Како да ги победите лошите навики во 3 чекори?

Дали имате некоја навика која се обидувате веќе долго време да ја победите, но всушност таа ве победува вас? Без разлика колку се трудите, едноставно продолжувате да го правите истото?

Како да ги победите лошите навики во 3 чекори

Навиките многу лесно се учат. Некогаш доволно е нешто да направите само еднаш и ако се почувствувате убаво ќе продолжите истото да го повторувате, па нема ни да забележите кога веќе го правите тоа без размислување. Но, истата таа навика која била толку лесна за учење, може да биде скоро невозможна за прекинување. Пробувате да престанете, но не ви успева и затоа се откажувате. Потоа пробувате со нешто друго, но и тоа не ви успева и пак се откажувате. На тој начин влегувате во бескраен круг сè додека не се убедите себеси дека навиката е едноставно посилна од вас.

Но, ова не мора да биде вашата приказна. Вие сте посилни од вашата навика. И доколку ги следите наредниве 3 едноставни чекори, за многу кратко време ќе го докажете тоа…

Чекор 1 – Откријте за каква цел ви служи

Пред да можете успешно да ја победите вашата лоша навика, мора да сфатите што всушност добивате вие од неа. На пример, ако сте пушач, зошто пушите? Дали тоа ве смирува? Дали на тој начин се ослободувате од стресот и ја намалувате вашата анксиозност? Дали ви помага побрзо да ви помине времето? Која е вашата корист од неа?

Како да ги победите лошите навики во 3 чекори

Исто така, за да можете да разберете зошто вашата навика толку ве привлекува, мора да откриете што ја предизвикува. Дали се појавува при одредени емоции или ситуации? На пример, кога се случува да ги грицкате вашите нокти? Дали кога се чувствувате непријатно или кога ви е здодевно? Ова е важно бидејќи морате прво да дознаете зошто нешто правите, а потоа да направите план за да го промените.

Чекор 2 – Смислете алтернативни, позитивни однесувања

Некои луѓе можат многу лесно да сопрат негативно однесување, доколку тие самите така одлучат. Но, за други пак тоа е екстремно тешко, скоро невозможно. Па, откако ќе сфатите зошто вашите однесувања се толку неодоливи, мора да најдете алтернативни, позитивни однесувања кои ќе ја имаат истата улога.

Како да ги победите лошите навики во 3 чекори

На пример, да замислиме дека вашата лоша навика е јадење пуканки секоја вечер додека гледате телевизија. И можеби го правите тоа зашто едноставно не можете само мирно да седите додека ги гледате вашите омилени ТВ серии и по долги години пракса, веќе не можете да прекинете без да се чувствувате нервозно. Пробајте да го замените ова однесување со нешто слично, но сепак поинакво. Најдете друг начин да ги „забавувате“ вашите раце, како на пример, да ги лакирате ноктите. Или пак, легнете на подот и правете склекови или стомачни. Така на позитивен начин ќе ја задоволите вашата потреба да правите нешто додека гледате телевизија.

Чекор 3 – Забележувајте го вашиот напредок

Кога се обидувате да смените однесување кое траело со години, многу лесно може да се почувствувате како да удирате со глава во ѕид. Вие сте свесни за вашата лоша навика и ви изгледа како сега да сте повклучени во неа отколку кога не се обидувавте да ја промените. Поради тоа е многу важно да го бележите вашиот напредок. Како? Запишувајте секојпат кога успешно ќе ја надминете потребата да се вратите назад на лошата навика.

Како да ги победите лошите навики во 3 чекори

Не можете да смените нешто за коешто не сте свесни, нели? Со забележувањето на активностите, вие привлекувате внимание кон нив. Исто така ако следите сè што се случува, можеби ќе наидете на емоции кои не сте ни биле свесни дека го повикуваат вашето негативно однесување. И како најважно, кога се обидувате да победите некоја лоша навика можете да се навратите кон неа со размислувањето дека немате напредок. Но, ако имате запис за вашата борба, ќе сфатите дека секој ден сè повеќе и повеќе преовладувате над неа.

Понекогаш потребно е да обрнете повеќе внимание на патот по кој моментално патувате, отколку на оној кој допрва ве чека…


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар