Како да го одберете вистинскиот велосипед за вас?

Како да го одберете вистинскиот велосипед за вас?

Ако размислувате да купите велосипед, сте донеле одлична одлука. А ако не знаете каков да одберете, ова се основните типови за кои можете да се одлучите.

Роуд бајк

Ваквиот тип велосипед е наменет за возење на рамни површини како асфалт. Многу се нестабилни кога се возат по нерамни површини. Имаат тенки гуми, спуштен волан и многу се лесни. Нив не можете да ги товарите со некој голем товар.

Како да го одберете вистинскиот велосипед за вас?

Туринг велосипед

Тој е наменет првенствено за долги велосипедски тури. Личи на роуд бајк, но има и простор на кој може да се постави багаж. Има рам кој на возачот му овозможува да седи малку поисправен отколку на роуд бајкот и може да издржи поголем товар. Обично има и помалку брзини во споредба со роуд бајкот. Одличен е и за движење во градски услови.

Како да го одберете вистинскиот велосипед за вас?

Маунт бајк

Маунт бајк велосипедите се возат на нерамни површини. Тоа се оние кои се користат за возење во природа, по ридски и планински патеки. Имаат подебели гуми заради потребата од подобар контакт со нерамна подлога, а и добри амортизери за справување со нерамнините. Различни маунт бајкови различно ги апсорбираат ударите од нерамнините. Доколку сте почетник се препорачува да купите некој со амортизери кои апсорбираат повеќе за возењето да биде поудобно. Не е невозможно ваков велосипед да се користи и во урбани услови доколку се приспособи за тоа, но не се препорачува затоа што тогаш е многу тежок за возење.

Како да го одберете вистинскиот велосипед за вас?

Хибриден велосипед

Овој тип има по некоја карактеристика на роуд бајкот и на маунт бајкот. Всушност, тој во себе ги содржи предностите кои ги носи секој од нив, но има и свои недостатоци поради потребата да балансира меѓу удобноста за возење во секакви услови. Може да се вози и по рамни и по нерамни површини, но не со толку добри перформанси како претходните. Не е толку лесен како роуд бајкот и не може да се справи со некој многу тежок планински терен како што тоа во секоја ситуација го може маунт бајкот. Гумите им се такви што обезбедуваат лесно движење по асфалт, како и доволно добар контакт по нерамна патека. Идеални се за користење како средство за градски транспорт.

Како да го одберете вистинскиот велосипед за вас?

Градски велосипед

Ова не е посебен тип велосипед, но кога луѓето зборуваат за градски велосипед мислат на некој кој е многу сличен на хибридниот. Има слични гуми како него, доста повеќе подигнат волан и поспуштено седиште за возачот да може да седи поисправено. Има и додатоци кои служат за заштита од сите нечистотии, како кал или масло од ланецот, затоа што наменет е за возење со секојдневна облека, честопати и со облека за на работа. Овие велосипеди обично имаат и светло.

Како да го одберете вистинскиот велосипед за вас?

БеЕмИкс

БеЕмИкс велосипедите се мали и поради тоа повеќе популарни кај децата. Тие можат да ги возат како што сакаат, а доколку сте возрасен и купите ваков велосипед, ќе можете да го користите исклучиво за изведување трикови затоа што тоа е неговата вистинска намена.

Како да го одберете вистинскиот велосипед за вас?

Фикси

Велосипедите кои се нарекуваат со овој жаргонски израз првенствено се наменети за возење на велодром, односно на оние овални патеки на кои велосипедистите се натпреваруваат. Има луѓе кои преферираат ваков велосипед како средство за градски транспорт поради тоа што е едноставен за одржување. Треба да имате предвид и дека тој има само една брзина и за разлика од другите типови, кај овој мора постојано да вртите на педалите за тој да се движи. Понекогаш доаѓаат и без кочници.

Како да го одберете вистинскиот велосипед за вас?

Други работи за кои треба да размислите

Висина. Покрај за типот, кога купувате нов велосипед треба да размислите и за неговата висина. Како што облеката си има своја големина и секое парче не ви е точно, истото важи и за велосипедите. Мора да побарате таков совет од продавачот. Показател нека ви биде должината на вашите нозе. Седнете на велосипедот, спуштете ја ногата надолу и ставете ја на педалот. Ако коленото ви е сосема исправено и стапалото лежи на педалот, тоа е добра големина на велосипед за вас. Се разбира, можете да го поместите и седиштето, но внимавајте притоа да не седите премногу подгрбавени.

Брзини. Доколку планирате да возите по стрмни терени, без разлика дали се рамни или нерамни, ќе ви бидат потребни и повеќе брзини за да можете полесно да се приспособите на теренот. Ако возите само по рамен терен, и една брзина може да ви биде доволна.

Додатоци. Потребата од разни додатоци зависи од потребите кои треба да ги задоволите со вашиот велосипед. Тоа можат да биде заштита од кал, светло, корпа, држач за шише и сл.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар