Како да бидете добар пријател?

Никој не посакува еднострани пријателства, во кои некој вложува и жртвува многу повеќе од другиот, иако на сите ни се случува барем по некое такво искуство во животот. Чувството кога некој ве искористува никогаш не се заборава, меѓутоа ретко кој ја учи тешката лекција од него. Тоа се случува најчесто поради вербата во добрината и чесноста на луѓето, но и поради фактот што сите сакаме да бидеме прифатени како дружељубиви и пријатни личности од страна на останатите. Ова се неколку совети како да успеете да бидете добар пријател, но и да не дозволите некој да го искористи тоа.

Како да бидете добар пријател

Прво и основно, сакајте се себеси

Многупати е невозможно останатите да ве примат во животот како блиски, поради фактот што не покажувате почит кон себе. Како што вели и поговорката, мора да се сакаш себеси, за да сакаш и друг. Епа оваа поговорка важи и за пријателствата, бидејќи почитувајќи се себеси, нема да дозволите некој да се поигрува со вас и вашите принципи.

Донесувајте мудри одлуки

Постојат луѓе, на кои колку и да пробувате да им покажете дека ви значат и дека сакате да бидете блиски со нив, едноставно не дозволуваат да станете дел од нивниот живот. Секое пријателство бара трпение, енергија и време. Пред да се впуштите во зближување со некого, запрашајте се дали и другата личност е подготвена да се посвети, колку и вие. Пријателството е обострана работа и во добро и во лошо, па доколку некој сака да го сврти вниманието целосно кон него, со сигурност не ви е потребен во животот.

Имајте време

Како што веќе напомнавме, за создавање и одржување пријателство потребно е време. Една од многу важните алки во синџирот наречен пријателство, е секогаш да можете да одвоите време за вашите пријатели. Во моменти на радост, тага, досада, за денгубење или за забава, воопшто не е важно, вашето второ семејство секогаш има потреба да поминува време со вас.

Како да бидете добар пријател

Бидете смели

Понекогаш вие треба да го направите првиот потег, без разлика дали допрва планирате да се зближите со некого или да го одржите старото пријателство. За многумина ова е тежок потег и често не се ни осмелуваат да го направат, плашејќи се да не досадуваат или пак да не бидат одбиени. Но, секогаш треба да се има на ум дека за работата да тргне, мора некој малку да ја „подбутне“.

Не прави го некому она, што не сакаш да ти го прават тебе

Ова златно правило, кое има примена во многу ситуации во животот, особено важи во пријателствата. Не може да се очекува некој да ве сака и почитува, доколку и вие не го правите истото. На добрина, со добрина се враќа.

Почитувајте

Почитувајте ги пријателите и третирајте ги со добрина. Со тоа ќе им покажете дека тие играат важна улога во вашиот живот, а тие ќе ви бидат благодарни и ќе знаат дека секогаш ги имате на ум. Делете комплименти за ситници и фалете ги нивните предности, тоа многу ќе им значи.

Како да бидете добар пријател

Слушајте внимателно

Најдобрите пријателства се базираат на добро сослушување. Но, не треба да ги слушате само зборовите, туку и да ги следите оние некажаните нешта како фацијалните експресии и говорот на телото. Обидувајте се секогаш да допрашувате, да не прекинувате дур другиот зборува и да не давате совети доколку тоа не носи ништо корисно. Лошиот совет, без разлика  на  добрата намера, може да биде кобен за пријателството.

Имајте разбирање

Понекогаш пријателите можат да се соочуваат со проблем кој вам ви делува смешен и неважен, но потсетете се дека можеби понекогаш и тие го мислат истото за вашите грижи. Секој човек различно ги доживува нештата и на него тие делуваат поинаку и тоа е сосема во ред. Затоа без никакви расправии и тензија, дури и воопшто да не се согласувате, обидете се максимално да ги разберете.

Како да бидете добар пријател

Бидете лојални

Ова особено е важно за женските пријателства. Бидете искрени и лојални кон вашите пријатели. Почитувајте ги „женските правила“ и не прекршувајте ги.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран новинар со широк спектар на интереси. Љубител на ТВ серии, фудбал и Цедевита. Статистичар по природа и страстен фан на Јувентус и Роџер Федерер.

Поврзани содржини

Остави коментар