Како да ги прочитате мислите на вашата девојка?

Како да ги прочитате мислите на вашата девојка?

Познато е дека женскиот ум е многу комплициран и постојано работи триста на саат. Исто така, вистина е дека многу често она што жените го кажуваат не е во согласност со она што тие навистина го мислат и прават. Тоа многу ја отежнува работата на мажите бидејќи тие имаат голем проблем кога од нив се очекува да ја разберат и поддржат нивната девојка. Колку и да се трудат на крајот секогаш го прават баш тоа што не треба, девојката им се лути уште повеќе, а тие поим немаат каде погрешиле овој пат. Епа момци, доколку се наоѓате во оваа ситуација и сакате да научите да ги дешифрирате зборовите на вашата девојка со кодирано значење, ова се неколкуте начини благодарение на кои вие конечно ќе дознаете какви мисли се вртат низ нејзината глава…

Како да ги прочитате мислите на вашата девојка?

Штом дојде дома, веднаш влегува во спалната соба

Одете по неа! Не е важно дали и вашиот ден бил за никаде. Ако вашата девојка си дојде дома од работа, промрмори нешто за тоа колку е уморна и се упати накај спалната соба, треба да мрднете од каучот и да видите што не е во ред. Не мора да значи дека вие сте виновни за тоа, но очигледно е дека нешто се случува. Можеби вашата девојка нема веднаш да ви се отвори, но дефинитивно ќе запамети дека сте отишле да ја проверите наместо да останете пред телевизорот со пивото во рака.

Кога нарачувате храна, ви кажува дека не сака ништо

Сепак нарачајте нешто и за неа. Можеби таа се чувствува виновна ако изеде повеќе од што треба или ако потроши повеќе пари. И тогаш ви кажува дека ќе си спржи јајца или нешто слично. Вистината е дека не сака да пржи јајца, сака вие да нарачате нешто и за неа, за да не биде таа одговорна ако се остварат претходно споменатите стравови. Не мора да ѝ нарачате цела пица, треба само да нарачате доволно за да можете да ја поделите храната. Тоа ќе ѝ покаже дека навистина се грижите за неа. Најлошото нешто што можете да го направите е да си нарачате само за себе и кога таа ќе побара залак, да кажете: „Што?! Па нели рече дека ништо не сакаш?“

Ви кажува дека е „добро“

Тоа е исто како некој да ви каже дека е добро додека жив гори! Запрашајте се: Кога велите дека сте добро, како навистина се чувствувате? Истото важи и за вашата девојка. Можеби го имала најлошиот ден на работа. Можеби се соочува со некои семејни проблеми. Можеби се скарала со најдобрата пријателка. Можеби вие нешто сте згрешиле! Особено обрнете внимание на последнава можност. Кога таа ќе ви каже дека е „добро“, оставете сè, седнете ја и пробајте да видите што навистина се случува. Симнете ја нејзината „добро сум“ маска.

Ви праќа порака која гласи „ОК“

Подобро е целосно да ве игнорирала и ништо да не ви вратила. Можеби не сте вие виновни, но треба да сте свесни дека ако ги видите овие две букви се подготвува таква бура за која вие воопшто не сте спремни. Наместо да прашате „Дали има некој проблем?“, подобро прашајте „Што е проблемот?“. Секако дека постои можност да нема никаков проблем, туку едноставно сте ја начекале во момент кога била многу зафатена. Во секој случај, оваа порака претставува голем знак за предупредување.

Остава вие да одлучите

Тука треба да размислите повеќе од тоа што би размислувале кога би го одговарале последното прашање на „Кој сака да биде милионер“. Имајте на ум дека што и да одлучите, последиците ќе ги носите и двајцата. Треба да имате предвид што е тоа што таа го сака исто толку, ако не и повеќе, од она што вие го сакате. Врските се базираат на компромис, па да се надеваме дека сте со некој кој е подготвен да го прави истото и за вас.

Не ѝ се оди на забавата на која сте поканети и двајцата, па ви вели да одите без неа

Ова е најголемиот меч со две острици. Не мора да значи дека вашата девојка не сака да си поминете убаво, но мора да бидете свесни што навистина значи тоа да отидете некаде без неа. Размислете убаво дали вреди да се изложите на таков ризик. Кога вашата девојка ви вели дека може да одите без неа, тоа не значи дека не сака да помине време со вас. Понекогаш тоа значи дека сака да останете заедно сами во домашна атмосфера.

(2) Како да ги прочитате мислите на вашата девојка?

Ви вели дека ја боли главата

Паметно би ви било да бидете потивки од Ана Франк кога се криела на таванот. Не е важно зошто вашата понежна половина има главоболка. Единствено важно е дека личноста за која се грижите не се чувствува баш најдобро и треба да направите сè што можете за да биде подобро. Не е доволно само да ѝ понудите апче за глава. Намалете го гласот на телевизорот, затворете ги прозорците и спуштете ги завесите. Гушкајте ја и понудете ѝ масажа со надеж дека наскоро ќе се чувствува подобро. Апчињата се супер, но ништо не може да ги замени грижата и љубовта што ќе ѝ ги пружите.

Ви вели да ја поделите сметката

Тоа не значи дека секогаш треба да плаќате по пола. Можеби не останаа многу кавалери, но ако понекогаш преземете иницијатива и ја третирате вашата девојка како принцеза, тоа ќе ви помогне да ја одржите врската среќна и здрава подолго време. Парите може да станат сериозен проблем помеѓу вас, особено откако ќе решите да живеете заедно и затоа најдобро е да одржувате баланс. Нема ништо лошо во тоа да ја делите сметката одвреме-навреме, но немојте премногу да се опуштите и да почнете да се однесувате со вашата девојка како да ви е цимерка.

Нареден пат кога ќе се најдете во некоја од овие ситуации сетете се дека женските зборови секогаш во себе носат скриено значење. Ако научите да читате меѓу редови ќе се поштедите себеси од многу непотребни конфликти и непријатни ситуации. Бидете повнимателни и не заборавајте секојдневно да ја искажувате вашата љубов и да покажувате колку таа ви значи. Нема потреба од тоа да ѝ симнувате ѕвезди. Големината лежи во ситниците, а верувајте дека таа ќе знае да ги цени и да возврати на ист начин.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар