Дали навистина е тешко да се биде маж во денешно време?

Во последно време, многу влијателни мажи се соочија со обвинувања за сексуално злоупотребување. Тоа ги поттикна момците да се чувствуваат непријатно и да коментираат дека „тешко е да се биде маж во денешно време“, бидејќи мора внимателно да размислуваат за секој контакт што ќе го воспостават со нивни колешки, пријателки, бивши девојки и сите останати жени кои би можеле нивното однесување да го сметаат за несоодветно.

Дали навистина е тешко да се биде маж во денешно време?

Вака се чувствуваат сите мажи, дури и оние кои го поддржуваат феминизмот. Но, сите тие забораваат на една работа: Како жените се чувствуваат секој ден? Суровата вистина е дека мажите не мора да се грижат за нивната физичка безбедност кога се опкружени со жени толку многу колку што жените треба да се грижат за својата безбедност во присуство на мажи.

Иако станува збор за многу необична и бизарна атмосфера, погрешно е да се користи терминот „лов на вештерки“ кога се зборува за откривањето на сексуалните злоупотреби извршени од страна на моќни мажи. „Ловот на вештерки“ е историска појава кога сингл жените биле неправедно казнувани со смрт, па затоа метафората во овој случај е крајно несоодветна и навредлива. Влијателните и насилните мажи сѐ повеќе се плашат поради тоа што секојдневно излегуваат нови и нови обвинувања. Но, тоа би требало да ги поттикне момците да се преиспитаат себеси и да размислат за нивното однесување. Колку што е тешко да не се биде расист во расистички свет исто толку тешко е и да не се биде сексист во околина каде што сексистичкото однесување се смета за нешто нормално. Потребни се голема посветеност и свесност за да се одбегне сексизмот.

Мажите немаат никакво право да се жалат поради тоа што се случува моментално, бидејќи конечно имаат можност да видат како им е на жените постојано. Жените постојано се соочуваат со начини на однесување кои ги преминуваат нивните сексуални и лични граници. На девојките постојано им дофрлуваат на улица, ги допираат на незгодни места, им даваат непристојни коментари, па дури и физички ги малтретираат. Во денешното општество, жените постојано мора да бидат на „штрек“, бидејќи опасностите демнат од секој агол.

Дали навистина е тешко да се биде маж во денешно време?

Иако можеби некоја жена немала негативни искуства, таа постојано прави стратегии како би се одбранила доколку дојде до такво нешто. Во денешниот современ свет, жените стекнале несвесни рефлекси за одбрана од мажи кои би можеле да им предизвикаат непријатност, физичка опасност или психичко малтретирање. Жените цврсто ги држат клучевите во раце кога си одат накај дома доцна навечер, ставаат слушалки со исклучен звук за да чујат ако некој ги следи, не влегуваат во автобус доколку забележат дека има пијан човек, внимаваат на нивните насмевки, погледи, зборови и тела затоа што НЕ САКААТ ДА ИСПРАТАТ ПОГРЕШНА ПОРАКА. Тие постојано се плашат да не бидат погрешно разбрани. Се плашат дека нивната љубезност ќе биде сфатена како флерт. Се плашат дека нивниот избор на облека ќе испровоцира некого. Се плашат дека мислењето на шефот и колегите се базира на нивниот физички изглед, а не на нивните работни способности.

Кога жените се наоѓаат во присуство на мажи кои не ги познаваат и на кои не им веруваат, тие стануваат претпазливи. А мажите кои никогаш претходно не помислиле дека нивната мажественост можеби претставува закана за некого, сега веројатно ќе станат посочувствителни кон жените кои секој ден внимаваат на нивното однесување и постапки.

Секако дека мажите не треба да се плашат од жените. Треба само да ги почитуваат. Тешко е да се биде маж во денешно време за оние поединци кои ги малтретираат, навредуваат и злоупотребуваат жените. И треба да биде тешко за нив! Тешко им е на оние кои си ја имаат мувата на капата. За сите останатите, воопшто не е тешко да се биде маж во денешно време.

За да дознаете повеќе во врска со тоа како е да се биде жена во денешно време, дознајте со кои неправди се соочуваат амбициозните жени.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар