Дали сте го разгалиле вашето бебе?

Природно е во првите месеци родителот да одговара на сите потреби на бебето, но како што детето расте, родителите треба да избегнуваат да ги задоволуваат сите негови барања, за да не го разгалат.

Дали сте го разгалиле бебето?

Родителите ја имаат најважната улога во животот на бебето, па затоа треба да се потрудат околу неговото развивање со цел да формираат квалитетна личност. Тој процес е долг и тежок, затоа воспитувањето започнува уште од најмала возраст.

Секако, во првите месеци од животот на бебето, мајката и таткото одговараат на сите негови потреби, но како што тоа расте и го запознава светот, психолозите ги советуваат родителите да ги избегнуваат следниве работи, со цел да не го разгалат.

1. Земајте го бебето во прегратка кога плаче само во првите 3 месеци, затоа што дотогаш потребно му е да се чувствува сигурно и да развие доверба во родителите. После тоа, слободно пуштете го да плаче малце подолго и почекајте само да се смири. Доколку не престанува со плачење, обидете се да го смирите со зборување или тивко пеење.

2. Бебе од 9 месеци веќе знае дека со плачење може да ги повика родителите и да го привлече нивното внимание, па затоа обидете се да откриете дали плаче затоа што има некој проблем или само затоа што сака друштво и утеха.

3. Нежното нишкање во прегратка, кое успива, пожелно е родителите да го практикуваат додека бебето направи 3 или 4 месеци. После тој период, ова задоволство постепено одбегнувајте да му го давате и за одредено време потполно прекинете. Многу е важно детето да научи да заспива само.

4. Работите со кои не сакате бебето да си игра, чувајте ги подалеку од неговиот дофат и поглед. Родителите не се свесни колку брзо децата примаат информации, па затоа тргнете ги клучевите, мобилните и слични предмети кои не се играчки. Многу родители се жалат на тоа дека нивните две-три годишни деца баш тие предмети ги бараат, а тоа веројатно е затоа што тие работи им биле постојано пред очи и гледале како нивните родители ракуваат со нив. Добро би било кога околу бебето има само предмети со кои тоа може да си игра и да се забавува.

5. Кога грицкате нешто, природно е детето да посака да го проба тоа. Затоа пред бебето потрудете се да јадете здрави прехранбени продукти, овошје, зеленчук, млечни производи.

Исто така, немојте да му давате на бебето да ја пробува вашата храна веднаш штом тоа заплаче и ја подаде раката кон неа. Почекајте една или две минути само да се смири. Со тоа ќе научи дека не може да добие сè што ќе посака.

За авторот
Верува во луѓето и сака да ги разбира. Музиката – страст, кафето – љубов. Позитивна личност и ја гледа добрата страна и во најлошите работи. Невозможното е возможно кога ќе се открие вистинскиот пат.

Поврзани содржини

Остави коментар