Како да го подобрите впечатокот кој луѓето го имаат за вас?

Автор: Горана Коневска

Во човечката природа е секој да посакува да остави добар впечаток кај другите, луѓето да имаат позитивна перцепција за него или да биде одличен пример за останатите и да биде запаметен како позитивна личност. Еве неколку совети кои ќе ве направат попопуларни меѓу пријателите и ќе ви помогнат при оставање одличен впечаток кај соговорниците.

Како да станете впечатлива личност

Бидете заинтересирани за случувањата во животот на соговорникот. Секој сака да зборува за себе, за работите кои го тангираат во секојдневието, без разлика дали станува збор за личниот или за деловниот живот. Кога покажувате интерес за личноста со која разговарате преку прашања и теми поврзани лично со нејзе, вие директно покажувате дека ја почитувате, дека работите кои ѝ се случуваат ви се битни, а со тоа му создавате на соговорникот чувство дека ви е важен.

Научете активно да слушате. Никој не сака да биде прекинат додека зборува. Активното слушање ви овозможува постигнување поголемо почитување кај соговорничката страна, како и време во кое можете внимателно да размислите за тоа што се говори, без притоа да ја следите само сопствената мисла. На крајот, можеби ќе соберете повеќе информации или ќе го промените своето мислење кога соговорникот ќе ја постигне својата поента. Не претпоставувајте дека знаете што точно соговорникот сака да каже. Активно и внимателно слушајте и ќе станете еден од најдобрите соговорници.

Бидете свои, бидете искрени. Искреноста е една од карактеристиките што секој човек многу ја цени кај другите. Дури и да сте погрешиле или нешто да не знаете во моментот кога сте прашани, искрената реакција нема да наиде на осудување. На осудување може да наиде обидот за прикривање или глумата. Бидете искрени. Бидете свои. Никој не сака луѓе кои копираат или кои немаат свое мислење и свој став. Вашиот уникатен став и јасното изразување на мислењето без напад на соговорничката страна, како и искрениот пристап, ќе ве направи личност со која секој сака да соработува и да се дружи.

Како да станете впечатлива личност

Поставете добар пример. Луѓето се воодушевуваат на добрите примери на кои потајно посакуваат да се огледаат. Една од карактеристиките на луѓето кои претставуваат добар пример за другите е позитивниот дух. Да се гази цврсто на земја, да се биде реалистичен и притоа да се задржи позитивниот дух и енергичноста е исклучително важно. Никој не ги сака намуртените личности околу себе, а од друга страна секогаш сакаме да бидеме во присуство на луѓе кои ни влеваат позитивна енергија и кои дури и во тешките моменти знаат дека „ќе дојдат и подобри времиња“ и дека „во секое зло има и добро“.

Исто така, во се што работите вложувајте го својот максимум. Работата завршувајте ја со љубов, без разлика дали станува збор за готвење, работа на шалтер, фризерски салон и слично. Вашите клиенти секогаш ќе бидат задоволни, а верувајте дека и кај вашите претпоставени тоа нема да остане незабележано, така што напредокот ќе биде гарантиран.

Бидете дарежливи во однос на парите и времето. Дарежливите луѓе се посреќни, поисполнети, поздрави и позадоволни од другите. Дарежливоста, во секого предизвикува чувство дека е важен и дека со своите добри дела може да направи макар и мала промена во животот на другите. Тука не се мисли само на финансиска помош за некое лице кое има потреба од тоа, туку и за волонтирање во непрофитна организација, одвојување на дел од своето време за помош на пријател, сосед, постаро лице или за други слични цели.

Вложувајте во она во кое верувате. Многу успешни и влијателни луѓе делат исти карактеристики: напорно работење, добри идеи, солидна едукација и голема социјализација. Направете шема за оние работи кои се важни за вас и постојано надградувајте се себеси. Вложувајте ја својата енергија за работите во кои верувате и кои ги посакувате, за да ги постигнете своите цели. Никој не ги цени луѓето кои лутаат, кои не знаат што сакаат и кои се недефинирани, затоа поставете си цели и работете да ги остварите.

Сигурно постојат личности на кои во овој момент можете да се сетите, а кои ви претставуваат добар пример. Тоа може да биде родител, пријател, писател, бизнис лидер или друга личност која е дел од вашиот живот. Но, во истовреме, постојат луѓе околу вас кои претставуваат и негативни примери. Можеби вашиот шеф кој никогаш не е тука за да поразговарате за некој проблем, вашиот пријател кој никогаш не ве сослушува, вашиот комшија кој секогаш наоѓа причина за да ви префрли нешто или вашиот колега кој секогаш е негативен.

Обидете се и од нив да научите нешто – на пример како не треба да се однесувате ако сакате да постигнете ниво на забележителна личност на која сите ѝ се воодушевуваат.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар