Две половини прават цело

Според Платон, луѓето некогаш биле поврзани, со две глави, два пара раце и нозе, сè до еден ден кога богот Зевс (најверојатно бил многу изнервиран), не ги казнил луѓето разделувајќи ги. Така човештвото останало проколнато, во превод цел живот лутаме за да си ја најдеме сродната душа од која сме биле разделени. Па така, како што напишал Платон, кога сродните души ќе се најдат еден со друг се случува нешто толку прекрасно – тие повторно се поврзани. Тие си припаѓаат еден со друг, духовно, се љубат и почитуваат, претставуваат една целина.Две половини прават целоВерувате ли дека постои само една личност која е ваша сродна душа и сè што треба да направите е да ја пронајдете, па можете цел живот да си спиете на левото уво знаејќи дека сè ќе биде во ред бидејќи сте повторно целосни? Верувате ли дека од кога ќе ја пронајдете вашата сродна половина цел живот ќе бидете среќни и исполнети? Дека токму во овој момент, некој некаде си шетка и размислува за својата сродна душа која по некоја случајност сте вие? Дали е сè толку поврзано?

Па и Адам и Ева биле создадени во пар, а кога дедо Ное си ја градел арката, нели ставал од секој вид по еден пар за да го продолжат својот род? А и бајките никогаш не завршуваат „…и така принцезата среќно си живееше, купувајќи си чевли до крајот на својот живот без да кине нерви со маж“.

Но, во денешно време 20-годишни риби завршуваат со 40-годишни типови со пивски стомаци, и тие по некоја логика би биле сродни души? Баш би сакала Платон да ми објасни, кога тие биле споени па разделени, за на крај да треба да се пронајдат?

Колку ни се потребни сродните души? Дали тоа нè прави премногу зависни од некое друго суштество кое би требало да нè исполнува и да нè прави среќни? Така секогаш ќе си наоѓаме оправдување за пропаѓањето на нашите претходни врски и романси – не било пишано… Но, дали станува збор за сродна душа – некој кој ти е суден тебе, или сè е во тајмингот? Извини се разминавме, а можеше да ми бидеш сродна душа. Некогаш таман кога ќе помислите дека сте ја нашле совршената личност за вас испаѓа дека ни „с“ од сродни души сте немале.

На филмовите е лесно, сродните души на крај се секогаш заедно. Доаѓа типот на улица пред куќата на девојката, со цвеќе во рака, обично одбира дождлив ден… и уште повпечатлива е сцената ако си ја изгубил маицата некаде по пат. Па така кутриот е полугол и подготвен на што и да е, само за таа да биде со него.

Ок, назад во реалниот свет. Некогаш и со сопствените браќа и сестри не се согласуваме и сме толку различни, а сме дошле, што се вика, од исто место, не пак со некој роден од сосема друга мајка. Животот е далеку од идеален. Нели љубовта е за компромис и флексибилност, прифаќање на разликите и живеење со туѓите маани, а не сè да се поклопува и да си доаѓа на место како со магија?

Не е како во Пепелашка, кога добрата вила дојде, ја „скоцка“ за на бал и ја испрати кај совршениот принц. Работата во реалниот живот е во тоа што нема да бидете сосема исти, нема да се согласувате во сè, нема да бидете една душа и едно тело, туку две различни кои совршено се надополнуваат. На пример, ти можеби гледаш фигури во ѕидот формирани од варта или бојата, не мора да значи дека твојата сродна душа, исто така има навика да се ѕвери во ѕидовите и да пронаоѓа форми. Можеби ти ќе треба да ја научиш твојата сродна душа како да ги гледа формите во ѕидот…

До следното читање,

Вашата Ели.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. kiki Reply

    prekrasnno :) i sosem realno

  2. Име Reply

    odlicno

Остави коментар