Домашен рецепт за тортички на стапче

Дали сте расположени за нешто благо и вкусно? Тортичките на стапче се толку практични и лесни за правење. Може да ги направите за родендени, забави или за уживање без никаков повод. Едноставно, правите чоколадна торта, а откако ќе се олади ја растурате, од неа правите топчиња, ги ставате топчињата на стапче и ги украсувате за да изгледаат неодоливо слатко. Тоа е тоа! Подготвени? Засукајте ги ракавите, почнуваме.

Домашен рецепт за тортички на стапче

Потребни состојки за тортата:
  • 2 филџани шеќер
  • 2 филџани брашно
  • 1 филџан какао во прав
  • 1 ќесичка прашок за пециво
  • 1 кафена лажичка сода бикарбона
  • 1 кафена лажичка сол
  • 2 јајца
  • 2 филџани млеко
  • ½ филџан масло
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 2 филџани зовриена вода
Начин на подготовка:

Загрејте ја рерната на 250 степени. Тавата подмачкајте ја со масло и нанесете брашно по целата површина за да не се лепи тортата. Во еден сад додадете ги: шеќерот, брашното, какаото, прашокот за пециво, содата и солта. Измешајте ги состојките, па во истиот сад додадете ги јајцата, млекото, маслото, ванилиниот шеќер и зовриената вода. Матете неколку минути со миксер на средна брзина, сè додека добро не се соединат состојките. Потоа добиената смеса истурете ја во тавата за печење. Ја одбравме оваа торта како најпогодна за тортичките на стапчиња бидејќи не е сува и полесно ќе ги формирате.

Домашен рецепт за тортички на стапче

Печете од 30 до 35 минути, а откако ќе биде готова, оставете ја подолго време добро да се олади. Она што е добро кај тортичките на стапче е тоа што се одличен начин да искористите остатоци од торта. Тортата која останала растурете ја во сад и преобразете ја во чоколадни топки. Никој нема ни да забележи дека тоа е истата торта.

Домашен рецепт за тортички на стапче

Вториот чекор е да ги формирате топките, но внимавајте тортата добро да е оладена. Растурете ја во еден сад, додадете еурокрем или каков било чоколаден крем, добро промешајте, а по желба може да додадете уште малку млеко. Смесата која ја добивте размесете ја добро со раце, а потоа направете топчиња. Сега ви требаат подолги стапчиња, пластични или дрвени. За подобро да стојат топките на стапчињата, нивните врвови намачкајте ги со топена чоколада пред да ги ставите топките. Така направени, тортичките на стапче оставете ги малку да одстојат во замрзнувач.

Домашен рецепт за тортички на стапче

Третиот и последен чекор е најкреативен – украсувањето на вашите тортички. Првата варијанта е да ги украсите со чоколадни трошки во разни бои, и тоа, прво топчињата ги потопувате во топеното чоколадо, а потоа ги валкате во трошките. Но вашата фантазија нека не запре тука, можете да ги украсите со чоколаден или овошен крем, да им ставите шлаг и чоколаден прелив, шарени чоколадни бонбончиња… Тоа е веќе дел кој го оставам на вас, па така вашите тортички ќе бидат не само вкусни туку и убави за око.

Домашен рецепт за тортички на стапче


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Нина Reply

    супер =)

  2. hasan Reply

    vauuuu ama izgleda vkusno

  3. littleblackdress Reply

    а има ли некаква замена за јајцата и млекото за да бидат посни?

    • Elii Reply

      Млекото може да се замени со посно млеко од соја, но јајцата не верувам. Зошто не пробате со оваа чоколадна торта, мислам дека од неа лесно би се формирале тортички на стапче:

      • 200 г шеќер
      • 200 г мед
      • 2 филџани кисела вода
      • 2 реда рендано чоколадо за готвење
      • 2 филџани масло
      • 300 г ореви
      • 300 г брашно

      Замесете го како тесто и испечете го. Понатаму постапката останува иста, може да употребите посен еурокрем кога ќе ја растурате тортата.
      Се надевам дека ќе добиете убави тортички на стапче :)

      • Bagz Reply

        Благодарам, баш ќе пробам :)

Остави коментар