Еве што ги издава оние кои ве лажат

Луѓето лажат. Не сите и не секогаш, но не постои човек на планетава кој во животот нема кажано лага. Мала, голема, добра или лоша, лага си е лага и кога-тогаш таа ќе излезе на виделина. И додека на Пинокио му растеше носот кога и да излажеше, во реалноста тоа не им се случува на лажговците. Но затоа, пак, по следниве работи веднаш ќе препознаете дали некој ве лаже.

(1)-eve-shto-gi-izdava-onie-koi-ve-lazhat-kafepauza.mk

Промена во говорот на телото

Истражувања направени од д-р Алберт Мехрабиан, професор по психологија, покажуваат дека дури 55% од вкупната комуникација се однесува на говорот на телото. Токму и затоа се вели дека овој говор некогаш кажува многу повеќе од зборовите. Таков е случајот и кога некој лаже, а секој од нас е способен правилно да го протолкува говорот на телото доколку го познава значењето на одредени потези и гримаси. Следниве знаци се оние кои укажуваат дека личноста спроти вас ве лаже:

  • Брзо трепка, обидувајќи се да биде убедлив/а;
  • Не ве гледа во очи, од вина или бидејќи се обидува да смисли нова лага;
  • Ве гледа непрестајно во очи, обидувајќи се да остане мирен/на;
  • Може да ги допира усните со прсти, потсвесно спречувајќи се да се издаде;
  • Брзо ја врти главата, за да го избегне АХА! моментот.

Промена во начинот на зборување

Дури 38% од комуникацијата вклучува тон на гласот, интензитет, (не)течно зборување, брзина и квалитет на звук. Соодветно на ова, многу од лагите може да ги препознаете уште во самото нивно кажување. Така, многу е веројатно дека тој што ве лаже ќе сврзува несврзливи зборови или ќе испушта зборови од реченица, ќе застанува на сред збор или ќе се зад’ткува, а и веројатно ќе ви даде премногу информации обидувајќи се да ја сокрие својата лага. На почетокот може да зборува тивко и пополека, но како што оди понатаму – да забрзува, сопнувајќи се на сопствените зборови. Во неговиот глас може да забележите нервоза, несигурност и/или страв.

Промена на енергијата

Останатите 7% од вкупната комуникација одат токму на зборовите. Тие се рефлектираат насекаде околу луѓето кои ги кажуваат, а меѓу другото, се рефлектираат и на нивната енергија која ја чувствувате и вие кога сте во нивна близина. Како се чувствувате кога зборувате со некој? Дали чувствувате негативност? Или можеби ви се чини дека нешто не е во ред бидејќи го имате истото она чувство кое го имавте кога претходно ве лажеле?Дали тој наспроти вас има одбранбен став? Вашата интуиција, емпатија и искуство можат да ви пренесат многу повеќе отколку самите зборови.

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар