ЕВС – можност бесплатно да волонтирате и да живеете во странство до една година

ЕВС – можност бесплатно да волонтирате и да живеете во странство до една година

ЕВС е кратенка за Европски волонтерски сервис. Тоа е прекрасна програма за неформално учење на Европската Унија, која на младите од Европа им дава можност, преку извршување на волонтерска работа, да се преселат во друга земја во период од најмногу една година, да живеат во поинаква култура, да патуваат, да сретнат многу нови луѓе, да го научат јазикот на земјата во која престојуваат, да ги урнат своите предрасуди и да ги прошират своите погледи на светот.ЕВС – можност бесплатно да волонтирате и живеете во странство до една годинаВолонтирањето се извршува во граѓански организации и тела основани од локалната власт кои се акредитирани од страна на надлежните органи на ЕУ. Тоа се организации кои работат во некое поле од општествениот живот со цел да го дадат својот придонес кон подобрување на состојбите во областа која ги засега. Волонтерскиот сервис може да се отслужи во организации кои поттикнуваат социјална инклузија на ранливи групи како мигранти, бездомници, алкохоличари, лица со хендикеп, стари и изнемоштени лица итн. Можат да бидат младински организации, детски градинки, организации кои работат на полето на заштита на правата на животните и на животната средина, уметност и културни настани, рурален развој итн. Притоа, задача на волонтерот е да помага во извршувањето на активностите. Тој не може да ги извршува задачите на вработените, ниту да заработува, затоа што својот труд го дава бесплатно.

Сепак, волонтирањето во странство не е финансиски предизвик за вас затоа што сите трошоци се покриени од страна на фондовите на ЕУ. Покриени се трошоците за патување од земјата каде што волонтерот живее до земјата каде што ќе престојува и назад во висина од 90%, а комплетно се покриени трошоците за виза, здравствено осигурување, сместување, храна, јазичен курс, и плус добивате мала сума пари како џепарлак. На крајот волонтерот добива и сертификат во кој е наведено што работел и што научил. Сето тоа во замена за вашиот труд, ентузијазам и волја за помагање.ЕВС – можност бесплатно да волонтирате и живеете во странство до една година

Кој може да аплицира?

Програмата е отворена за млади на возраст од 18 до 30 години кои се граѓани на некоја од земјите-членки на ЕУ или на некоја од земјите-партнери на програмата, во кои спаѓа и Македонија. Притоа, младите од ЕУ можат да волонтираат во која било земја, а оние од земјите-партнери мораат да одберат проект во некоја од земјите од ЕУ. Од апликантите не се бара диплома, познавање на јазици или работно искуство. Периодот на волонтирање може да трае од еден до дванаесет месеци, а секој може да одработи само еден ЕВС проект во текот на животот.

Како да аплицирате?

ЕВС е составен од три страни: организација-испраќач (сендинг организација), организација-примач (хостинг организација) и волонтерот. Понекогаш може да се јави и четврта страна во улога на координатор на сите активности пред, за време и по волонтерскиот сервис. Ако сакате да волонтирате најпрво треба да контактирате со сендинг организација. Такви организации има во повеќе македонски градови, а можете да ги најдете на овој линк откако во полето Country ќе ја изберете Македонија, во полето Type of accreditation ќе изберете Sending organisation, а потоа ќе притиснете на Submit Query. Контактирајте некоја од овие сендинг организации и од нив ќе ги добиете сите можни информации во врска со ЕВС.

Потоа следува потрага по организација која ќе ве прими. Истиот линк служи за пребарување во датабазата на хостинг организации (ХО). Може да се пребарува по основ на повеќе преференции: земјата или градот во кој сакате да волонтирате, видот на волонтерската работа, итн. Во датабазата има информации за секоја организација, какви активности би извршувал волонтерот кој ќе биде селектиран, каде ќе биде сместен итн. Откако ќе најдете организации кои одговараат на вашите желби и интереси и на кои сакате да им го понудите вашиот труд, треба да започнете со испраќање на CV и мотивациски писма до нив, или пак да пополните посебна апликација која се симнува од нивниот веб-сајт доколку инсистираат на тоа. Откако ќе ги испратите сите апликации, ви останува само да чекате одговор. Некои волонтери имаат среќа да пронајдат ХО уште по првите неколку контакти, но има и такви кои испраќаат и по 70-80 апликации и дури тогаш добиваат позитивен одговор. Во секој случај, ова е процес кој може да потрае и затоа не треба да губите надеж.ЕВС – можност бесплатно да волонтирате и живеете во странство до една година

Што откако ќе добиете позитивен одговор?

Ако некоја организација ја прифатила вашата апликација и сака да ве види во своите редови како волонтер, веќе сте изоделе добар дел од патот, но има уште. Следува процес на обезбедување на финансиски средства за вашиот престој во странство кој го води ХО или организацијата-координатор. Тие аплицираат за вашиот проект пред фондовите на ЕУ и чекаат одговор околу 3-4 месеци. Повеќето волонтери започнуваат со работа на почетокот на септември, па повеќето организации ја прават селекцијата на кандидатите доста рано. Неретко уште во декември или јануари може да се направи селекција на волонтерите кои започнуваат со сервис наредниот септември.

Доколку од европските фондови од некоја причина не одобрат пари за вашиот престој, што ретко се случува, тогаш сè паѓа во вода. Или нема да одите, или вашата организација одново ќе аплицира во наредната сесија. Ако пак, се одобрени финансиските средства, тогаш треба само да си ја обезбедите визата за престој во ЕУ од над три месеци за која не би требало да имате проблеми, секако доколку има потреба од толкав престој. Откако ќе ја добиете и неа, можете да почнете со пакување на куферите.ЕВС – можност бесплатно да волонтирате и живеете во странство до една година

Што кога ќе стигнете таму?

Кога ќе стигнете во странската држава каде што ќе волонтирате ви останува добро и посветено да си ги извршите задачите во духот на волонтерството, да се обидете што подобро да се вклопите во новата средина и да си создадете многу спомени. ЕВС е уникатно искуство. Многу е различно од туристичките импресии при патувањата или од тринеделниот престој кај роднините во странство. Кога ќе стигнете таму ќе бидете во контакт со луѓе од друга култура и со поинакви сфаќања, ќе комуницирате на друг јазик, ќе работите во работна средина со поинакви навики. Хостинг организациите знаат дека тешко ќе се снаоѓате на почетокот и ќе ви дадат време да се привикнете на новиот амбиент.

По малиот почетен шок ќе почнете полека да се приспособувате на новиот начин на живот, ќе го поднаучите јазикот, ќе запознаете нови луѓе кои ќе ви бидат пријатели. ЕВС е авантура чија возбудливост доаѓа од животот некаде далеку од дома и од зоната на комфорот, од одвоеноста од старите навики, од сфаќањето дека животот може да се живее на различни начини, и секако запознавањето на безброј интересни луѓе. Тоа е одлична можност да земете слободна година која ќе ја поминете во помагање некому, а притоа ќе добиете поинаква перспектива за животот и ќе размислите за тоа што ќе правите понатаму, за потоа освежени со многу нови сили, знаења и доживувања да тргнете напред кон своите цели.ЕВС – можност бесплатно да волонтирате и живеете во странство до една година


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

  1. Mimi Reply

    Besplatno volontiranje, WOW EJ!!! A inace se plaka ako sakas da volontiras nekade, a? Of leleeeeee

    • Петар Тодоровски Reply

      Да, колку и да звучи чудно, ако некој сака да волонтира во странство треба да плати. Патувањето во странство, сместувањето таму, храната, здравственото осигурување итн чинат пари, а во повеќето волонтерски програми тоа паѓа на грбот на волонтерите. Кога станува збор за ЕВС овие трошоци се покриени од страна на ЕУ, па затоа оваа програма се издвојува како единствена за граѓаните од европските земји при која тие немаат ама баш никакви трошоци.

  2. Mimi Reply

    Ako veke realno i seriozno razgovarame, parite sto gi davaat od evropskata komisija preku ovaa programa ni od daleku ne stignuvaat za pokrivanje na osnovnite trosoci, posebno posle kratenjeto na bugetot vo 2008. Zboruvam od iskustvo, zavisi i od hosting organizacijata, megutoa vo najdobar slucaj moze da ti e pokrien smestajot i smetkite, no takanarecenite pocket – money, sto treba da sluzat za jadenje i osnovni potrebi se smesni…. na kraj kraeva, ne mozes da racunas da trgnes ako nemas tvoj buget na strana

    • Петар Тодоровски Reply

      Јас согласно моето искуство не се сложувам.
      Ако буџетот бил скратен тоа може да значи само кратење на бројот на одобрени проекти, затоа што програмските правила за финансирање во меѓувреме останале исти. Или се покриваат сите трошоци или воопшто не се одобрува проектот. Не постои „најдобар случај во кој се покриени сместувањето и сметките“. Секогаш сѐ е покриено. Се добиваат пари за храна, што е различно од џепарлакот (pocket money), а ако човек паметно се однесува со парите за храна сигурно ќе му бидат доволни, дури може и да му останат за други работи. Џепарлакот е сума на пари која служи за покривање на трошоците за забава, а не за јадење. Факт е дека тоа е мала сума, но со рационално трошење може солидно да се помине.
      Патем, јас во моментов волонтирам на југот на Франција, каде што цените се доста високи. Тргнав без свој голем буџет на страна и добро ми оди.

  3. Оливера Reply

    Се согласувам со тебе Петар. Прекрасно искуство. Незаборавно и за жал неповторливо. А како што рече и самиот, ако човек знае да ги цени и знае паметно да се однесува со парите и можеби со мала сопствена заштеда или помош од домашните… и за се стигнува… Меѓу другото, шопинг и патувања.
    Бев на 10 месеци и баш ми е жал што не можам да се вратам назад и да останам и година дена.
    А една од најпозитивните работи од тоа искуство, меѓу другото, се стекнатите пријателства кои траат до ден денес.

Напиши одговор на Mimi Откажи одговор