Другар/ка ти само што раскина? 6 начини како навистина да помогнеш

Едно е сигурно, вистинските пријатели се тука едни за други и во добри и во лоши времиња. Па така, без разлика дали треба да се помине цел еден ден слушајќи за бившиот/та и да се повторува по стоти пат колку правилна одлука е тоа што раскинале, никогаш не се буниме за посветеното време, па и нерви. Но, можеби може да се направи нешто повеќе од само едно кафе посветено на неговите/нејзините маани и тешење дека наредниот/та ќе биде вистинскиот/та. Еве неколку начини како најдобро да им помогнеме на пријателите во вакви ситуации.

Другар/ка ти само што раскина? 6 начини како навистина да помогнеш

1. Прилагодете се на расположението

Раскинувањето со себе носи и промени на расположението, но обично сите одиме во една или во друга крајност – екстремно плачливи или нервозни во стилот „тргни ми се од пред очи“. Без разлика на вентилот кој го избрал вашиот пријател/ка, прилагодете се на секоја ситуација. Сака да гледа срцепарателни драми цела недела? Не заборавајте сладолед. Секое споменување на бившата љубов е проследено со изливи на нервоза? Одете во теретана и цврсто држете ја боксерската вреќа.

Другар/ка ти само што раскина? 6 начини како навистина да помогнеш

2. Негативни коментари се добредојдени, секако наменети за другата страна

Да бидеме реални, никој не сака да слушне од своите пријатели, и тоа веднаш после раскинувањето, за тоа колку згоден дечко ù бил бившиот или колку паметна девојка му била поранешната. Ако некогаш сте имале нешто негативно да кажете или имало нешто што ве вадело од такт, сега е вистинското време за тоа. Можеби звучи детски и незрело, но токму некој таков коментар можеби ќе измами насмевка.

Девојките можеби ќе се сетат на сцената од „Сексот и градот“, кога Кери се труди да ги убеди сите дека добро се справува со новата врска на Биг и Наташа, и токму среде непријатната тишина Саманта вели „Наташа, какво име е тоа?“. Некој ваков коментар сигурно ќе успее да го/ја насмее. Ако сака да биде малку злобен/на, бидете злобни заедно.

Другар/ка ти само што раскина? 6 начини како навистина да помогнеш

3. Не дозволувајте да направи нешто за што подоцна ќе се покае

Алкохол и телефон во рака никогаш не се добра комбинација. А сите знаеме колку е лошо чувството кога утредента ќе се разбудиш со мислата дека си испратил некоја не толку пријатна порака кај последниот човек со кој би требало да комуницираш. Направете им услуга на вашите пријатели и не дозволувајте да западнат во слични ситуации. Затоа што дефинитивно е тешко кога подоцна уште и треба да се извиниш со изговор дека алкохолот си го направил своето. Уф!

Другар/ка ти само што раскина? 6 начини како навистина да помогнеш

4. Испланирајте нешто на што ќе се радува

Било да е излегување на некое ново место, викенд некаде на страна или пак одење на кино, што и да е што ќе направи да се чувствува подобро. Секогаш е добра идеја да се биде активен, а токму поради тоа што ќе мора да мисли на вашето следно патување нема да има време да размислува за ништо друго, а особено не на бившиот/та. Патем, шопингот е секогаш добра опција.

Другар/ка ти само што раскина? 6 начини како навистина да помогнеш

5. Или пак, не правете ништо

Доколку почувствувате дека на вашиот пријател/ка му/ù е потребно само повеќе време да биде сам/а, тогаш најдобро што можете да направите е да оставите простор и време за тоа. Секој човек различно се соочува со животните кризи, а вие најдобро ги познавате вашите пријатели и знаете што им треба во моментот. Некогаш, доволно е да знае дека сте тука во кое било време.

Другар/ка ти само што раскина? 6 начини како навистина да помогнеш

6. Помогнете да се фокусира на другите аспекти од својот живот

Она што можеби најтешко им паѓа на сите после раскинување, особено кога станува збор за долга врска, е како да се прилагодат на фактот дека сè она што претходно го правеле во пар сега мора да го прават сами. Не дозволувајте да се откаже само затоа што сега ќе треба нештата да ги врши сам/сама. Особено важно е да помогнете да си ја поврати самодовербата, поттикнувајќи го/ја на нови предизвици, без разлика дали е тоа ново хоби, нова работа или пак можеби да повика некого на состанок.

Другар/ка ти само што раскина? 6 начини како навистина да помогнеш

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар