Да живееме, цел живот!

Да живееме, цел живот!

Автор: Петар Лазаров

Неколку пати во последниве недели во различни ситуации се отвора дискусија или некоја ситуација каде што главен фокус е „животот“ и „живеењето“. Меѓутоа посебно ме изненади и позитивно поттикна да споделам со вас една ситуација која се случи пред некој ден. Собрани неколку пријатели во кафуле, еден мој пријател наздрави со здравицата „да живееме, цел живот“. Сите изреагиравме многу позитивно, и нормално се разви пријатна дискусија.

0-da-zhiveeme-cel-zhivot-kafepauza.mk

Ако ја анализираме убаво таа порака и малку подлабоко навлеземе во нејзината суштина, ќе видиме дека во неа се крие еден цел универзум на прашања, сознанија, идеи, техники, методи, стратегии, вештини и што уште не. Овде не ставува збор само да живееме додека не умреме (што генерално сите знаеме и го правиме, т.е. преживуваме), туку нешто многу поголемо. Една цела ЗЕН концепција се крие зад таа мудрост. Овде станува збор за среќен и мирен живот, исполнети и задоволни од себе, исполнети со љубов, реализирани, балансирани во умот и нашите постапки, се мисли на остварување на своите зацртани планови, формирање на задоволно и среќно семејство и многу други работи што ни го прават животот убав.

Во секој случај, да не се правам паметен, многу филозофи, автори, мудреци знаени и незнаени го разработувале прашањето за среќен и исполнет живот, и пак не е најдена некоја едноставна формула како да го постигнеме тоа. Ако некој знае таква формула за успех, го молам да ми ја пише веднаш. Но, мислам дека ќе мора да се задоволиме со фактот дека нема едноставна и брза формула за успех, и со цел да го оствариме тоа, ќе мора да ги засукаме ракавите и да работиме напорно на самите нас. Еве неколку практични совети, кои јас пробувам да ги следам (иако тешко оди) и верувам дека ако работиме на нив напорно и континуирано, може да влијаат позитивно на нашиот живот:

1-da-zhiveeme-cel-zhivot-kafepauza.mk

1. Свесност и искреност со себе: Нема, свесен или не, сите ние сме некаде на скалата на свесноста. Некој повисоко, некој пониско. Идејата е да бидеме што повеќе будни, со отворени очи, и реални за состојбата, случките околу нас и емоциите кои ги развиваме. За жал, опкружувањето, системот, медиумите, родителите, образованието, влијаат на нашата реалност и ни креираат слика која не е секогаш наша. Свесноста е контрола врз умот. Свесност е кога знаеме дека играме безбедно бидејќи ни е страв да не погрешиме, или кога го затвораме срцето, за да не бидеме повредени. Но, не и да се лажеме во тие ситуации дека ние така намерно правиме и дека отсекогаш така сме постапувале. Свесност е да не се лажеме себеси за нашите инстинкти и мотиви. Да бидеме искрени со себе.

2. Следете ја вашата вистинска природа (вредности): Кои сме ние вистински? Кои се нашите желби, мотиви, вредности, потреби? Сето тоа го знае вашето срце, но за жал мозокот е тој што ни ги прави сите пречки. Слушајте го повеќе срцето, и намалете го рациото. Правете го тоа што го сакате и што ве прави среќни. Не (помалку) слушајте ги другите што ќе решат или избегнувајте го концептот „затоа што така треба“. Ако не ви се допаѓа нешто, променете го.

3. Престанете да ја барате љубовта на вашиот живот: Таа ќе се појави кога ќе почнете да правите работи што ги сакате и уживате во нив. Но, прво преиспитајте се дали профилот што го креирате и ви треба е навистина тој или е креиран од вашата имагинација и се базира само на вашите желби.

4. Не се изложувајте на непотребни информации: Намалете на ТВ, вести, весници и други информативни алатки. Читајте повеќе книги и литература од вашата област на специјализација. Тоа многу повеќе ќе ви помогне во животот отколку да ги знаете сите информации од денешните вести, по неколку пати.

5. Отворете се повеќе: Отворете го умот, срцето и рацете. Отворете се за нови искуства и нови луѓе. Ако ви е тешко, почнете со експериментирање со нови вкусови (храна), облека, места за излегување, ситни работи што не ги правите секој ден, а нема да ви се одразат драматично на животот и работата.

6. Бидете оптимисти: Оптимизмот дава надеж. А надежта последна умира. Одете до крај. Оптимизмот води кон ентузијазам.

2-da-zhiveeme-cel-zhivot-kafepauza.mk

7. Живејте во моментот: Овој совет е најЗен! Времето не постои, постои само моментов! Цел живот го поминуваме во мислење за тоа „што се случило“ и „што ќе се случи“. Но, едното поминало, а другото не знаеме дали ќе дојде. Уживајте во моментите, повеќе.

8. Не глумете маченици: Секој си го има својот товар со себе. Како ти е тебе, така му е и на другиот.

9. Страдања: ПРИФАТЕТЕ дека тешки и лоши ситуации, проблеми, несреќи и други неубави работи имало, има и ќе има. Тоа е прво, да прифатиме. Следно е да пробаме да не се фокусираме на тоа што било, туку на пронаоѓање на најдобро и најефикасно решение како да се справиме со новонастанатите ситуации.

10. Не се врзувајте за материјалното: Знам дека ова е многу тешко, посебно кога цел свет промовира и подржува материјалност, но не треба многу да се врзуваме со некои ситници и неважни предмети.

11. Немојте да сте многу строги кон себе: Критичкиот родител кај секој од нас е присутен. Секогаш ќе биде нашиот најголем критичар. Нека се опушти малку.

12. Бидете благодарни на она што го имате: Бидете дете и радувајте се на сите ситници како што тие се радуваат. Гледајте ги децата.

3-da-zhiveeme-cel-zhivot-kafepauza.mk

13. Сите грешиме: Види бр. 11

14. Простете: Сите ние ја чуваме во себе лутината на тие што сме им лути. Нема потреба.

15. Карма: Има секакви објаснувања за кармата. Јас ќе го искористам објаснувањето што се поистоветува со 3-от Њутнов закон и кој вели дека кармата е акција-рекација на животот, односно акциите што ги правиме ни се рефлектираат преку реакциите што ги добиваме. Внимавајте на вашите акции.

16. Натпреварувајте се со себеси: Другите се интересни, но вистинскиот натпревар треба да е со нас самите. Да бидеме подобри од она што сме биле вчера.

17. Вежбајте некоја ментална или физичка активност: Физичката активност ќе ви ја потроши негативната енергија и ќе ве врати во живот, а менталната ќе ве научи како да го избегнете или да се справите со стресот.

18. Животот е краток, живејте го својот сон. Мудро!

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар