Како да ги разберете и да ги контролирате вашите токсични мисли?

Како да ги разберете и да ги контролирате вашите токсични мисли?

Секој се соочува со анксиозност поради човечкиот инстинкт за преживување. Но кога ќе почнете да имате проблеми со контролирање на оваа анксиозност, можеби станува збор за нарушување кое има штетно влијание на вас. Луѓето кои се справуваат со ова нарушување живеат со постојана несигурност и не можат да се ослободат од нивните токсични мисли. Овие факти ќе ви помогнат да разберете што всушност ви се случува.

kako-da-gi-razberete-i-kontrolirate-vashite-toksichni-misli-kafepauza.mk

1. Грижата и анксиозноста не се исти

Сосема е нормално да се загрижите или да се чувствувате анксиозно во некои ситуации. Речиси секој се грижи за нешто барем по еднаш во денот. Па, како да знаете дали станува збор за обична грижа или за нарушување на анксиозноста? Ова зависи од времето кое сте го поминале во грижење. Во просек, луѓето поминуваат околу 55 минути од денот во грижење, додека оние со нарушување на анксиозноста го прават тоа и над 300 минути дневно. Следниот пат кога ќе се чувствувате вака, обрнете внимание на времето.

2. Претераното мислење може да биде извор на вашата анксиозност

Луѓето со ова нарушување се склони кон претерано размислување. Тие се опседнати со работите кои треба да ги завршат или да ги средат. Тие имаат и цели сценарија во нивната глава кои ги преживуваат сè додека не станат неспособни за што било бидејќи се заглавени во нивните мисли. Луѓето со анксиозност постојано си го поставуваат прашањето „Што ако…?“ и речиси е невозможно да престанат со размислување. Можеби нема да биде лесно, но обидете се да ги оттргнете тие мисли од вашата глава. Најдете некоја активност која ќе ви помогне.

3. Стравот и анксиозноста се две сосема различни нешта

Вие сте исплашени кога точно знаете од што ви е страв (змии, високи згради, казна…). Но, кога не сте свесни за причината за стравот кој го чувствувате, тогаш станува збор за анксиозност. Ова се случува кога се грижите за нешто што воопшто се нема случено и немате никаква причина за страв. Вие само ги замислувате најлошите сценарија, иако голема е веројатноста ниту едно од нив да не се оствари.

4. Нарушувањето на анксиозноста е често придружено и со некое друго нарушување

Анксиозноста многу често е придружена со депресија или пак, злоупотреба на супстанци. Анксиозноста ги тера луѓето да развиваат негативни мисли, да се чувствуваат безвредно, па дури и да се самоповредуваат и да имаат суицидни мисли. Тие немаат контрола над својот ум. Ако сакате да ја разберете анксиозноста, важно е да ги знаете и симптомите на другите слични нарушувања.

5. Анксиозноста може да биде предизвикана од стрес и трауми

Иако некои научници тврдат дека анксиозноста е наследна, таа може да биде предизвикана и од стресна ситуација или од некоја траума која ве натерала да се плашите за иднината. Животните промени како губење на работното место, преселувањето или промена на околината се стресни за некои луѓе и може да предизвикаат анксиозност. Друга причина може да биде губење или пак, болест на некој близок. Секој може да биде „нападнат“ од ова нарушување.

6. Анксиозноста може да предизвика физичка болка

Ако имате редовни главоболки, чувствувате стегање во градите, грчење на мускулите, вртоглавица или имате проблеми со срцето и стомакот, обрнете внимание на вашите мисли. Секој физички симптом е директен резултат на инстинктот „бори се или бегај“. Анксиозноста го тера вашиот мозок да мисли дека сте во опасна ситуација, па го подготвува вашето тело за заканата. Анксиозноста ќе направи постојано да бидете на штрек.

7. Луѓето со анксиозност побрзо ги забележуваат промените во изразите на лицето

Луѓето со анксиозност многу често грешат кога се обидуваат да ги „прочитаат“ емоциите и намерите на другите. Тие брзо ги забележуваат промените на изразите на лицето, па брзо донесуваат заклучоци. Луѓето со социјална анксиозност многу внимателно комуницираат со другите, внимаваат на зборовите и важно им е мислењето на соговорникот. Понекогаш токму оваа внимателност ги прави луѓе што сите ги сакаат.

8. Пишувањето и музиката ја намалуваат анксиозноста

Многу терапевти предлагаат водење дневник во кој ќе ги внесувате вашите грижи во текот на денот. Пишувањето ќе ви помогне да го исчистите вашиот ум и да сфатите кои работи навистина ви се важни. Вашиот ум ќе се „организира“, а со тоа ќе се намали чувството на анксиозност. Музиката има ист ефект, особено ако ритамот е бавен.

9. Практикувајте смиреност

Медитацијата и јогата се едноставен и многу добар начин за смирување. Тие се процес во кој ги набљудувате и забележувате работите кои се случуваат сега, и тоа без какво било судење. Смиреноста ќе го намали стресот, како и симптомите на депресија и анксиозност бидејќи ќе го опушти вашето тело. Обидете се да дишете длабоко секогаш кога работите нешто. Целта е да го фокусирате умот само на едно нешто, во овој случај вашето дишење.

10. Анксиозноста секогаш ќе биде овде, но можете да ја исклучите

Не можете да направите да исчезне анксиозноста, но можете да ги намалите симптомите. Одморете го вашиот ум со визуализација. Замислете си како ги ставате вашите грижи во една кутија. Потоа замислете дека ја ставате кутијата на место кое не можете да го видите сè додека не ви затреба. Штом ќе ја тргнете кутијата, фокусирајте се на сегашниот момент и дозволете му на умот да се окупира со тоа што го работите сега. Кога ќе успеете да го контролирате вашиот ум, ќе ја контролирате и вашата анксиозност.

Прочитајте нешто повеќе за социјалната анксиозност.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар