Главните фактори за интелектуалниот развој на децата

Автор: Димитар Гошевски

Еднаш на три години, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР) ги проверува математичките, јазичните и природнонаучните вештини на петнаесетгодишните ученици. Таквата класификација секогаш наидува на топол прием, а особено е добредојдена во побогатите држави. Зошто ученици од Финска или од Кореја, од Шангај или од Сингапур се справуваат многу подобро од тинејџерите од други, меѓу кои и некои високо развиени и економски стабилни држави?

Како влијае социјалната припадност, кој успева да ги премости разликите, да ги премине границите и бариерите на скромното потекло, какви проблеми ги мачат децата на имигрантите – ова се прашањата кои ги поставуваат богатите земји како САД, Германија, Австрија и Велика Британија. Посиромашните земји, пак, како Македонија, како фактор најчесто го наведуваат недостатокот од средства.

Еден од факторите кој е пресуден во интелектуалниот развој на детето е семејството. А токму најновите проучувања на ОЕСР се базираат на ваквите фактори. Истражувањето за тоа од какви семејства доаѓаат одличните ученици од ПИСА (Programme for International Student Assessment), даде изненадувачки, но сепак и очекувани резултати – од родителите зависи многу, а доколку тие повеќе се ангажираат и интересираат за образованието на своето дете, тоа може да се покаже дури и како посилен фактор од нивниот општествен статус.Главните фактори за интелектуалниот развој на децата

Моќта на читањето

Петнаесетгодишните учесници кои биле дел од истражувањето на ПИСА во 2009 година, чии родители редовно им читале во првите години од основното образование, многу подобро се справувале на тестовите од учениците кои никогаш не го искусиле тоа. Оттука логично може да се претпостави дека во семејствата со повисок економски и образовен статус, комуникацијата на родителите со своите деца во раните години на школувањето е на повисоко ниво, па затоа и резултатите им се подобри.

Но сепак, кога се споредуваат резултатите на средношколци од слични социјални средини, излегува дека повеќе бодови добивале оние ученици чии родители им читале книги додека биле првоодделенци. Онаму каде на децата не им било укажано таков тип внимание, резултатите се видливо послаби, независно од нивниот привилегиран статус.

Општо речено, не се толку важни „сребрените лажички“, колку што се важни книгите и читањето во раните години. Дури и во семејствата во кои родителите не се високообразовани, но ја разбираат важноста на книгите во развојот на младите, децата уште од рана возраст се здобиваат со навиката да обрнуваат внимание и учењето им оди полесно.

Да, родителското залагање за децата создава уникатни основи. Очигледно децата не смеат да бидат оставени сами на себе, да гледаат неконтролирано телевизија, да го трошат неконструктивно времето и сами да си ги избираат занимациите. Неодамна, како во САД така и во Европа, се крена многу прашина околу книгата на Американката со кинеско потекло Ејми Чуа, која го доведе до јавна дискусија прашањето за построгиот родителски модел.

По внимателно разгледување на профилите на поуспешните средношколци, според тестовите на ПИСА, се доаѓа до заклучок кој го оправдува ставот на Чуа во врска со родителскиот модел. А ваквиот модел, едноставно мора да биде поврзан и со одредена принуда од страна на родителите.Главните фактори за интелектуалниот развој на децата

Постојано следење на развојот

Многу ќе се излажете ако помислите дека само читањето книги на децата додека се првоодделенци ќе заврши работа. Според резултатите, во домот на успешните петнаесетгодишници, родителите постојано им го следат развојот. Иако тинејџерите се бунтуваат и се спротивставуваат, наивно е да се каже дека тие не сакаат и не бараат повеќе внимание од своите родители.

Уште една важна работа се темите на разговор во едно семејство. Учениците во чии семејствата се разговарало за општествено-политичкиот живот и каде што се живее во заедница, а не секој за себе пред својот компјутер, во својата соба, покажуваат видни резултати на тестовите.

Истражувањата само ги потврдуваат оние народни вистини кои никој не може да ги смени, па дури ни интернет-ерата, социјалните мрежи или глобализацијата. Улогата на родителот во развојот на детето е огромна. Семејните вечери и приказните за добра ноќ не се само филмски сцени, туку огледалото во кое се одразува едно успешно родителство.Главните фактори за интелектуалниот развој на децата


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар