Домашни третмани за нега на кожата

Домашни третмани за нега на кожата

Не секогаш мора да потрошите цело богатство со цел да се ослободите од несаканите појави на вашето лице и тело. Кога подобро ќе размислите, сите состојки кои ви требаат за успешно да се справите со овие непријатности, веќе ги имате во својот дом, само треба правилно да ги искомбинирате.

Домашни третмани за нега на кожата

Груба кожа на рацете – веднаш ви треба пилинг, а еве како да го направите. Во еден сад ставете 2-3 филџани млеко (само малку загрејте го за да биде млако), додадете неколку кафени лажици шеќер и со смесата масирајте ги вашите дланки. Доколку кожата на дланките ви е многу сува, додајте 2 кафени лажички мед. После тоа темелно исплакнете ги дланките со млака вода.

Против мрсна кожа на лицето – помешајте еден пивски квасец во прав со малку јогурт и притоа внимавајте добро да се соединат состојките. Мешајте сè додека смесата не стане хомогена, а потоа нанесете ја на вашето лице. Мирувајте 15-20 минути, па добро исплакнете го лицето.

Исто така, за ослободување од мастите и истовремено освежување на лицето, можете да направите мешавина од сок од краставица и свежо исцеден лимон. Нека стои 10-15 минути, а потоа исплакнете. Сокот од краставица направете го дома. Изрендајте една краставица и со помош на газа исцедете ја течноста од неа.

Еве уште еден трик за справување со мрсната кожа – редовно чистете го лицето со памук на кој ќе нанесете малку чај од нане или камилица.

Флеки од акни – доколку имате проблем со дамки односно флеки од акни на кожата на лицето или телото, добро измијте кора од лимон, врз неа нанесете малку шеќер и масирајте нежно.

Против целулит – уште една примена на кафето – кофеинот кој е составен дел од талогот на кафето е одличен борец против најголемиот непријател на женскиот пол – целулитот. Многу фабрички направени третмани против целулит во себе содржат кофеин. Соберете талог (од обично црно кафе или пак од ќесичка за филтер кафе) и додека се туширате, втријте го на најзагрозените области, како задникот и бутовите. Додека се туширате гледајте да користите што е можно потопла вода за подобар ефект, но кога ќе го плакнете талогот од себе, правете го тоа со млака вода за потоа да добиете ефект на позатегната кожа. Кафето во борбата против целулитот можете да го употребите и на други начини.

За омекнување на кожата на лицето направете лесна и брза мешавина од брашно, маслиново масло и млеко, нанесете ја на лицето и почекајте 15-20 минути, а откако ќе ја исплакнете маската, ефектите ќе бидат веднаш видливи.

Пори на лицето – порите на лицето не се пријатна глетка и можат да прераснат во вистински проблем. Затоа, неколку пати неделно, откако ќе го исчистите лицето, исцедете малку течност од свеж домат на парче памук и поминете преку целото лице. Потоа исплакнете го лицето со ладна вода која ќе помогне за затворање на порите.

За сува кожа на лицето – проблемот со сува и недоволно потхранета кожа на лицето станува уште поголем во зимскиот период поради студот. Пробајте да ја потхраните со следнава смеса: 1 јајце и малку маслиново масло. 20 минути откако ќе ја нанесете, добро исплакнете го лицето.

Или пак, измешајте 1 жолчка од јајце со една кафена лажичка павлака, 1 лажичка масло и 1 лажичка природно исцеден сок од грозје. Мирувајте 15-20 минути откако ќе ја нанесете маската, па темелно измијте го лицето.

За тонирање на сите типови кожа – на лицето нанесете изрендано јаболко, нека отстои 15 минути, па исплакнете. Така кожата ќе ви биде тонирана и хидратирана.

Трик за справување со подочници – големите темни подочници се резултат на бурна ноќ, а се појавуваат дури наредниот ден. Веднаш ослободете се од нив. Тоа може да го направите со ставање ќесички од сварен чај (внимавајте да не се премногу топли), по можност зелен чај бидејќи е природен антиоксидант, или чај од нане. Нека стојат 10-15 минути. Или пробајте со нанесување на парчиња домат или краставица врз очите, но пред тоа чувајте ги во замрзнувач, нека бидат малку поладни за побрз ефект.

Против сува кожа на усните и петите – усните, особено во текот на зимата, можат да бидат подложни на сушење и пукање, затоа откако ќе измиете заби, исплакнете ја четката и додека е водена, поминете неколку пати врз усните. После тоа нанесете бадемово масло.

Доколку имате проблем со сува и испукана кожа на петите, направете нежна купка, а после тоа масирајте ги 10 минути со какво било масло за нега на бебешка кожа.

Домашен третман на пареа – исчистете го лицето со препаратите кои обично ги употребувате, но не правете пилинг за да не ви е надразнета кожата. Зовријте вода, нека постои 5 минути да се подолади и додадете некаква билка, како зелен чај или пак етерично масло. Над садот со вода останете 5-10 минути. Овој третман има најголем ефект во прочистување на порите.

Спа-третман – кој вели дека не можете да си направите спа-третман во вашиот дом? Направете смеса од три лажички какао во прав, 2 лажички брашно (по можност овесно) и додадете мед по избор.

Маска против стареење на кожата – интересна употреба на аспиринот. Издробете 2-3 апчиња аспирин и измешајте ги со млака вода. Нека стои на лицето 5 минути и одвреме-навреме масирајте нежно, за да добиете ефект на пилинг. После тоа исплакнете го лицето.

За ослободување од мртви клетки – доколку имате свежа тиква во вашиот дом, еве уште еден начин како може да ја искористите. Во еден сад додадете свежа изрендана тиква (количински, колку еден филџан за кафе) и 1 јајце, па добро измешајте ги состојките. Доколку кожата ви е сува, може да додадете малку мед и млеко. Оставете да дејствува 15-20 минути. Потоа темелно исплакнете.

Домашен третман за оживување и сјај на косата – направете мешавина од 1 лажица сок од јаболко и една лажица сок од лимон. Откако ќе ја измиете косата на вообичаениот начин, нанесете од мешавината низ целата коса и по неколку минути исплакнете.

За зајакнување на косата, изматете 2 јајца и додадете половина лажичка маслиново масло. Нанесете по целата должина на косата, масирајте на сува коса, нека делува 10-15 минути, па измијте ја косата со шампон.

Внимавајте! Третманите треба да ги прилагодите според вашите потреби и според видот на вашата кожа. Маските за лице употребувајте ги еднаш до два пати неделно, а пилинг правете најмногу два до три пати месечно, бидејќи кожата треба да создаде нови клетки, а со правење пилинг премногу често, вие ù го оневозможувате тоа. Кога правите домашни маски за коса, доколку косата ви е подолга, дуплирајте ги дадените количини на потребните состојки.

Колку други третмани во домашни услови за нега на кожа и коса знаете вие? Споделете ги со нас!


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Baby_girlie Reply

    Маска за лице против уморна, нечиста и деколоризирана кожа за во зима кога кожата е склона кон сушење и во недостиг од сончеви зраци:

    Излупете една добро созреана банана, испасирајте го нејзиниот плод, помешајте со една супена лажица мед (шумски или домашен за подобри резултати) и додајте неколку капки лимонов сок. Измешајте ја смесата се додека не стане хомогенизирана. Потоа нанесете ја на предходно исчистено лице, се до горната линија на вратот. Така нека стои 10-15 минути.

    Употребата на оваа маска и ја враќа природната ваша боја на кожата која се губи во зимскиот период. Истовремено ја храни и навлажнува кожата на лицето.

    Резултатите се неверојатни!

  2. Baby_girlie Reply

    Во продолжение: Можете да додадете 2 супени лажици јогурт или кисела павлака плус овес на гореспоменатата смеса.

  3. Gordana Reply

    Dobar piling za lice e i onoj od kafe.Znaci talog od kafe go nanesuvate i nezno triete po liceto.Plaknete so mlaka voda 🙂

Напиши одговор на Baby_girlie Откажи одговор