Дајте го најдоброто од себе на интервјуто за работа

Можеби не треба на овој настан да му пристапуваме со преголема количина на стрес, но сепак, станува збор за интервју за работа, кое може да ви го донесе посакуваното работно место. Многу текстови, книги и прирачници даваат совети за ваквите видови интервју.

Стив Шипсајд (Steve Shipside), во еден дел од својот прирачник „Ефективна комуникација“, детално му пристапува на овој проблем, решавајќи многу дилеми и давајќи совети за поуспешно интервју за работа.Дајте го најдоброто од себе на интервјуто за работа

1. Соодветна подготовка

Навидум интервјуто за работа би требало да биде лесно, треба да зборуваме за себе, а кој не сака да зборува за своите доблести? Како и да е, нервозата и тремата навистина можат да застанат на патот.

Како да се подготвите? – Вежбајте дома, како ќе седнете, како ќе се движите, што би можеле да кажете. Подгответе одговори на прашањата кои би можеле да ви бидат поставени. Вежбајте со пријател или член на вашето семејство, тој нека биде вашиот работодавач и нека ви поставува прашања. Она што никогаш не смеете да го прескокнете, без разлика за каква работа станува збор, е секогаш да бидете информирани за компанијата и работното место. Истражете нешто повеќе за фирмата каде одите на интервју за работа, од кога постои, што работи, кои се најпознатите проекти или производи и сл.

Кои се вашите квалитети? – Бидете подготвени да ги наведете вашите квалитети и добри страни, всушност бидете свесни за тоа кои се вашите вештини соодветни за таа работа. Што ќе биде кога ќе ве прашаат кои се вашите квалитети, а вие не знаете што да одговорите? Кога ќе ги кажувате вашите квалитети и добри карактеристики, внимавајте да не звучи како фалење, вие ги поседувате тие квалитети зошто сте се труделе да ги стекнете.

Како да се справите во последните минути пред интервјуто? – Еден ден пред интервјуто може да се чувствувате како да сте целосно спремни и опуштени, но како што интервјуто се приближува, вашата трема ќе расте. Земете контрола и не дозволувајте да ве надвладее. Само запомнете колку ја сакате таа работа и колку не вреди заради тремата да си ги упропастите шансите. Клучни се петте минути пред интервјуто. Еве што советува Стив:

„Проверете како изгледате, дали е сè во ред со вашата облека и вашата коса. Така ќе имате поголема самодоверба во текот на интервјуто.

Повторете си ги главните информации и податоци кои сте ги спремиле.

Земете воздух и полека издишете. Повторете го ова неколку пати за да се смирите и релаксирате.“

2. Ефективен тек на интервјуто

Интервјуто е најдобра шанса да зборувате за себе и бидете сигурни дека оној кој ве слуша, во случајов навистина сака да знае многу работи за вас. Зборувајте ефективно и направете секој ваш кажан збор да значи нешто.Дајте го најдоброто од себе на интервјуто за работаКако да зборувате? – Зборувајте полека и смирено. Темпото на зборување прилагодете го според она на личноста која ве интервјуира. Не зборувајте ни погласно, ни побрзо од неа. Концентрирајте се на прашањето, а не на тоа колку сте нервозни во моментот. Доколку не сте сигурни дали сте го разбрале прашањето, побарајте да ви биде повторено. Тоа е многу подобро отколку да зборувате работи кои не се поврзани со прашањето. Секогаш давајте сè од себе, не трудете се да одговорите најкратко што можете па да молчите. Дајте им до знаење дека сте информирани, способни и дека навистина ја сакате работата. Запомнете, колку и да сакате да ја добиете работата, личноста која интервјуира уште повеќе има желба да го најде вистинскиот човек за таа работна позиција.

Како да се мотивирате? – Внимавајте на работите кои треба да ги кажете и секогаш мотивирајте се мислејќи на погодностите кои ви следуваат од добивањето на таа работа. Секогаш кога барем малку ќе „заглавите“ во текот на интервјуто, запомнете дека мора да ја добиете работата, мотивирајте се и изборете се за саканата цел!

Како да се облечете? – Тука најчесто настанува дилема, но најмногу зависи работното место за кое сте аплицирале. Не претерувајте со деловниот изглед, особено ако не станува збор за канцелариска работа. Но од друга страна, не се однесувајте како да ви е сеедно и како воопшто да не сте обрнале внимание на вашиот изглед. Најголема грешка која девојките и жените ја прават е премногу разголеност на интервјуто за работа. Совесниот менаџер, без разлика дали е машко или женско, ги сака вистинските кандидати за работното место. Дури и да сте паметни и квалификувани, со провокативност ќе оставите впечаток како да сакате да привлечете внимание со својата облека, а не со своето знаење.

3. Најчести прашања на интервју за работа

Можеби многу работи зависат од видот на работното место, но постојат стандарди прашања кои се поставуваат скоро во сите интервјуа за работа. Дајте го најдоброто од себе на интервјуто за работаВежбајте ги одговорите на следните прашања:

Зошто ја сакате оваа работа? – Овде нагласувате зошто сакате да ја добиете работата и како вашите вештини би можеле да ви донесат голем успех на таа работна позиција.

Зошто сакате да работите за нас? – Дадете комплименти за нивниот углед, менаџерското уредување, нивниот успех и слично. Но не претерувајте, тие можат да ги препознаат вашите лаги и лицемерие. Бидете искрени. Мора да постојат причини зошто сте се одлучиле да аплицирате токму за тоа работно место, кажете ги.

Што мислиш, какви вештини бара оваа работа? – Набројте ги квалитетите кои соодветствуваат со работното место и ненаметливо дајте им до знаење дека вие ги поседувате истите.

Како можете да придонесете за развој? – Дадете пример за нешто во што сте навистина добри и како компанијата може да стане поуспешна поради таа ваша вештина.

Кои се вашите слаби точки? – Штом ве прашуваат кои се вашите доблести, сигурно дека ќе ве прашаат и кои се вашите маани. Никогаш не одговарајте дека немате слаби точки. Секогаш нагласете дека може лесно да управувате со своите слабости и да се подобрите.

3. За и против на интервју за работа

Одредени работи ќе придонесат до поголем успех, други пак можат да ви ги уништат шансите за добивање на работата.Дајте го најдоброто од себе на интервјуто за работаДобро е да го направите следново:

  • Прашајте за искуството на оној кој ве интервјуира во таа фирма.
  • Прашајте за шансите и можностите кои таа работа ви ги дава за да се развиете како личност.
  • Поставете прашање базирано на вашето знаење за работната организација, можеби податоци од некакво истражување и слично.

Негативно е следново:

  • Да преминете во интервјуер. Внимавајте, вие сте тие кои треба да одговараат на прашања. Добро е да поставите неколку прашања, но секогаш во склоп со некое нивно прашање или кон крајот на интервјуто кога и атмосферата ќе биде поопуштена.
  • Не прашувајте за плата, не нагласувајте дека парите се единствен мотив. Во интервјуто гледајте да ги нагласите вашите доблести и квалификации.
  • Не бидете пасивни, не одговарајте само со „Да“ или „Не“ и не изгледајте како умот да ви е на друго место.

4. Панел интервју

Многу е важно да знаете да се снајдете кога има повеќе луѓе кои ви поставуваат прашања. Групните интервјуа им даваат можност на оние кои ве интервјуираат да дознаат какви сте во група од луѓе, како се однесувате и како ги искажувате своите мислења. Секогаш нагласете дека сте тимски играч и дека совршено се снаоѓате во поголема група на луѓе.Дајте го најдоброто од себе на интервјуто за работаИако за многумина групното интервју е стресно, не дозволувајте стресот да ве надвладее. Замислете си дека зборувате со ваши другари и познаници. Најважно е да го вклучите секој член од оние кои ви поставуваат прашања. Дури и некој кој навидум е пасивен и не ве прашува ништо, ве анализира вас и вашето однесување. Кога одговарате прашања, не го гледајте само оној кој ви го поставил прашањето. Гестикулирајте и воспоставувајте контакт со очи со останатите членови.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар