Дали е можно да сте вљубени во две личности истовремено?

Имајќи го предвид современиот начин на живот, лесното создавање познанства и склопување пријателства, како и секојдневната комуникација која ја остваруваме со многу личности, сè почесто ни се наметнува прашањето: Дали е возможно да сакаме двајца истовремено?

Во денешно време речиси и не постојат такви кои остануваат со еден партнер цел живот, што би значело дека луѓето се способни да сакаат повеќе пати во текот на животот, но дали можат да сакаат повеќе од една личност истовремено?

Дали е можно да сте вљубени во две личности истовремено?

Дали е возможно да се вљубувате во друга личност додека сè уште го сакате сегашниот партнер? Дали можете еднакво да сакате повеќе од една личност на романтичен начин и дали со вљубувањето во друга личност ѝ одземате нешто на првата?

Како прво, многумина би ја одрекле вистинитоста на оваа појава бидејќи според нив љубовта е целосна физичка и психичка посветеност на една личност кон друга. Не може да почнете да негувате одредени чувства кон некого без да му одземете нешто на сегашниот партнер. Но од друга страна, љубовта не е ограничена, не е потрошно средство. На пример, родителите кои имаат  повеќе од едно дете се способни да си ги сакаат сите деца еднакво. Но сепак, дали станува збор за ист начин на сакање?

Од друг аспект, доколку би постоела дефиниција за љубовта, тогаш љубовта би ја дефинирале како моногамна. Партнерот од вас очекува да ви биде единствен и тоа впрочем е природниот тек на работите. Многумина посакуваат моногамна врска и за тоа не е потребно никакво  објаснување бидејќи тоа е она што се очекува од секој кој стапува во врска – да биде верен. Но дали е потребно објаснување за посакување полигамна врска? Дали постојат луѓе кои се способни да сакаат повеќемина и кои би можеле да бидат во отворена врска и дали таквите луѓе се почести отколку што мислиме?

Дали е можно да сте вљубени во две личности истовремено?

Друго прашање кое се наметнува во овој контекст е дали му одземате нешто на сегашниот партнер доколку се вљубувате во друг? Без разлика дали станува збор за емоционално неверство или работите стигнале до физичко неверство, постојат ограничени и неограничени ресурси со кои секој човек располага. Ограничени сме со пари и време, но не со чувства. Сепак, многу психолози тврдат дека иако нашите чувства не се потрошни и ограничени, развивањето симпатии кон друга личност по автоматизам прави да ѝ одземеме нешто на првата.

Во прилог на тврдењето дека може да сте вљубени во двајца истовремено, оди и аргументот дека би можеле да сме вљубени, но би ги сакале на различен начин, бидејќи секоја љубов не е иста. Најчесто втората љубов се случува поради:

  • оладување на односите со партнерот
  • монотонија во врската
  • финансиски проблеми
  • повторно појавување на личност во нашиот живот која ни била драга во минатото
  • возбуда и адреналин поради забранетото
  • потребата по нешто ново и различно

Најчесто луѓето кои се во долга врска бараат нешто ново, развиваат чувства кон одредена личност без да престанат да го сакаат својот партнер и без да сакаат да го/ја напуштат. Можеби станува збор за несигурност и несамодоверба, а можеби навистина чувствата и кон двете личности се речиси еднакви.

Дали е можно да сте вљубени во две личности истовремено?

Феноменот за вљубување во две личности истовремено не е и не може целосно да се објасни, бидејќи на крај сепак станува збор за индивидуален избор. Сепак е тешко прашање, љубовта не се наоѓа често, а некогаш се појавува во навистина несоодветно време, како на пример додека сте веќе вљубени во друга личност. Можеби најдобро би било да ја прекинете постоечката врска со цел да се обидете со новата, но не секогаш е толку едноставно бидејќи постојат околности кои многу влијаат и создаваат притисок. Некогаш не можете да заминете од постоечката врска, а некогаш не сакате. Па така не ретко се случува луѓето да пробаат да балансираат помеѓу двете врски.

Како заклучок би можело да се каже дека дури и да негувате чувства за двајца истовремено, не може да ги сакате со иста жар и не можете еднакво да бидете склони и кон двајцата. Со вљубување во друга личност додека сте веќе вљубени во една со сигурност и на двете страни им одземате нешто. Љубовта можеби не е потрошна, но во никој случај не би можеле совршено да ја избалансирате помеѓу две страни.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар