„Детоксикација“ на животот во 5 лесни чекори

Сите понекогаш чувствуваме дека животот ни е пренатрупан и посакуваме да ја изладиме главата и да се вратиме назад на вистинскиот пат. Има периоди кога се чувствуваме потиснато, флегматично и ни фали инспирација и мотивација. Некогаш тоа се случува поради многу обврски, поминување тежок период во животот или губење надеж поради неостварени сништа. Време е да ја кренете главата и да си ја вратите желбата за нови победи. Еве како да го детоксицирате својот живот во 5 чекори.

„Детоксикација“ на животот во 5 лесни чекори

Идентификувајте ги вашите слаби точки

Во која област од вашиот живот во моментов се чувствувате потиснато и незадоволно? Дали станува збор за односите во семејството, кавга со пријател, или проблемот е во тоа што не сте доволно вреднувани на вашето работно место? Обрнете внимание на тие полиња. Така ќе знаете на што најмногу да ставите акцент и на што најмногу да обрнете внимание во текот на периодот на детоксикација.

Јадете добро за да се чувствувате добро

Не, не мора да држите диети до изгладнување, но вашата исхрана влијае на толку многу полиња во вашиот живот, така што и вашето расположение воопшто не е исклучок. Брзата и мрсна храна во вашата исхрана заменете ја со свежо сезонско овошје и зеленчук и здрави оброци.

Не мора да се откажувате буквално од сè, држете се до неколку слатки и „забранети“ задоволства. Но со самиот внес на повеќе свежа и здрава храна, вашето тело брзо ќе почне да дава позитивни резултати, а вие ќе се чувствувате подобро знаејќи дека сте воспоставиле некаков ред во исхраната и сте останале доследни до својата одлука. Со детоксикација на животот, секако оди и детоксикација во исхраната.

Пролетно чистење

Се вика пролетно чистење, но не мора да ја чекате пролетта за да се одлучите на таков чекор. Се мисли на генерално и детално чистење на вашиот дом или местото каде работите. Со тоа што доведувате ред во вашата соба и се ослободувате од непотребните работи, ќе чувствувате дека имате целосна контрола над животот. По темелно чистење и вие сте нова личност.

Тоа што местото каде живеете и работите е чисто и мириса убаво, ќе направи да се чувствувате подобро и ќе бидете попродуктивни во работата како и во секојдневниот живот. Затоа станете од столчето и темелно средете го секое ќоше од вашата соба. Создадете пријатна и убава атмосфера и ослободете се од сè што не ви треба. Направете некоја промена во поставеноста на мебелот и задолжително преуредете го плакарот. Нели чувството е добро?

Љубов за самите себе

Сега е време да ги средите мислите и да направите место за позитивни мисли. Сте знаеле ли дека секој ден во глава ни се вртат околу 70.000 мисли, од кои 90% се истите од претходниот ден? Што значи тоа? Дека вашата мисла го контролира вашето тело и вашите акции. Со тоа што ќе се сконцентрирате на позитивни промени и убави мисли, голема е веројатноста да ги задржите во вашиот ум многу долго време.

Проблемот е во тоа што, ние луѓето сме навикнати да натрупуваме и многу негативни мисли. Со негативните мисли се оддалечуваме од позитивните нешта во животот и се оградуваме од чувството на мотивација и надеж.

Често некој внатрешен глас знае да ни каже дека не сме доволно добри, убави, паметни. Прво, знајте ги овие мисли и бидете свесни за нивното постоење. Не игнорирајте ги, но спротивставете им се. Да, јас имам маани, но се прифаќам онаков/ва каков/ва што сум и навистина сум добар/ра во она што го правам. Пробајте да го кажете ова пред огледало. Дали постоењето на внатрешен глас во секој од нас звучи како лудост? Можеби, но не можеме да одречеме дека постои нешто што нè „јаде“ на моменти. Затворете му ја устата.

Имате лош ден? Помирете се со фактот што секој понекогаш има падови и лоши моменти и дека сè се случува со причина. Она што сте имале лош ден можеби е само најава за одличниот кој следува, исто како што сонцето заоѓа за да изгрее наредниот ден. Целата филозофија за посреќен живот започнува со сакање на она што навистина сте и прифаќањето дека имате маани и лоши моменти, баш како и секој човек на планетата Земја.

„Чистење“ на кругот на пријатели

Како што имаме пријатели кои ќе нè мотивираат да бидеме поодговорни и поупорни, така имаме и онакви кои ќе нè натераат да бидеме пасивни и непродуктивни. Имате ли пријателства кои ве задушуваат или просто не ве инспирираат на позитивен начин? Вие сте број еден личноста за која треба најмногу да се грижите. Да, ставањето остра граница за да го спречите влијанието на таквите личности може да биде тешко. Но по одредено време, ќе ви биде јасно од каков товар сте се ослободите. Помислете на себе. Постојат ли личности кои секојдневно се во вашето опкружување, но не ви мислат добро, не се однесуваат добро и на вас влијаат негативно? Ваша е одлуката дали и понатаму ќе им дозволите да влијаат на таков начин.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар