа што сте сингл денес, не значи дека ќе бидете сингл засекогаш. Љубовта може да се појави кога најмалку ја очекувате.
  • И за крај, доколку ниеден од овие совети не направи да се чувствувате подобро, помислете на оние помалку среќните луѓе во светот. Оние кои ги напуштиле своите домови поради војна, кои ги изгубиле своите најблиски во трагедија или оние кои едвај можат да си дозволат корка леб дневно. Ако се замислите, ќе сфатите дека да се биде сингл на Валентин е ништо, во споредба со сето она со коешто треба да се соочуваат овие луѓе секој ден.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Љубопитна новинарка со истражувачки дух, во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, без испеана песна и без малку возбуда не треба да ѝ помине ниту еден ден. Се релаксира со фина музика, длабок филм или прошетка во природа во добро друштво. Верува дека добриот совет и астрологијата ѝ помагаат да се разбере себеси и светот околу неа. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

  1. Иви Reply

    Already survived! 😀

Остави коментар