Како да бидете опкружени со личности кои позитивно влијаат на вас?

„Бидете опкружени со луѓе кои ве прават среќни. Луѓе кои ве засмејуваат и ви помагаат кога имате потреба. Луѓе кои навистина се грижат. Тие се оние кои вреди да ги зачувате во животот. Сите останати се само на минување“. – Карл Маркс

Луѓето со кои сме опкружени влијаат на нас и повеќе отколку што мислиме. Нивните сфаќања и ставови за животот, нивните размислувања и перспективи, нивното расположение и енергијата која ја пренесуваат, влијаат на нашата среќа, но и на нашата целокупна благосостојба. Луѓето околу нас може да нè мотивираат, да нè поттикнат да создадеме повеќе, да нè насочат кон вистинскиот пат, или да го направат токму спротивното. Затоа е многу важно како ги одбирате луѓето со кои сте опкружени.

Како да бидете опкружени со личности кои позитивно влијаат на вас?

„Пролетно чистење“

Кога одвојувате време да го средите својот плакар, сфаќате дека дел од облеката која ја поседувате веќе не ве собира, не ви стои добро или излегла од мода. Како што не е логично да задржувате облека која веќе не е во употреба, не треба во вашиот живот да ги задржите ни оние личности во чие друштво не се чувствувате пријатно или кои на каков било начин ве онерасположуваат и покрај тоа што некогаш ви биле добро друштво. За да направите место во вашиот живот за позитивни личности кои ќе донесат промена кон подобро, треба да се ослободите од оние кои влијаат негативно на вас.

Времињата се менуваат, сфаќањата на луѓето се менуваат, а и нашите потреби во животот не остануваат исти, затоа понекогаш е потребно да се тргнеме настрана од одредени личности. За пријателството, како и за многу други работи во животот, важи добро познатата вистина дека квалитетот е поважен од квантитетот. Не е битна бројката на блиски луѓе со кои сте речиси секојдневно опкружени, битен е квалитетот и нивното влијание врз вас.

Колку пати ви се случило да го задржите фустанот кој ви се смалил, мислејќи дека еден ден ќе ослабете и ќе го облечете повторно, но тоа не се случило? Не заборавајте, ако упорно се држите до старите алишта во кои веќе не се чувствувате удобно и самоуверено, ќе заборавите на оние кои придонесуваат да се чувствувате убаво и привлечно.

Како да бидете опкружени со личности кои позитивно влијаат на вас?

Креирајте филтер

Откако ќе се ослободите од негативните личности, време е да создадете еден замислен филтер. Какви биле сите оние луѓе од кои решивте да се ослободите? Дали правеле да се чувствувате дека не вредите доволно, дали штетно влијаеле на вашата самодоверба, дали влијаеле премногу депресивно на вас? Сега од искуство ќе знаете да ги детектирате таквите личности и да не им дозволите да влезат во вашиот круг на блиски личности.

Повторно да се навратиме на метафората со плакарот. Веќе со години носите црвена боја за конечно да сфатите дека не ви стои добро. Од тоа искуство ќе знаете да одбегнувате црвени парчиња во иднина. Не мора да значи дека нешто не е во ред со црвената боја, едноставно вам не ви одговара.

Привлечете ги вистинските личности

За да привлечете околу себе позитивни луѓе кои позитивно ќе влијаат на вас, треба да бидете свои. Можеби е милион пати полесно да се рече отколку да се направи, но штом еднаш ја извежбате техниката, нема да бидете принудени постојано да се преправате дека сте нешто што не сте. Слушајте онаква музика каква што сакате, облекувајте се како што сакате, правете го она за што имате желба, кажете го она што навистина го мислите. Наскоро ќе забележите како луѓето кои се привлечени од вашата оригиналност се исто така свои и лесно ќе најдете заеднички јазик.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар