ДА за утринската рутина!

Најважна од сè била рутината. Луѓето кои имаат рутина, демек живееле поздрав начин на живот. Се мисли на рутина буквално во сè. Рутина на станување и започнување на денот, рутина во подготовка на кафе или оброк, рутина просто во начинот на живот. Наидов на текст со наслов „Зошто треба да продолжите да го правите утринското кафе“, каде авторот објаснува дека тој најпрост и навидум неважен ритуал значително може да придонесе за поголема креативност. Кога сме веќе кај навиките, се препорачува станување во зори бидејќи тој период од денот содржи најмногу енергија. Баш во зори нема да го биде, барем кога сум јас во прашање, но во секој случај станувам рано.

Па едно утро, јас го направив она што не се очекуваше од мене – заминав да џогирам. Ок, не беше џогирање, но се движев. Слушалките на уво, водата во рака и ги поздравував пензионерите по пат. Сфатив колку е вистински убаво утрото. Но, не зборувам за рано станување и транспорт до работа или факултет. Просто шетав покрај мирното езеро, го впивав утринското сонце и се чудев како е можно сите овие години да му немав посветено олку внимание на тој величествен дел од денот – раното утро. Отсекогаш сум го сакала тој дел од денот, но чекај, сега ми е дел од рутина и тоа ми звучи уште подобро.
ДА за утринската рутина!Да бидам реална, се уморив порано отколку што мислев, на враќање кон дома како да имав цел оркестар во стомакот од толку што ми се јадеше, по појадокот се струполив во кревет и се освестив по неколку часа. Рутината и не е баш за мене. Но, во секој случај станувањето рано и искористувањето на денот од самиот почеток, ми звучи многу добро. Сега сè што ми преостанува е да си најдам кученце кое ќе шетка заедно со мене наутро за да ме мотивира да бидам поактивна. Значи договор, секое слободно утро кое го имам, ќе го користам за пешачење. Супер. Освен денешното утро. Денес сакам да се тегнам по пижами во кревет, да пијам кафе исто така во кревет, да го донесам лаптопот во кревет, да пишувам во кревет и да се стопам во тоа најомилено и најудобно место на планетата Земја – мојот кревет. Од утре се бориме за нови подвизи и победи, ново доживување на секое утро и впивање на позитивната енергија од зората. Има да се чувствувам како мала утринска роса која застанува на некое цветче. Ми се допаѓа како звучи оваа идеја.

Неодамна слушнав за луѓе кои живеат со помош на енергијата од сонцето. Ама буквално само од енергијата на сонцето. Не пијат и не јадат. Или пијат и јадат многу малку. Наречете ме плитка, ама колку и да гледам во сонцето ќе ми треба еден богат сендвич за да поминам низ утрото. Исто, се препорачува секое утро да се започне со гледање на изгрејсонцето. Едно знам, ако мајка ми ме фати како мирно стојам и се ѕверам на исток, ќе ме прати на клиника за одвикнување од тешки дроги. Ок, нашиот народ е сепак многу конзервативен за да му се пренесуваат идеи за препород и тренирање на мозокот преку медитација. Барем поголемиот дел.

Едно знам, рутината навистина е добра. Ама некогаш е добро и да се биде спонтан. Ако ме прашувате мене, би се одлучила да балансирам меѓу животот со рутина и оној со спонтани дејствија.

Ели


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар